ПАТЕКАТА „НИРБУРГРИНГ“ БЕШЕ ОТСУТНА ОД ФОРМУЛА 1 ЦЕЛИ СЕДУМ ГОДИНИ, ПА БОЛИДИТЕ ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО КОИ ВО 2014 ГОДИНА СЕ ПРИСПОСОБИЈА НА НОВИТЕ ПРАВИЛА И ВЕЌЕ ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ДЕКАДА ИМААТ НОВИ ТУРБО-МОТОРИ И ПОИНАКВИ ПНЕВМАТИЦИ, СЕ НАЈДОА ВО СИТУАЦИЈА ДА СЕ СПРАВУВААТ РЕЧИСИ КАКО СО НОВА И НЕПОЗНАТА ПАТЕКА.
Кодното име – „зелениот пекол“ на кое официјален кум е трикратниот светски првак Џеки Стјуарт, се однесува на исконската патека изградена меѓу двете светски војни (1925-1927) со должина од 20,8 километри, а на која возачите кои таму се натпреварувале во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, при што еден круг имал 33 леви и 40 десни свиоци. Од 1984 година направна е денешната „гранпри“ патека која повремено се јавува како организатор на Ф1 трки, бидејќи трката за Големата награда на Германија како свој дом го определи „Хокенхајмринг“, па тука се возеа трки за ГН Европа, ГН Луксембург, а сега за првпат и трката за Големата награда на Ајфел, планинскиот масив кој доминира во регионот на овој автодром, лоциран на надморска висина од 627 метри.
Временските услови не им беа наклонети на возачите, кои поради маглата и дождот ги загубија редовните петочни тренинзи, па во нормалните околности имаа на располагање само еден тренинг пред да започнат квалификациите, што никому не беше доволно за да најде идеални штелувања за тркачкиот автомобил. Сепак, долгогодишната доминација на Мерцедес во спортот, надополнета со последните две победи во Сочи (на Ботас) и Муџело (Хамилтон), донесе до ситуација во која „сребрените стрели“ имаа мала предност во однос на ривалите.
На оваа трка, Валтери Ботас во фото-финиш успеа да дојде до полпозицијата пред неговиот клупски колега Луис Хамилтон. Ова за Ботас беше третпат во оваа календарска година да започне од првото место (Австрија и втората трка на Силверстоун), а воедно со ова ја прекина серијата на Хамилтон кој имаше пет последовни пол позиции. Сепак, со второто место на Хамилтон, Мерцедес по 72. пат во историјата „го заклучи“ првиот стартен ред во трката со своите пилоти, додека како конструктор на мотори за германската фабрика ова беше јубилеј – пласман со реден број 400 во првиот стартен ред на една трка од Формула 1.
За разлика од неколку претходни случаи каде што видовме измена на возачката двојка на првите две позиции, овојпат Ботас со драматичен отпор го одби нападот на Хамилтон во првиот круг и беше лидер во првата третина од трката, што е прво вакво искуство за него на оваа патека, имајќи предвид дека во 2013 година тука возеше за Вилијамс и беше пласиран на 17- то место во квалификациите. Сепак, Ботас беше престигнат во 13 круг, по што беше откриено дека се соочува со проблеми со моторот и мораше да се повлече, иако таквата одлука не беше донесена веднаш, туку по неколку круга обиди да се справи со ситуацијата.
Ова му конвенираше на Хамилтон, а воедно беше потврда за трендот забележан во последните пет трки, на кои што во четири наврати славел возачот кој стартувал од второто место. На оваа трка, Ферстапен беше мошне блиску до него и не му дозволуваше голема предност, но сепак не располагаше со сила да го спречи во победата. Хамилтон извозе беспрекорно, па дури и при излегувањето на возилото за безбедност при крајот успеа да направи пит-стоп и да го задржи првото место без да биде загрозен. Ова за него беше 91-ва победа (во 260 старта), со што се изедначи со Михаел Шумахер кој до рекордниот број на победи стигна во 246 старта.
Од гледна точка на конструкторите, Мерцедес во сите кругови од трката на Нирбургринг имаше болид на првото место, што е осми ваков случај од 11 трки во 2020 година. Во историски контекст, оваа победа за Мерцедес на Нирбургринг дојде по пауза од 66 години, бидејќи последен кој триумфирал во сребрениот болид бил Хуан Мануел Фанџо во 1954 година. Истовремено, за германската фабрика ова е 228 финиш во низа меѓу освојувачите на поени, со што го изедначи рекордот на Форд.
Но, написите во медиумите дека рекордот на Хамилтон бил можен само со доминантниот болид на Мерцедес, го провоцираа тимскиот шеф, Тото Волф, да им испрати порака на оние кои зборуваат така. – Она што го пишуваат за Хамилтон не е фер! Победите во трките и освојувањето на титулите се тимски напор, а секој поединечно треба да се стави во ситуација да се најде во најдобрата средина. Сме виделе многу талентирани возачи кои донеле погрешни одлуки или не биле добро советувани за истите. Во тоа светло, Хамилтон ни се приклучи во Мерцедес во 2013 година и тој е оној што седи во болидот и е во можност да ја изврши потребната работа на патеката со алатката која му ја даваме. Ние немаше да ги постигнеме тие резултати без таа алтка и тој немаше да ги постигне сите рекорди без вистинскиот болид. Точка! Не сакам да слушнам дека тој победува затоа што вози за Мерцедес! Возачите што го зборуваат тоа треба да анализираат зошто тие не го нашле својот пат до Мерцедес!
Ферстапен го доведе болидот на Ред Бул до второто место, што е втор идентичен пласман откако Хамилтон не финишираше во руското гран при, возено во Сочи. За Холанѓанецот ова е петти пласман на второто место, а има уште три подиума (едно прво место и две трети) во 11 трки од оваа сезона. Но, за Хонда, ова е само втор подиум во историјата на овој автодром, откако во 2004 година беа трети со Џенсон Батон на тогашната трка за ГН Европа.
Веројатно најголемо медиумско внимание предизвика третото место на Даниел Рикардо, кој со овој пласман во врати Рено како тим на подиумот. Откако некогашната шампионска екипа предводена од Бриаторе и Алонсо беше продадена на Лотус, повторното оформување на тимот донесе и големи очекувања. Тие воопшто не направија пауза со моторот и цело време имаа клиенти за снабдување како Ред Бул и Мекларен, но враќањето како конструктори на болид отвора ново поглавје во историјата на компанијата. Последен подиум за фабричкиот тим беше оној на Ник Хајдфелд во Малезија 2011 година, а со овој успех тие станаа седмиот Ф1 тим од вкупно десет, кој се нашол на подиумотоваа сезона. За Рикардо ова е прв подиум по Монако 2018 година, за што заслужи пофалби од тимскиот шеф Сирил Абитебу, кој призна дека со ова го изгубил и меѓусебниот облог со возачот.
-Мислам дека ова е важно за двете страни, како за Даниел, така и за мене. Добивавме многу прашања за неговото доаѓање, па сега ги оставаме коментарите на страна и покажуваме дека имало логика во сето ова. Можеби беше разочарувачки резултатот во 2019 година, но сега може да се рече дека сме биле една година пред времето. Во Формула 1 нема многу шанси да добиете возач како Даниел, и сè уште верувам дека тоа беше исправна одлука. Тимот денес немаше да биде ист без него, особено по болната година (лани), бидејќи тоа не притисна сите, вклучувајќи ме и мене, да преземеме чекори какви што преземавме.
Сега сме во подобра позиција за следната година и мислам дека Даниел покажа дека има капацитет за вакви постигнувања,- рече Абитебо.
И оваа трка беше сигнал дека Ферари не е во истата форма како минатата година, иако Леклер со пласманот на четвртото место во квалификациите даде надеж дека можеби проблемите се надминати. Тој брзо беше нападнат и се покажа дека во тркачки услови, Ферари не е подеднакво брз. Конкурентите кои го престигнаа на крајот и финишираа пред него (Перез, Саинц, Гасли), додека зад него се најде Нико Хулкенберг, а последните поени ги освоија Грожан и Џовинаци. Фетел во вториот болид на Ферари беше бавен и стигна до 11-то место, откако во квалификациите го освои истото место. Во 2013 година, при последната посета на Нирбургринг, тој славеше тука и на крајот од сезоната ја освои четвртата шампионска титула. Во трката финишираа уште Раиконен, Магнусен, Латифи и Квјат, додека петмина возачи се откажаа поради разни дефекти или оштетувања при контакт со други болиди. Хамилтон со 230 бода е лидер на табелата, 69 повеќе од Ботас односно 83 повеќе од Ферстапен. Кај тимовите, Мерцедес се издвојува на врвот со 391 бод, додека Ред Бул има 211 и е сигурен на второто место. Во борба за третото место се неколку екипи, при што сега води Рејсинг поит со 120 поени, пред Мекларен со 116 и Рено со 114 поени. Следната трка се вози во Португалија, на новата патека во Алгарве крај Портимао, на југот од Иберискиот полуостров. До крајот на сезоната има предвидено уште шест трки
И оваа трка беше сигнал дека Ферари не е во истата форма како минатата година, иако Леклер со пласманот на четвртото место во квалификациите даде надеж дека можеби проблемите се надминати. Тој брзо беше нападнат и се покажа дека во тркачки услови, Ферари не е подеднакво брз. Конкурентите кои го престигнаа на крајот и финишираа пред него (Перез, Саинц, Гасли), додека зад него се најде Нико Хулкенберг, а последните поени ги освоија Грожан и Џовинаци. Фетел во вториот болид на Ферари беше бавен и стигна до 11-то место, откако во квалификациите го освои истото место. Во 2013 година, при последната посета на Нирбургринг, тој славеше тука и на крајот од сезоната ја освои четвртата шампионска титула.
Во трката финишираа уште Раиконен, Магнусен, Латифи и Квјат, додека петмина возачи се откажаа поради разни дефекти или оштетувања при контакт со други болиди. Хамилтон со 230 бода е лидер на табелата, 69 повеќе од Ботас односно 83 повеќе од Ферстапен. Кај тимовите, Мерцедес се издвојува на врвот со 391 бод, додека Ред Бул има 211 и е сигурен на второто место. Во борба за третото место се неколку екипи, при што сега води Рејсинг поит со 120 поени, пред Мекларен со 116 и Рено со 114 поени. Следната трка се вози во Португалија, на новата патека во Алгарве крај Портимао, на југот од Иберискиот полуостров. До крајот на сезоната има предвидено уште шест трки.
Хонда (повторно) се збогуваше со Формула 1 Јапонскиот конструктор Хонда објави дека нема да остане во Формула 1 по 2021 година, иако бележи нагорен тренд со резултатите во соработка со Ред Бул. Своевремено Хонда беше дел од шампионскиот тим на Мекларен, со кој Аиртон Сена и Ален Прост доминираа на светската сцена, а по нивното повлекување во 1992 година следеше долг период на отсуство. Хонда се врати во 2004 година како снабдувач со мотори (а воедно и ко-сопственик) на тимот познат како Б.А.Р., по што следуваше комплетно преземање и водење како сопствен (фабрички) тим во следниот период. Сепак, со појавата на светската криза во 2008 година, Хонда одлучи да ги стопира активностите и му го продаде тимот на Рос Браун, кој, пак, склучи брак со Мерцедес и ја освои титулата во 2009 година. Последниот камбек на јапонската фабрика се случи во 2015 година со Мекларен, но тоа партнерство им донесе многу главоболки откако не успеаја да направат конкурентен мотор за Фернандо Алонсо, па се префрлија во Ред Бул, каде што во 2019 година ја имаа првата победа по 2006 година.
Според таканаречениот договор „Конкорд“, со кој се регулираат правата и обврските меѓу организаторите и учесниците во Формула 1, од 2022 година се предвидуваат измени во правилата, а воедно од учесниците ќе се бара да се обврзат на нов период на учество како досега (меѓу 5 и 10 години), па потегот на Хонда укажа дека тие не се заинтересирани за да продолжат тука, наспроти учеството во Индикар серијата во САД. Сето ова може да биде пресудно и по прашање на кариерата на младиот возач во Формула 2, Јуки Цунода, кој се очекуваше да дебитира во елитната конкуренција во 2021 година. Тој најверојатно би добил седиште во втората екипа (Алфа Таури Хонда), додека Пјер Гасли би требало да му биде партнер на Алонсо во Рено. Истовремено, во првиот тим на Ред Бул се очекува одлука дали ќе биде задржан Алекс Албон, или ќе биде заменет со Данил Квјат или некој друг искусен возач како Хулкенберг или Перез, кои се ставиле на располагање кај Д-р Хелмут Марко.
Хамилтон побара прошка од претходниот шеф За израмнувањето на рекордот на Михаел Шумахер, Британецот по крајот на трката доби специјален подарок – оригинална кацига од легендарниот возач – која му ја врачи талентираниот Мик, син на седумкратниот шампион, кој сега настапува во Формула 2. На прес конференцијата потоа, заблагодарувајќи се на подарокот, Хамилтон се осврна на најтешката одлука која што морал да ја донесе во кариерата, напуштањето на претходната екипа – Мекларен.
– Без нивната поддршка, како и онаа од Мерцедес, немаше да стигнам до Формула 1, бидејќи тоа е премногу скапо и не е можно со семејни средства да се финансираш, како што тоа го прават некои други. Мојата лојалност кон тимот постоеше, но морав да размислувам за иднината и да одлучам каде сакам да бидам. Јас сакав да бидам дел од некој тим што можеби нема големи успеси, што е во растечка фаза, па сакав да бидам дел од тоа и да изградам нешто сосема ново. Не се знаеше кога ќе почнеме да победуваме, но јас верував во тоа дека ќе стигнеме заедно до таму. Му се јавив на мојот тогашен шеф, Мартин Витмарш, и тоа беше еден од најтешките повици што сум ги направил во животот. Се надевам дека ми има простено досега! Се надевам на тоа бидејќи тој разбира, но јас верувам дека тоа беше исправна одлука за мене. Според мене, тоа е животот: никој не може да ти каже што да направиш, само ти самиот знаеш што е правилно или погрешно за тебе. Никој не може да повлијае врз таквата твоја одлука. Сè додека си ја пишуваш домашната задача, мора да го правиш она што е најдобро за тебе, а тоа е она што јас го направив тогаш,- изјави Хамилтон.