НА ВОЗРАСТ ОД 22 ГОДИНИ И ЕДЕН ДЕН КАЛЕ РОВАНПЕРА СТАНА НАЈМЛАДИОТ ШАМПИОН ВО ИСТОРИЈАТА НА СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ, И ПО ЦЕЛИ 20 ГОДИНИ ЈА ДОНЕСЕ ТИТУЛАТА ПОВТОРНО ВО ФИНСКА
Со победата на релито на Нов Зеланд финското чудо од дете Кале Рованпера ја освои годинешната титула на две релија пред крајот на сезоната. Резултат кој беше очекуван со оглед на неговите достигнувања годинава. На возраст од 22 години и еден ден Кале Рованпера ги урна сите рекорди и стана најмладиот шампион во 50 годишната историја на Светскиот шампионат во рели. Интересно е како годинава токму на прославата од 50 годишнината Светскиот шампионат во рели го доби својот најмлад возачки шампион. Рекорд за кого не веруваме дека ќе биде соборен децении нанапред. Впрочем беа потребни 27 години за да биде соборен рекордот претходно поставен од легендата на релито Колин Мекре кој својата титула ја понесе во 1995 година на возраст од 27 години и 109 дена.
Цели 20 години возачката шампионска титула во рели како да бегаше од Финска, земја која сè уште за волја на вистината ја сметаат за духовен дом на релито. Последен пат титулата во Финска ја донесе Маркус Гронхолм. Тоа се случи во 2002 година кога Гронхолм го освои светскиот шампионат зад волан на Peugeot 206 WRC. Вреди да се спомене и дека Рованпера и совозачот Јоне Халтунен ја освоија титулата на своето 30- то рели од Светскиот шампионат што, исто така, ги прави шампиони со најмал број на извозени релија.
Секако низ сезоната не течеа мед и млеко за финскиот екипаж. Релито Монте Карло за нив почна фрустрирачки. Не беше лесно со малку искуство да се влезе во настан со сосем нов автомобил, затоа, пак, како лут ривал го немаа осумкратниот шампион Себастијан Ожие кој се повлече од релито и годинава се одлучи за ограничена програма. Сепак, релито на Монте Карло го завршија четврти. По него следеа три победи една по друго под полна контрола на релијата на Шведска, Хрватска и Португалија.
Релито на Сардинија беше несреќно и за нив, и за тимот, но се вратија во ритам и победија на исклучително тешкото рели на Кенија. Таму каде конкуренцијата беше десеткувана тие ја направија разликата и со пет победи од седум релија се поставија на добар пат за напад на титулата. Отворањето на вториот дел од сезоната како да го задржа налетот на финскиот двоец и внесе трошка сомнеж за исходот на сезоната. Победата на домашното рели на Финска им побегна за влакно, по што следеа две откажувања на релијата на Белгија и на Грција. Меѓутоа во генерален пласман имаа толкава предност што победа на било кое рели после Финска ќе им ја донесеше титулата. Конечно тоа се случи токму на релито на Нов Зеланд.
Пресметката на шансите пред почеток на релито на Нов Зеланд велеше дека во колку Рованпера и Халтунен освојат 7 бода повеќе од второпласираниот екипаж От Танак и Мартин Јарвеоја ја освојуваат титулата. Секако за неизвесноста да биде поголема Рованпера макотрпно дојде до победа. Првиот, односно вториот ден од релито го заврши на четвртата позиција, а токму Танак против кого се бореше возеше на врвот. Сепак пресвртницата се случи на почетокот на вториот ден кога Рованпера ги зеде конците во свои раце и докрај не ја испушти приликата да победи.
Притоа грбот му го чуваше Ожие кој не му дозволи на Танак да се искачи погоре од третото место што беше доволно за Рованпера да ја освои титулата на две релија пред крајот на сезоната.
Со титула в џеб Рованпера можеше мирно да стартува на следното рели на Шпанија и да му помогне на тимот порано да стигне до титула. Се чинеше дека шпанскиот асфалт повеќе му одговара на тимот на Hyundai, но Ожие беше тој кој славеше на шпанскиот брег. Победата во Шпанија е прва за Ожие годинава и е многу поважна за тимот отколку за него. Сепак, поведен од успехот од Нов Зеланд Рованпера беше човекот кој го поведе релито на Шпанија. Но, Ожие брзо фати ритам и до крајот на првиот ден успеа да го помине својот тимски другар. Кале призна дека не може да го следи искусниот шампион и одлучи да вози внимателно со цел да му помогне на својот тим да ја освои титулата за производители на крајот од ова рели. Внимателниот пристап на Рованпера го охрабри Нувил да се избори за второ место, додека Финецот го заврши релито како трет. Ова беше доволно за тимот на Toyota да ја освои втората едно по друго титула во Светскиот шампионат за производители.
Танак на ова рели не успеа да се пласира подобро од четвртата позиција, и како и досега се жалеше дека не може да го најде вистинскиот сетап кој ќе го направи конкурентен. Иако годинава победи на три релија сепак Естонецот одлучи на крајот од сезоната да го напушти тимот на Hyundai не прецизирајќи ги своите планови за следната сезона.
Со едно рели до крајот на сезоната Светското рели веќе ги има своите шампиони и меѓу возачите, и меѓу производителите. Останува уште да уживаме во релито на Јапонија кое се враќа во календарот после пауза од цели дванаесет години.