ПРВИОТ ЕСТОНЕЦ КОЈ ГО ОСВОИ СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ И ЈА ПРЕКИНА ПЕТ- НАЕСЕТ ГОДИШНАТА ФРАНЦУСКА ДОМИНАЦИЈА НА НАЈУСПЕШНИТЕ ВОЗАЧИ ВО СВЕТСКОТО РЕЛИ СЕБАСТИЈАН ЛОЕБ СО ДЕВЕТ ТИТУЛИ И СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ СО ШЕСТ ТИТУЛИ.
Oт Танак и неговиот совозач Мартин Јарвеоја ја освоија својата прва титула во Светскиот шампионат во рели. Воедно, тие се првите Естонци на кои им појде од рака да го постигнат овој голем успех во светското рели. Титулата ја освоија на едно рели пред крајот на сезоната благодарение на константните успеси во текот на целата година. Зад себе забележаа шест победи годинава, две втори места, по едно трето, четврто и петто место и имаа само едно откажување на релито во Турција. Но, дури и таму на последниот телевизиски брзинец беа најбрзи освојувајќи ги максималните дополнителни 5 бодови кои доаѓаат како бонус. Така, От Танак и Мартин Јарвеоја освоија бодови буквално на секое рели од сезоната и заслужено стигнаа до титула на релито на Шпанија кое е претпоследен настан во годинешниот шампионат во рели. Успехот на Естонците е во толку поголем што успеаја да ја прекинат петнаесетгодишната француска доминација на светското рели. Имено последните шест титули му припаѓаат на Себастијан Ожие, а претходните девет на Себастијан Лоеб. Двајцата најуспешни возачи во историјата на Светскиот шампионат во рели. Патот до планетарниот успех не беше лесен. Посебно на релито во Шпанија каде големиот притисок имаше влијание врз перформансите на Танак на почетокот од релито. Во текот на првиот натпреварувачки ден Танак не успеа да се пласира повисоко од петтата позиција. И тоа благодарение на откажувањето на Ожие кому скинато црево од хидрауликата на автомобилот му ги уништи шансите за атак на седмата по ред титула. Тимот на Hyundai имаше 1-2-3 победа со Лоеб на чело, Нувил и Сордо соодветно зад него. Но, промената на подлогата на овој настан со мешана подлога од чакал на првиот ден во асфалт на останатите два дена не му годеше на Лоеб. Во текот на вториот натпреварувачки ден неговите перформанси опаднаа. Падна на четвртата позиција престигнат од Нувил кој во саботата го поведе релито, со тимскиот другар Сордо на втора позиција и лутиот ривал и претендент за титула От Танак на третата позиција. Сепак, неговиот налет и победата на четири брзински испити од денот навестуваше голема битка за последниот ден од релито на Шпанија. Таа битка се растегна до буквално последниот брзински испит од релито т.н. телевизиски брзинец. Без оглед на сите обиди да се блокира Танак од страна на Сордо за да не стигне до второто место со кое ја освојува титулата, планот на тимот на Hyundai не успеа. Залетаниот Естонец на крајот од релито успеа да го добие Сордо за минорни 0,4 секунди и да заврши на втората позиција. Сепак, и тие беа доволни за да се стигне до толку посакуваната возачка титула во светското рели.
Голема радост за Танак и за Јарвоја, но и за Естонија и за тимот на Toyota. Посебно за шефот на тимот Томи Макинен кој после четири возачки титули, успеа на своето конто да стави и една титула како шеф на тим. Но, само возачка бидејќи крајниот исход во шампионатот за производители сè уште не е решен. За негова разрешница останува последното рели од сезоната релито на Австралија. Дотогаш Hyundai останува да води со своите 380 бодови пред 362 бодови на Toyota. Трет е Citroen со 284, а четврти е Ford со само 218 бодови. Танак ја освои титулата со 263 бодови, додека второпласирсниот Нувил има 227, а Ожие кој за сега е третопласиран има 217 бодови. До крајот на сезоната останува уште релито на Австралија, но тоа не ги спречи тимовите и возачите уште сега да планираат за следната сезона. Најголема вест е трансферот на Танак во тимот на Hyundai. Само четири дена откако го постигна својот најголем успех со тимот на Toyota, Танак заминува во конкурентски тим. Се чини дека Hyundai е решен да доминира во светското рели во годините што доаѓаат и сериозно се подготвува за исполнување на овој план. В година со Танак, Нувил, Сордо и Лоеб ќе ја има најсилната возачка постава во шампионатот која според шефот на тимот Андреа Адамо ќе го вивне во врвот на светското рели.