ГОДИНАШНОТО РЕЛИ НА ГРЦИЈА ЌЕ ОСТАНЕ ЗАПАМЕТЕНО КАКО ЕДЕН ОД НАЈБРУТАЛНИТЕ НАСТАНИ ВО СКОРЕШНАТА ИСТОРИЈА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ. МЕЃУТОА И ВО ОЛКУ ТЕШКИ УСЛОВИ КАЛЕ РОВАНПЕРА ИСТРАЈА И ДОЈДЕ НА ЧЕКОР ПОБЛИЗУ ДО ОДБРАНА НА ТИТУЛАТА
Познато по неподносливите горештини, грубата подлога и задушувачката прашина Акрополис рели на Грција покажа дека е сериозен противник на кого треба да му се пристапи со должен респект. Озлогласено заради способноста да фрли во очај, ова рели кое што љубителите на мотоспортот милуваат да го наречат „Рели на Боговите” и годинава покажа дека незалудно го носи реномето за еден од најтешките настани во шампионатот. Боговите како да сакаа намерно, токму на јубилејот, да го истурат својот гнев врз екипажите од Светскиот шампионатот и многумина место на цел завршија некаде крај пат.
Годинава Акрополис рели на Грција слави два големи јубилеји: 50 години од влегувањето во календарот на Светскиот шампионат, во 1973 година. Беше шести по ред настан токму во таа прва година кога почна да се одржува Светскиот шампионат во рели и 70-ти по ред настан откако почнало да се одржува ова рели во далечната 1951 година независно од Светскиот шампионат. Испуштени се само три години: 1974 заради светската нафтена криза, 2019 заради реорганизација на целиот настан и 2020 заради пандемијата од Ковид-19.
Интересно само десет големи возачки имиња во историјата на ова рели успеале да победат повеќе од еднаш. Најмногу победи има однесено легендата Колин Мекре, дури пет. Најуспешниот релист на сите времиња Себастијан Лоеб има три победи, а во ова престижно друштво влегува и минатогодишниот шампион младиот Кале Рованпера кој брои две победи. Од нив втората ја освои токму годинава, иако за волја на вистината најмалку ја очекуваше. Како лидер во шампионатот Кале мора да стартува прв што претставува хендикеп на ова рели. Но, истрајноста на шампионот се покажа вредна на ова рели. После низата откажувања на ривалите кои беа пред него тој стигна до нова победа, значајна после откажувањето во Финска, и со неа е чекор поблизу до одбрана на титулата. Релито на боговите имаше уште едно изненадување како за екипажите, така и за публиката. Организаторите одлучија специјалниот брзински испит со кој се отвора релито во четврток навечер, да го преселат од Олимпискиот стадион во Атина на прекрасното шеталиште крај морскиот брег доближувајќи го релито до публиката. Приредувајќи вистински спектакл рели монструмите ги одушевија фановите кои беа собрани во значително поголем број од што дозволува стадионот. Во една ваква еуфорична атмосфера Рованпера беше човекот кој го поведе релито. Иако ова шоу на асфалтот од улиците на Атина ниту од далеку не може да прикаже реално што ги очекува екипажите на грубите патеки низ грчките планини.
А, ги очекуваше брутален петок кога стартува вистинскиот натпреварувачки дел од релито. Пет исцрпувачки брзински испити без можност за сервис беа горко освестување за екипажите. Лизгавиот чакал веднаш му покажа на Рованпера дека неговата стартна позиција не му е наклонета. Нувил беше човекот кој поведе од првиот испит на денот тесно следен од Ожие. Иако вториот и најгруб испит од релито го доби Рованпера сепак неговата сила беше дотука. Рано стана јасно дека копјата ќе се кршат меѓу Нувил и Ожие. Возачот на Hyundai кој ја предводеше минатогодишната 1-2-3 победа за тимот држеше одлично темпо и успеа да го поведе релито навестувајќи уште еден голем успех за Корејците. Нувил ги надмина и проблемите со задниот диференцијал на последниот испит од денот и го заврши на водечката позиција. Ожие беше зад него заостанувајќи 2,8 сек.. Иако на последниот испит за момент имаше подобро време од Нувил сепак мораше да се задоволи со второто место. Рованпера успеа да држи чекор со водечката двојка и денот го заврши на трето место заостанувајќи зад Ожие 25,5 сек.. Тој успеа да го задржи зад себе тимскиот другар Еванс кој мораше да се задоволи со четвртата позиција. Петти заврши Есапека Лапи кој покрај проблемите успеа да го доведе својот автомобил до сервисот на Hyundai. Најголеми трагичари беа екипажите на M-Sport Ford. Заради проблеми со моторот се откажаа и Пјер-Луи Лубет, и Џордан Сердеридис, додека Танак пријави слични проблеми и го заврши денот деветти.
Никој на стартот во мирното саботно утро не очекуваше дека боговите на релито одлучиле токму тој ден да го истурат својот гнев врз водечките екипажи. Лутата борба за секунди, од утрото подоцна, се претвори во борба за преживување. Големи возбудувања приреди првиот испит од денот. Ожие го доби Нувил за повеќе од десет секунди и го поведе релито, но веќе на следниот испит згреши повторно препуштајќи му ја лидерската позиција на Белгиецот. Меѓутоа Нувил ниту од далеку не можеше да претпостави што го чека два испити подоцна. Токму на десеттиот испит од релито удри во дупка и го уништи потпирањето на предното десно тркало. Без можност да ја закрпи штетата беше принуден да се откаже. Водството го презеде Ожие, но не за долго. И тој два испити подоцна, поточно на последниот испит од денот, удри во камен корнејќи го задното лево тркало по што мораше да се откаже. Така лидерската позиција прејде во рацете на Рованпера кој дотогаш беше пласиран на трето место. Второто место го освои Сордо кој успеа да го престигне Еванс откако Велшанецот имаше проблеми со хибридниот систем. Еванс заврши трет. Четвртото место го наследи Танак откако Есапека Лапи остана без погон на задните тркала, а Катсута мораше да застане два пати да менува тркало.
WRC2 – МИКЕЛСЕН СЕ ЗАКИТИ СО УШТЕ ЕДНА ПОБЕДА
Достигнувајќи го невозможното Андреас Микелсен извојуваше голема победа на релито на Грција. Се чини дека успеа да се избори со гневот што боговите го истурија врз него и го достигна, можеби за него, најголемиот успех во кариерата. Претрпе оштетување на гумите во три наврати во текот на првиот ден од релито и падна на дванаесеттата позиција. Затоа направи неверојатен подвиг во тек на вториот ден и успеа да се искачи на водечката позиција во својата класа. Меѓутоа во недела наутро следеше разочарување откако по преглед на временските контроли му беа одземени 12 секунди. Така со три испити до крај се врати зад Гас Гринсмит. Но, Норвежанецот не попушти. На првиот испит од денот ја намали разликата на 1,1 сек., а веќе на претпоследниот водеше со 7,7 сек. пред Гринсмит. Продолжи да форсира и на последниот испит од релито и на крај го победи со разлика од 10,3 секунди. Доволно за чекор поблизу до титулата. |
Три брзински испити од последниот ден го делеа Рованпера од втората победа на релито на боговите. Бидејќи веќе имаше предност од повеќе од 2 минути пред Сордо и Еванс светскиот шампион немаше потреба да ризикува и можеше мирно да го доведе својот Yaris GR до целта.
Токму тоа и го стори. Воедно победи и на последниот специјален испит освојувајќи ги дополнителните 5 бодови. И додека Рованпера мирно ја следеше ситуацијата од врвот Еванс беше човекот во полн налет. Сметаше дека може да ја стопи предноста од 5 секунди на Сордо. Возеше во полн налет на првиот испит од денот и изби пред Шпанецот со предност од 4 сек. Веќе на следниот испит Сордо му врати со победа, но украде само 1,3 сек.. Еванс беше за влакно побрз и на последниот испит од релито што беше доволно да се закити со второто место. Сордо остана трет. Танак ја задржа четвртата позиција, Лапи петата, а Катсута шестата. Остатокот од поредокот го пополнија екипажите од категоријата WRC2.
Победата во Грција му помогна на Рованпера да ги подобри шансите во трката за одбрана на титулата. Со три рели настани до крајот на сезоната неговата предност од 33 бода пред Еванс се чини достаточна, но факт е дека во релито никогаш не може да се предвиди исходот па затоа оставаме на времето да покаже. Сега Рованпера бележи 200 бода на своето конто. Еванс има 167 бодови, а третопласираниот Нувил 134 бодови. Првите две места и помогнаа на Toyota после ова рели да ја зголеми предноста во однос на Hyundai на 91 бод. Јапонскиот тим има вкупно 430 бодови, а Корејците 339 бодови. Тимот на M-Sport Ford е далеку назад со 220 бодови.