КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ ИМАШЕ НЕОЧЕКУВАНА ЗАВРШНИЦА. РЕЛИТО НА АВСТРАЛИЈА БЕШЕ ОТКАЖАНО ЗАРАДИ ОГРОМНАТА ОГНЕНА СТИХИЈА КОЈА ГИ ЗАФАТИ РЕГИОНИТЕ КАДЕ ШТО СЕ ВОЗИ ОВОЈ СПЕЦИФИЧЕН НАСТАН.
Со оглед дека многу надежи и очекувања се скршија откако релито на Австралија беше откажано заради огнената стихија која го зафати регионот каде што се вози ова рели не останува друго освен да дадеме еден кус осврт на крајот од сезоната. Најавите на шесткратниот светски шампион во рели Себастијан Ожие, дека атакува на победа на релито на Австралија, место каде минатата сезона ја спечали својата шеста титула згаснаа со разгорување на шумскиот пожар кој изби во северниот регион на Нов Јужен Велс. Според властите на Нов Јужен Велс пожарите кои избија годинава се најголемата огнена стихија која го погодила регионот досега. Затоа заради предострожност релито беше откажано, а со него и надежта за некои од возачите и тимовите дека ќе успеат да се изборат за подобар пласман во самата завршница на сезоната. За некои, пак, ваквата завршница на сезоната им донесе грижа помалку и титула повеќе.
Откако От Танак ја освои годинешната титула за возачи на предпоследното рели од сезоната, релито на Шпанија, можеше само да ужива возејќи по лизгавите и непредвидливи шумски патеки на Австралија. И додека Естонецот уживаше во својата рано освоена титула, прва во неговата кариера во WRC, на неговиот тим, тимот на Toyota Gazoo Racing му остана да се надева дека Австралија ќе биде релито каде ќе ја освои титулата за производители. За жал таа прилика не дојде и 18-те бодови колку што заостануваа во генерален пласман зад тимот на Hyundai Motorsport по релито на Шпанија останаа недостижен сон. Желбата на директорот на тимот на Toyota, Томи Макинен, стариот лисец во рели и четирикратен светски шампион, годинава да ги освои двете титули и возачката и за производител остана не остварена. Се чинеше дека за тимот на Toyota нештата тргнаа по надолна линија. Имено, откако по освојувањето на титулата Танак најави дека заминува во соперничкиот тим на Hyundai, од Toyota Gazoo Racing почнаа да стравуваат за возачката постава за следната сезона.
Сепак, во својот табор успеаја да го приберат Себастијан Ожие, а крај него го поставија и Елфин Еванс кого го доведоа од М-Sport Ford и Кале Рованпера најпросперитетниот млад возач во рели кој годинава ја понесе титулата во категоријата WRC 2 Pro со Skoda Motorsport. Еванс и Ожие беа тимски други во Ford во 2017 и 2018 година. Ова возачко трио е меѓу најдобрите во шампионатот и в година ќе биде задоволство да се гледа нивната борба со возачите на Hyundai, От Танак, Тиери Нувил, Даниел Сордо и Себастијан Лоеб.
И тогаш дојде неочекувана вест од Citroen. Тимот се повлекува од Светскиот шампионат во рели заради отсуство на првокласна возачка постава. Citroen смета дека возачите кои остануваат слободни за следната година едноставно не се доволно добри за да можат да го изведат тимот на прав пат. Откако во 2003 година ја возеше првата полна сезона во WRC, Citroen освои осум титули како производител, му ги донесе деветте возачки титули на Себастијан Лоеб и победи на 102 релија запишувајќи се во историјата на светското рели како еден од најуспешните тимови.
Hyundai ќе мора да ја брани титулата за производител која годинава ја освои благодарение на константно добрите резултати на неговите возачки постави. После шест години жестока борба во Светскиот шампионат во рели и со 14 победи на своето конто Hyundai конечно стигна до титула. Најмувањето на От Танак во тимот е само знак дека в година Hyundai ќе атакува на двете титули, и возачка, и за производител. Годинешниот успех е круна на напорите кои тимот на Hyundai ги вложи низ годините. Посебно откако, и во 2017, и во 2018 година беше во водечка позиција сè до крајот на сезоната кога титулата му побегна за влакно. Секако после овие два пеха за тимот повеќе немаше простор за грешка и сето тоа го докажа годинава.
Сè уште прецизно не се знае што ќе се случи со тимот M-Sport Ford со оглед дека тој ќе биде последниот тим што ќе го дополни списокот од три производители. Засега нивната возачка постава ја сочинува само Тему Сунинен, но кој е, или кои се возачите што ќе го пополнат местото зад волан на вториот автомобил и дали M-Sport Ford ќе се одлучат во игра да вметнат и трет автомобил.
Како и да е во моментот дури осум возачи атакуваат на возачката позиција во Ford: Крег Брин доби отказ во Hyundai заедно со Андреас Микелсен, Есапека Лапи остана без работа откако Citroen одлучи да се повлече од WRC, Јари-Мати Латвала и Крис Мик ги загубија возачките места во Toyota, Хајден Падон кој возеше во Hyundai па минатата сезона со скратена програма во Ford повторно има прилика да се врати во тимот, Гас Гринсмит кој работеше на развој на Fiesta R5 и е многу близок со Елфин Еванс, и Мадс Остберг кој минатата сезона ја мина во категоријата WRC 2 Pro, исто така, зад волан на Fiesta.
За следната сезона се очекуваат и нови релија во календарот, но за подетално изнесување на сезоната во Светскиот шампионат во рели ќе почекаме до пред почеток на сезоната 2020 и релито Монте Карло.