ЗАШТИТЕТЕ ЈА КОЖАТА ОД ШТЕТНОТО ВЛИЈАНИЕ НА СОНЦЕТО

25/06/2019

ЗА ШТЕТНОТО ВЛИЈАНИЕ НА СОНЦЕТО ВРЗ КОЖАТА СЕ ЗБОРУВА МНОГУ, НО ВО ЛЕТНИОТ ПЕРИОД КОГА ДИРЕКТНАТА ИЗЛОЖЕНОСТ Е НАЈГОЛЕМА, КАКО ДА СЕ ПОДЗАБОРАВА НА ПОСЛЕДИЦИТЕ, СТАВАЈЌИ ЈА ЗАШТИТАТА ВО ЗАДЕН (ВТОР) ПЛАН. СОНЦЕТО МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА НИЗА ПРОБЛЕМИ, А СТРУЧЊАЦИТЕ, ОСВЕН НА ИЗГОРЕНИЦИ, ПРЕДУПРЕДУВААТ И НА КАФЕАВИ ДАМКИ, ЛУПЕЊЕ, СУШЕЊЕ, ЦРВЕНИЛО НА КОЖАТА, ПА И РАК. ЗА ДА НЕ ДОЈДЕ ДО ТАКВО НЕШТО, СЕ ПРЕПОРАЧУВААТ ДЕСЕТ НАЧИНИ НА ЗАШТИТА ОД ШТЕТНОТО ВЛИЈАНИЕ НА СОНЦЕТО.

 

Летото асоцира на безгрижност, што значи дека и размислувањето за кожата, како да се заштити од штетното влијание на сонцето, паѓа во вода. Мрзливоста е, исто така , една од причините, а и митот дека треба да фатиме малку боја за да изгледаме поздраво, поубаво, сè уште го сфаќаме сериозно. Доколку, пак, кожата не произведува доволно заштитен пигмент (меланин), ултравиолетовите зраци ќе ги уништат клетките на кожата, па и обичното црвенило ќе биде знак на тревога. За да ги избегнеме последеците, кои во најголема мерка се штетни, треба да се придржуваме кон препораките на стручњаците.

ЗАШТИТЕТЕ СЕ СО ОБЛЕКА И СО КАПА

Еден од најдобрите начини да се избегнат штетните ултравиолетови зраци е заштитата со облека. Познато е дека сонцето е најјако во периодот меѓу 10 и 16 часот. Доколку можете, избегнете ја директната изложеност. Во спротивно, заштитете се со адекватна облека и покривало за глава, и немојте да заборавите да се намачкате со крем со заштитен фактор. Внимавајте при изборот бидејќи шеширите и облеката во темна боја и со густо ткаење повеќе ги апсорбираат ултравиолетовите зраци, во споредба со лесната памучна такенина во светла боја. Исто така, сувиот материјал штити
подобро од мократа ткаенина.

НАХРАНЕТЕ ЈА КОЖАТА СО КРЕМА СО ЗАШТИТЕН ФАКТОР

Стручњаците предупредуваат да се користи крем чиј заштитен фактор е најмалку 15. Треба да се нанесе доволно количество бидејќи, според нив, тенкиот слој може да ја намали заштитата дури за 50 отсто. Доколку сакате да пливате, најдобар избор за вас е водоотпорниот крем за сончање.

КРЕМОТ НАНЕСУВАЈТЕ ГО РЕДОВНО, А НЕЗАБОРАВАЈТЕ И НА БАЛЗАМОТ ЗА УСНИ

Намачкајте се со кремот со заштитен фактор барем 20-30 минути пред да се изложите на сонце, за да има доволно време да се впие во кожата. Тоа повторувајте го секои два часа, па дури и почесто ако се потите. Доколку имате светол тен, претходната вечер, пред спиење, намачкајте се со кремот за кожата целосно да го апсорбира, а утредента половина час пред да се изложите на сонце. Притоа не заборавајте дека и усните се изложени на ултравиолетови зраци. Затоа почесто мачкајте ги со балсам со заштитен фактор најмалку 15.

И УШИТЕ ПОКРИЈТЕ ГИ СО ПЛАТНЕН ШЕШИР

Луѓето често забораваат да ги заштитат чувствителните делови од телото, како што се деколтето, носот и рацете. Стручњаците велат дека дури 80 отсто случаи на заболени од рак се поврзуваат со вратот, главата и рацете. Предност имаат платнените шешири, во споредба со сламените, а заштитниот крем треба да се нанесе на сите истакнати делови од телото.

 

ПАСТА ОД ЦИНКОВ ОКСИД ЗА НОСОТ

На истурените делови од телото, како на пр. носот, треба да се обрне посебно внимание. Спасувачите на плажите го мачкаат со паста од цинков оксид, но треба да знаете дека тој нема заштитен фактор поголем од 7. Затоа прво нанесе- те крем со заштитен фактор 15, оставете го да се впие, а дури потоа намачкајте се со паста од цинков оксид. Ако одите боси на песок, не заборавајте да ги намачкате и стапалата.

УЛТРАВИОЛЕТОВИТЕ ЗРАЦИ „НАПАЃААТ“ И ВО ЛАДОВИНА

Немојте да мислите дека ќе се заштитите од сонцето ако седите на сенка, во лад, под чадор или крошна, бидејќи ултравиолетовите зраци доаѓаат отсекаде, се одбиваат од песокта, бетонот и други површини. Не се одбиваат од водата, но минуваат низ неа, што значи дека не сте заштитени од сонцето додека пливате.

ИЗБЕГНУВАЈТЕ „ПРЖЕЊЕ“ НА ПЛАЖА

Без оглед што стручњаците велат дека не постои здраво темнеење, плажите во текот на летото се преполни со луѓе кои буквално се „пржат“ на сонце, сметајќи дека црвенилото е всушност природен пат до потемнување. Повеќечасовното лежење на плажа, на сонце, особено е опасно за луѓето со светол тен. Повеќето од нив не можат да ја добијат саканата боја, па само се изложуваат на поголем ризик да се здобијат со изгореници. Затоа треба постепено да се изложуваат на сонце за кожата да создаде доволно меланин за одбрана од ултравиолетните зраци. Исто така, треба да се избегнува масло за сончање бидејќи може да ја влоши ситуацијата.

НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ ВРЕМЕНСКИТЕ УСЛОВИ ДА ВЕ ИЗЛАЖАТ

Па и времето да е облачно, студено, не заборавајте да се намачкате со крем со заштитен фактор бидејќи ултравиолетовите зраци минуваат и низ облаците. Доказ се скијачите, кои можат да изгорат и сред зима.

ДОКОЛКУ ЗЕМАТЕ ЛЕКОВИ, ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ ИМААТ ФОТОЧУВСТВИТЕЛНОСТ

Некои лекови како тетрациклините и диуретиците можат вашата кожа да ја направат исклучително чувствителна на сонце и така да го зголемат ризикот од појава на изгореници, вклучувајќи и некои билни екстракти, како на пр. маслото од кантарион, што се фототоксични. Ако земате лекови за кои сметате дека ќе бидат опасни за вас, во каков било поглед, кога ќе се изложите на сонце, консултирајте се со вашиот лекар или фармацевт.

ИЗБЕГНУВАЈТЕ СОЛАРИУМ

Во потрага по здраво сончање, многу луѓе кои сакаат да потемнат одат на солариум. Произведувачите велат дека модерните солариуми гарантираат здраво сончање бидејќи произведуваат долгобранови ултравиолетови зраци (УВА) кои не предизвикуваат изгореници, ниту рак на кожата. Сепак, според истражувањата, тие продираат подлабоко во кожата во однос на среднобрановите ултравиолетови зраци (УВБ), и со текот на времето ја сушат кожата, предизвикуваат нејзино мрешкање, па и рак.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.