ZENVO TSR-S – „СЕКОЈДНЕВЕН“ СО 700 ИЛИ 1177 КОЊСКИ СИЛИ

19/07/2019

Зенво во превод значи нешто како данска манџа. Делува малку чудно и уште повеќе необјасниво како тоа таа „манџа“ од северот да биде толку забиберена и олутена? Тие немаат таков темперамент и сега се прашуваме од каде им толку лута „направа“. Пред неколку години еден нивни сосед направи нешто слично и сè уште опстојува како таков, а неговото име е „кенигсег“, во превод кралското јајце. Зенво е нешто слично на него. Неодамна претставениот модел „тср – с“ ќе се прави само во пет примероци годишно. Некој ќе каже тоа го прават поради ексклузивитет. Точно, тука ексклузивитетот е пресуден, но има еден ситен детал кој не е присутен кај останатите од неговата класа или се претерано ретки.

Што е тоа толку посебно кај „зенво тср – ц“. Тоа е автомобил од ултра спортската класа чија шасија и севкупната конструкцијата се изработени од легиран челик и алуминиум, а школката во себе содржи исклучиво карбонски материјали, односно нивни комбинации, композити. Бидејќи конструкторите сакале да создадат автомобил кој ќе влече кон вистинските вредности на спортските купе автомобили со предзнак „супер“ и „ултра“, од пресудно значење им била тежината. Намалувањето на килограмите не одело само преку лесните материјали туку и ослободување од клима уредот, од електриката на стаклата, електриката на седиштата и останатите украси во внатрешноста. Тоа „с“ значи „стрит’ односно улица, уличен. Да појасниме. Изведбата „тср – с“ е сместена помеѓу нивниот гран туризмо автомобил „тс1 гт“ и тркачкиот „тср“. Практично имате тркачки автомобил само што има дозвола за возење на обичните улици.

Најголемата новост кај него е што задниот спојлер игра улога не само да го држи автомобилот при големи брзини на правците, туку и да ја намали центрифугалната сила. Затоа го нарекуваат центрипетално крило. Со тоа автомобилот има поголема стабилност во свиоците – центрипетално крило ја намалува центрифугалната сила која тежнее да го исфрли автомобилот надвор од свиокот, посебно задниот дел.

Рачно изработениот „зенво тср – с“ поседува 5,8 литарски V8 мотор со силина во распон од најмалку 700 и најмногу 1177 КС. Во зависност од тоа кој режим на работа на моторот ќе го одберете, електрониката и компјутерот ќе определат колку коњски сили да ви остават на располагање.,„Минимум“, „и ку“ или „максимум“. Тоа кај максимумот значи дека имате на располагање 1177 КС. Затоа од 0 до 100 км/ч потребни му се само 2,8 и 6,8 сек. од 0 до 200 км/ч. За крајната брзина се грижи електрониката и воедно ја ограничува на „скромни“ 325 км/ч. Со режимот „и ку“ раководи компјутерска единица, односно како возите така се прилагодува и ве исправа ако претерате, а со минимумот имате само 700 КС.

Со помош на електрониката се контролира и контактот на пневматиците на подлогата, таканаречената контрола на тракцијата. Кога сензорите јавуваат дека некое тркало го губи контактот со подлогата во однос на останатите, тогаш системот одзема од брзината и го забавува автомобилот сè до моментот кога сензорите ќе откријат дека сите тркала имаат добар контакт со подлогата. Скротувањето на тие максимални 1177 КС секако дека ќе оди со електронски системи, бидејќи секој возач инема чувство да управува со ултра супер брзо купе. Тие коњски сили од централно сместениот мотор се пренесуваат на задната оска преку седум степен менувач. Сувата тежина на автомобилот „оди“ до скоро 1,5 тони, 1495 кг и сето тоа е сместено во следниве димензии: должина 4815 мм, ширина 2038 мм (без ретровизори) и 1198 мм висина, додека растојанието меѓу оските изнесува 2906 мм. •

 

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.