WRC – Рели Португалија – ВО ПОЛН НАЛЕТ КОН ТИТУЛАТА

26/06/2019

ЕСТОНЕЦОТ ОТ ТАНАК ПОКАЖА БРИЛИЈАНТНИ ПЕРФОРМАНСИ И ПОБЕДИ НА РЕЛИТО НА ПОРТУГАЛИЈА ВОДЕЈЌИ ОД ПОЧЕТОК ДО КРАЈ. НО, НЕ ГО ОСВОИ МАКСИМУМОТ ОД БОДОВИ ЗА РАДИ ТАКТИЧКА ОДЛУКА КОЈА ТРЕБА ДА МУ ДОНЕСЕ ПРЕДНОСТ НА СЛЕДНОТО РЕЛИ.

 

По отсуство од три месеци караванот на Светскиот шампионат во рели повторно се враќа на тлото на Европа. Седмиот настан со кого завршува првиот дел од сезоната е славното рели на Португалија. Таму долу на Пиринејскиот полуостров екипажите за првпат годинава во уста ја почувствуваа европската прашина која се креваше од со груб чакал прекриените португалски планински патеки. Тешките услови во кои се одвиваше релито буквално ги десеткуваа екипажите, кои пак, имаа прилика да возат на локации кои се сметаат за класика на релито на Португалија. Затоа што токму на овие патеки во далечната 1973 година всушност и започна ерата на Светскиот шампионат во рели – WRC. Така годинешните учесници на релито на Португалија почувствуваа како е да се биде дел од историјата светското рели.

Уште на тренингот Тиери Нувил покажа дека сериозната несреќа која ја доживеа на релито во Чиле воопшто не оставила несакани последици врз неговите возачки способности. Иако се покажа најбрз на тренингот после првиот ден од отворањето на релито Нувил мораше да се задоволи со четвртото место. Играта ја поведе От Танак. Возеше беспрекорно и денот го заврши на првото место. Зад него беа тимските другари Јари-Мати Латвала и Крис Мик. Голем ден за тимот на Toyota кој продолжи и на вториот ден од релито. Танак и Мик повторно беа во полна форма и го завршија денот прв и втор соодветно. Но, Латвала не можеше да ги следи тимските другари откако слета лошо после еден скок и ја оштети суспензијата. Нувил и Ожие ја следеа водечката двојка на Toyota и со нетрпение го чекаа последниот ден од релито со надеж дека ќе успеат притискот да го претворат во победа. Сепак, искусниот Танак не попушти. Остана на врвот до крајот на релито и се закити со третата победа годинава. После победата во Чиле ова беше втора едно по друго победа за Танак. И додека Танак славеше Крис Мик имаше за што да жали бидејќи мораше да се откаже на почетокот од последниот брзински испит на релито. Откако удри во пенушка и толку го оштети автомобилот што не можеше да продолжи. Неговото место го завзеде Нувил, а трет заврши Ожие.

Интересно Танак во рака го имаше и максимумот од дополнителните бодови кои се добиваат на Телевизискиот брзински испит каде петмината најбрзи освојуваат бодови од 5 до 1. Меѓутоа Естонецот одлучи да се повлече од оваа победа. Ја дигна ногата од педалот за гас во последните метри и им ја препушти славата на Ожие и Нувил. Одлуката беше од тактичка природа. Доколку Танак победеше на Телевизискиот брзинец ќе беше прв во шампионатот за возачи и на следното рели на Сардинја ќе стартуваше прв со што ќе ја превземеше неблагодарната улога да ги мете патеките оставајќи им на возачите одзади чиста подлога и можност за подобра тракција и подобри перформанси.

После победата на Телевизискиот брзинец Ожие остана на лидерската позиција во шампонатот со 142 бода. Танак остана на второто место со 140 бодови, а Нувил на третото со вкупно 132 бода. Меѓу Тимовите Hyundai, исто така, продолжи да води со вкупно 202 бода пред Toyota со 182 бода, Citroen со 158 бода и Ford со 122 бода. Следната станица за екипажите на светското рели е медитеранскиот остров Сардинија каде големата жештина и лизгавите со чакал покриени патеки ќе бидат вистински предизвик.

 

 

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.