Windhorse Pouncer-БЕСПИЛОТНО ВОЗИЛО ПРЕТВОРЕНО ВО „ОБРОК“

27/04/2022

ЧОВЕКОТ НА СЕКОЈ НАЧИН НАСТОЈУВА ДА СИ ГО ОЛЕСНИ СЕКОЈДНЕВНИОТ ЖИВОТ. ОД ТАА ПРИЧИНА Е НАПРАВЕНО И БЕСПИЛОТНОТО ЛЕТАЛО „ПАУНСР“, НАМЕНЕТА ЗА ДОТУР НА ХРАНА, ВОДА, ОБЛЕКА И ЛЕКОВИ ВО ПРЕДЕЛИ ПОГОДЕНИ ОД НАЈРАЗЛИЧНИ КАТАСТРОФИ.

 

Безброј пати светот бил средиште на катастрофи, пожари, земјотреси, урагани, торнада, поплави, вулкански ерупции, цунами, лавини, а неретки се и катастрофите предизвикани од човекот. Кога една област од планетава ќе биде погодена од катастрофа од било кој тип, тогаш животот на населението се менува за 360 степени. Се јавува недостиг на вода за пиење, храна, лекови, облека, засолништа и што уште нè. Тогаш на сцена стапуваат спасувачките екипи, а најчесто со нив се војската и полицијата. Во областите погодени од катастрофите може да настрадаат и патиштата, аеродромите, мостовите и надвозниците и тогаш дотурот на помош (лекови, храна, вода, облека) е отежнат или е целосно оневозможен. Развојот на технологијата, посебно во денешно време, е толку брз што речиси секојдневно се појавуваат нови и нови нешта. Компанијата Виндхорс Аероспејс заедно со Фрејзер Неш, е една од тие што работат на пронаоѓање нови нешта кои ќе го олеснат животот на човекот. Ако го напишеме следново, нивниот пронајдок е беспилотно летало, тука нема ништо ново, но ако напишеме, нивното леталото во себе носи вода, храна лекови и облека, тогаш работата добива друг тек.

Леталото наречено „паунср“ има распон на крила од 3,0 метри и е направено од материјали кои подоцна можат да бидат целосно искористени. На пример, конструкцијата е направена од дрвена маса која погодените од катастрофата можат да ја искористат за потпалување оган да се стоплат и воедно да направат јадење. Материјалот од кои се направени крилата може да се искористи за правење шатор (засолниште), затоа што материјалот е водонепропустлив. Треба да го додадеме следново, воздухопловот има мала погонска единица за која производителот сè уште се нема изјаснето каква е, односно дали е електрична или клипна (мотор со внатрешно согорување).

Лансирањето на леталото наречено „паунсер“ се одвива преку катапулт или е закачено за некое поголемо летало. При тестирањата беспилотното летало било закачено за транспортниот авион „ ц 130 херкулес“ и од точката на напуштање до приземјувањето „паунсер“ успеал да прелета 35 до 40 километри. Тогаш леталото било пуштено од 3.300 метри висина, а кога било пуштено од 7.800 метри висина, леталото успеало да прелета 100 километри. Брзината при едрењето не била поголема од 100 км/ч. Ова летало кога е празно тежи само 25 килограми, а 75 е неговата крајна полетна маса. Сигурно некој се прашува колку сето ова чини. Секоја сума пари е незначителна кога е во прашање човечки живот, но за љубопитните ќе направиме исклучок цената на леталото „паусер“ изразена во денари изнесува околу 18.000 денари плус 5.000 до 6.000 за малата погонска единица и гпс уредот преку кој леталото прецизно го наведуваат до крајното одредиште. Преку гпс уредот леталото може да слета точно на саканото место со грешка од пет до седум метри.

Конструкторите од Виндхорс Аероспејс подготвуваат три летала со различна носивост. Леталото кое може да понесе товар од 50 кг, има распон на крила од 3,0 метри, додека телото (фуселажот) е долго 1,5 метри. Ова летало носи ознака „марк II“, додека „марк I“ и „марк III“ можат да понесат 25, односно 100 кг . Распонот на делта крилата е ограничен на 3,0 метри поради просторот што го нуди авионот „ц 130 херкулес“.

Инаку, малиот воздухоплов „паунсер“ може да биде лансиран и од балон. Дали лансирањето ќе биде од авион, од катапулт или балон, зависи од конфигурацијата на теренот. Сепак да нагласиме, леталото датира од пред седум, осум години и сè уште е во фаза на испитувања, а како што велат од компанијата тестирањата се при крај. Слично нешто има направено и познатиот дизајнер и конструктор на автомобили Гордон Мареј, само не е летало, туку копнено возило (камион) со должина не поголема од 4,4 метри, наречено „о икс трак“, наменето за совладување тешки терени и употреба во секојдневието. Колку за потсетување, Г. Мареј е творец на туристичкото купе „мекларен ф 1“ и некогашен конструктор на формула 1 болидите.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.