СВЕТСКАТА ПАНДЕМИЈА ГИ СТОПИРАШЕ СИТЕ СПОРТСКИ НАСТАНИ НА ПЛАНЕТАТА, ПОЧНУВАЈЌИ ОД ФУДБАЛСКИТЕ ПРВЕНСТВА, СÈ ДО ЕН-БИ-ЕЈ ЛИГАТА И ОКТАНСКИТЕ СПОРТОВИ КАКО ФОРМУЛА 1 И МОТО ГП. ДОДЕКА ДЕЛ ОД ПРВЕНСТВАТА КОИ ИМААТ СОЛИДЕН БРОЈ НА ОДИГРАНИ НАТПРЕВАРИ ИМААТ МОЖНОСТ ДА ПРОГЛАСАТ НЕКАКОВ ШАМПИОН, ВО ТРКИТЕ СÈ УШТЕ НЕ СЕ ЗНАЕ КОГА ЌЕ МОЖЕ ДА ПОЧНЕ СЕЗОНАТА.
Oткако првично беше најавено за втората половина на мај, почетокот на Формула 1 сега е неизвесен и за втората половина на јуни.
Најрпвин Монако ја откажа трката која редовно се одржува во мај, а потоа и Азербејџан потврди дека нивното гран при планирано за 7 јуни нема да биде подготвено да ја отвори сезоната.
Додека овој број на „Клуб Мобилити“ се подготвува за објавување, трае неизвесноста околу следната трка предвидена со календарот, а тоа е Големата награда на Канада во Монтреал. Она што го прави целиот случај да биде комплексен, е фактот што светскиот карван има потреба да ја пропатува цела планета и насекаде да направи шоу, во услови кога границите на многу земји се затворени.
Последната изјава на спортскиот директор на првенството, Рос Браун, беше неодредена дека првенството би можело да започне во Европа и тоа без присуство на публика. За тоа да се случи, европските граници ќе мора да дозволат движење на екипите и нивната опрема. Во Формула 1 се натпреваруваат десет екипи, а во просек тие патуваат со најмалку 100 луѓе на секоја трка, при што кај одредени тимови таа бројка е двојно поголема. Оваа „европска опција“ е на располагање сè до септември, кога се планирани трки во различни предели на светот, како Сингапур и Јапонија на почетокот, а кон крајот се САД, Мексико, Бразил и Абу Даби. Но, она што е клучно во целата приказна е вкупниот број на трките, бидејќи согласно таа цифра се определуваат и многу други нешта, како што е на пример договорот за цената на ТВ преносите.
Според информациите објавени во „Форбс“, на Формула 1 и требаат 15 трки, а во првата најава кога се откажаа сите настани до Монако, се веруваше дека може да има 18 трки. Како отпаднаа Монако и Азербејџан, канадското гран при е црвената линија. Тогаш Рос Браун најави дека дел од трките ќе бидат преместени за време на летната пауза во август, како и дека сезоната ќе трае малку подолго.
ФИА во случајов не може многу да направи, бидејќи за разлика од други федерации како УЕФА, која преку две години има свое европско првенство, тука станува збор за натпреварување кое се одржува секоја година. Во случајот со фудбалот, поместувањето за една година не беше тежок чекор, а ослободи многу датуми за доигрување на националните првенства, кои натаму треба да дадат шампиони и учесници на европските купови за следната сезона. Извесно е дека државните првенства мора да завршат во периодот јуни и јули, бидејќи од август почнуваат натпреварите од следната сезона. Согласно таквите ситуации, секоја лига поединечно ќе пресуди како ќе ја прогласи сезоната, но јасно е дека новата сезона мора да почне во прецизно определен рок.
Ако овој пример се пренесе на Формула 1, ФИА е во можност само да калкулира со датите од 2021 година, со цел да направи простор за 2020 година да добие подоцнежни датуми. Веќе бea соопштени вестите дека правилата кои требаа да стартуваат во 2021 година, ќе се пренесат на 2022 година, со што се остава и идната цела сезона за своевидно „снаоѓање во движење“.
Одржувањето на првенството е битно поради тоа што со правилата на игра, парите од ТВ се делат на повеќе страни, а делот наменет за тимовите, натака се распределува според пласманот на конструкторите. Имајќи предвид дека голем број од екипите нема да имаат можност да наплатат од своите комерцијални партнери високи суми на име на спонзорствата кои биле предвидени, овие средства ќе им бидат и тоа како потребни за да ја дочекаат идната сезона.
Она што е сигурно е дека каква и да биде сезоната под името 2020, ќе мора да заврши пред да почне 2021 и да има извесен расплет. Силверстоун е една од патеките која е во средина на сезоната и веќе притиска за конкретен датум, условувајќи дека и парите што тие треба да ги исплатат на име концесија за одржување на трката, ќе бидат под знак на прашалник. Оттука, за очекување е навистина да се случат предвидувањата на Рос Браун, и онаму каде што е можно, да се извозат првите трки без присуство на публика, за потоа да уследи финалната фаза. Ако Германија во официјалните прогнози вели дека очекува шпиц на епидемијата во јуни и затворени граници до септември, тогаш малку опции остануваат на располагање, но мора да се сочекаат официјалните потврди за таквото евентуално, засега најцрно сценарио.
ЕДНА ПАТЕКА СО ПОВЕЌЕ КОНФИГУРАЦИИ МОЖЕ ДА БИДЕ ДОМАЌИН НА ПОВЕЌЕ ТРКИ?
Преку социјалните мрежи беше даден и еден невообичаен предлог, кој го лиферуваше поранешниот делегат на ФИА за односи со дел од медиумите, поточно фотографите – Пат Бехар. Тој буквално „извади од нафталин“ една идеја на генијалниот Берни Еклстоун, кој нецели четири децении беше промотер на Формула 1 и од спортот направи врвно шоу и манифестација што сите организатори ја посакуваат. Идејата била дадена во времето кога Еклстоун ја купил патеката „Пол Рикар“ во Франција, а при нејзиното реновирање инвестирал во можности на овој автодром да се конфигурираат повеќе различни патеки.
– „Додека да се испробаат сите конфигурации, цело првенство ќе помине“ – гласи еден од шегобијните коментари. Но, во услови на вонредна состојба, овој предлог е легитимен и нема да изненади ако во потера по повеќе трки, бидат возени барем по две на некои автодроми, со што би се исполниле дел од обврските кон сите кои треба да заработат во ланецот.