ОТКАКО СИНТЕТИЧКОТО ГОРИВО Е ВМЕТНАТО ВО НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА ФОРМУЛА 1 ОД 2026 ГОДИНА, СВЕТСКАТА АВТОМОБИЛИСТИЧКА ФЕДЕРАЦИЈА ПРАВИ ИЗМЕНИ И ВО ДРУГИТЕ ПРВЕНСТВА, ПА ТАКА КЛАСИЧНИОТ ТРКАЧКИ КАЛЕНДАР ЗА ТРКИТЕ ОД WTCR ЌЕ БИДЕ ЗАМЕНЕТ СО НОВ ФОРМАТ КОЈ ШТО Е ПОБЛИЗОК ДО ОПРЕДЕЛУВАЊЕТО НА ФИА ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И ОДРЖЛИВОСТ НА САМОТО НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Почнувајќи од 2005 година, ФИА го организира највисокото по ранг светско натпреварување за туринг возила, кое до 2017 година беше насловено WTCC (World Touring Car Championship), а потоа со усвојување на ТCR техничките правила од 2018 година прерасна во WTCR (World Touring Car Cup). Иако договорот меѓу сопствениците на правата за техничките правила и ФИА во 2021 година беше најавено дека истиот е продолжен и за сезоните во 2023, 2024 и 2025 година, двете страни објавија дека ова е последна сезона на трките од WTCR во форматот каков што беше досега организиран.
Во текот на 2022 година (по промената на календарот заради политичките случувања) се испланираа девет трки, односно најмногу по 2018 и 2019 година кога имаше по десет. Тоа беше навестување на „враќање во нормала“ по двете сезони обележани од пандемијата на Ковид-19, но објавата за промени од следната сезона сепак дојде без посебна најава. Соопштението на ФИА децидно нагласи дека петтата сезона од WTCR воедно ќе биде последна, а доколку постои некоја идна еволуција на натпреварувањето ќе биде дополнително објавена. Во таа насока, посочено е дека ФИА ќе спроведе „длабинска анализа“ по прашањето на оваа категорија, но во исто време нагласи дека нема да има никакви промени во серијата за ETCR (eTouring Car World Cup) во текот на 2023 година.
Постои потреба да се идентификува и испита што е најдобра и најодржлива иднина за врвните натпревари со туринг автомобилите, како дел од портфолиото на ФИА. Наша цел ќе биде да ја задржиме светската титула за возилата со конвенционален погон, а воедно да обезбедиме дека натпреварувањето е силно и престижно. Низ историјата, трките со туринг автомобили користеле различни формати, а титулите биле одлучувани низ серија од трки или на поединечен настан. Во моментов ги разгледуваме сите можности, а приоритет ни е да обезбедиме натпреварувањето да има стабилна база на која ќе може да напредува во иднина. Со TCR имаме докажан сет на технички правила, а разни автомобилски брендови биле ангажирани низ повеќе од илјада трки насекаде во светот. Затоа, намерата ни е да продолжиме напред со оваа платформа, гласи изјавата на Ален Гоу, претседател на комисијата за туринг автомобили во ФИА.
Синхронизирано со светската федерација, со свое соопштение се јавија и претставниците на промоторската компанија. Техничкиот правилник е сопственост на WSC (World Sport Consulting), додека како промотор се јавува DSE (Discovery Sports Events). Преку нивното соопштение се објаснува дека „ќе го свртат својот фокус кон промовирање на ETCR“, а притоа ќе работат на воспоставување на нов натпреварувачки формат за туринг возилата…
Ништо нема да се смени во 2023 година за ETCR и ова натпреварување ќе продолжи со формат кој подразбира календар со повеќе настани, што ќе биде приоритет за нас како промотори. Тие електрични автомобили се вистински ѕверови и со нив се прават возбудливи трки. Претставувањето на оваа категорија е мошне современо и форматот е прифатен од врвните меѓународни ѕвезди на туринг трките. Две клучни работи се одржливоста и вистинското натпреварување, па на тие две нешта ќе гледаме позитивно во иднина,- вели Франсоа Рибеиро, прв човек на промоторската компанија.
Одговарајќи ги коментарите за напуштањето на досегашниот традиционален календар на WTCR, од компанијата укажуваат дека со предлогот за воведување на формат кој подразбира само еден настан во годината ќе се создадат услови за поголемо интернационално учество, алудирајќи на можноста повеќе учесници да си го дозволат таквото натпреварување. Дополнително, целта е да се има највисоко можно ниво, а притоа да биде задоволен и критериумот за одржливост. Целата идеја ќе биде јавно претставена откако ФИА ќе даде зелено светло за неа.
Минатата година кога најавивме дека ќе ја продолжиме долгата соработка со ФИА за да го промовираме WTCR, имавме идеја да го направиме одржливо за околината како дел од нашето залагање за одржлив авто спорт. Воведувањето на соодветно гориво е централно во сето ова. За жал, горивото кое што е 100% без фосилно потекло, не е сè уште компатибилно со моторите што се користат во TCR и има преголеми барања од механичките делови. Сè повеќе спонзори не сакаат да бидат поврзувани со категорија што не користи гориво без фосилно потекло, па загрижени сме дека тоа може да има негативно влијание врз учеството во 2023 година, бидејќи и пандемијата, и војната во Украина и економската ситуација веќе влијаеја на тоа. Идниот формат со еден настан ќе помогне да ги адресираме тие грижи, објаснува Рибеиро.
За разлика од Формула 1 која најави дека од 2026 година ќе користи синтетичко гориво, во случајот на WTCR сè уште нема таква прецизна дефиниција во правилата. Меѓу редови може да се прочита дека сега гориво ќе остане во употреба за идната сезона, но лавината предизвикана од промените ќе ја зафати и оваа серија.
Ние имавме договор за 2023, 2024 и 2025 година кој зависеше од активирање на опција. Одлучивме да не ја искористиме таа опција и да работиме на развој на нов формат кој ќе обезбеди најдобра иднина за врвното глобално натпреварување на туринг трките во кои се користат мотори со внатрешно согорување. Заедно со WSC гледаме оптимистички на ова бидејќи новиот формат ќе биде мошне релевантен за TCR категоријата, а воедно ќе им обезбеди на производителите на автомобили поттик за да ги претстават нивните возила во најдобро светло. Ќе споделиме повеќе детали веднаш штом ги финализираме договорите,- се вели во лиферуваното соопштение од „DSE“.
Редукцијата на емитување јаглерод диоксид во атмосферата не настанува само со трките, туку и со патувањата поврзани со нив, бидејќи се користат превозни средства кои ја загадуваат животната средина. Во најавата за 2022 година, ФИА промовирајќи го календарот за ETCR најави користење на бродски превоз наместо авион, бидејќи со него се овозможува 90% намалување на емисијата на јаглерод диоксид.
Од друга страна, WTCR имаше навистина турбулентна сезона во која се откажа три трки на крајот од сезоната (Кина, Јужна Кореја, Макао), но сепак направија напор да организираат завршница со две настани во Бахреин (11/12 ноември) и Саудиска Арабија (26/27 ноември). Претходно, во текот на сезоната се појави неочекуван проблем со пневматиците на Гудјиар, за време на трката во Германија, по што еден тим се повлече од натпреварувањето.
Во пресрет на последните две трки, водечки на табелата е Микел Аскона, пред Нестор Џиролами, а бидејќи разликата е 35 бода, трката за титулата е отворена со 55 поени на располагање во секој од двата преостанати гран при викенди.