WEC 8 часа на Бахреин-ФАНТАСТИЧНА ОДБРАНА НА ТИТУЛАТА

15/11/2024

НЕВЕРОЈАТНОТО ДОСТИГНУВАЊЕ НА TOYOTA GAZOO RACING И НА НИВНАТА ЅВЕЗДА СЕБАСТИЕН БУЕМИ. ЈАПОНСКИОТ ТИМ ОСТВАРИ ФАНТАСТИЧНА ПОБЕДА КОЈА ЈА ИЗВЛЕЧЕ ОД БУРНИТЕ 8 ЧАСА НА БАХРЕИН, И ЈА ОДБРАНИ ТИТУЛАТА

 

Toyota Gazoo Racing во голем стил победи на трката 8 часа на Бахреин, последна трка од сезоната од Светскиот шампионат на трки на издржливост. Јапонскиот тим после напната битка низ долги 8 часа на асфалтот на Интернационалната патека на Бахреин извојува голема победа која му ја донесе петтата титула во WEC, односно четврта титула едноподруго. Toyota GR воедно е најуспешниот производител од создавање на FIA Светскиот шампионат на трки на издржливост во 2012 година. Оттогаш досега, Porsche може да се пофали со три, а Audi со две титули. Што се однесува до шампионатот за возачи, на екипажите на Toyota GR не им појде од рака да ја одбранат титулата. Екипажот на Porsche со Кевин Естре, Андре Лотерер и Лоренс Вантор успеа да ја разбие петгодишната доминација на екипажите на Toyota и после 2017 година успеа повторно да застане на врвот.

 

Вреди да се спомене неверојатното остварување на Toyota Gazoo Racing врзано за патеката во Бахреин. Имено јапонскиот тим десетти пат едноподруго ја добива оваа трка на издржливост, и статистички гледано, ги има добиено сите трки откако е создаден сегашниот формат од 8 часа. Кога веќе сме кај статистиката, екипажот на Toyota GR: Себастиен Буеми, Брендон Хартли и Рио Хиракава по втор пат едноподруго победува на оваа трка, и годинава е единствениот екипаж кој успеал да освои полпозиција и да победи во истата трка.

Драма буквално низ цела трка се случи во Бахреин. Последниот настан од сезоната со својата неизвесност која траеше буквално до последните метри пред развеаното карирано знаме ја круниса оваа подеднакво возбудлива и неизвесна сезона во Светскиот шампионат во трки на издржливост.

 

Драма се случи и по завршување на трката заради казната што ја доби второпласираниот број 51 AF Corse Ferrari 499P. Екипажот на број 51: Антонио Џиовинаци, Џејмс Каладо и Алесандро Пјер Гуиди ја заврши трката на втората позиција, но, по разгледувањето на забелешките од техничката инспекција на FIA беа казнети со време од 4 мин. и 55 сек. додадено на нивниот резултат од трката. Казната беше упатена откако се востанови дека тимот го прекршил членот 6.5.4 од спортските правила на FIA WEC, односно искористил две гуми повеќе од вкупно дозволените 26 гуми. Така број 51 падна на 14 позиција. Второто место му беше доделено на број 5 Porche Penske, а третото на број 93 Peugeot 9X8. Грешката, или не вниманието скапо го чинеа тимот на Ferrari на крајот од сезоната.

 

Доминацијата на Toyota започна на квалификациите. Нивните автомобили беа најбрзи на сесијата Hyperpole и го освоија првиот ред на стартот. Број 8 Toyota GR010 со Себастиен Буеми, Брендон Хартли и Рио Хиракава ја имаше полпозицијата додека број 7 Toyota GR010 со Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Ник де Врис стартуваше веднаш до него. Вообичаено одличниот квалификувач број 51 Ferrari со Антониот Џиовинаци стартуваше трет, а до него беше број 99 Porsche 963 на тимот Proton.

 

Бурен почеток на трката. На стартот број 8 Toyota успева да ја сочува лидерската позиција и ја поведува трката. Меѓутоа после првиот свијок број 7 Toyota ја губи позицијата од број 51 Ferrari и паѓа на третото место, додека број 99 Porsche Proton останува на своето четврто место. Како се развива трката пред првите редовни застанувања во бокс број 8 Toyota со Буеми успева за цел круг да го стигне број 82 TF Sport Corvette од послабата класа LMGT3. При престигнувањето број 82 со Хироши Коизуми го допира и Буеми почнува да се врти на патеката среќа без оштетувања. Сепак паѓа на седмото место, додека Коизуми добива 5 секунди казна stop-go. Инцидентот го исфрла број 51 на чело на поредокот. И Џиовинаци ужива во лидерската позиција до првите застанувања во бокс. Во меѓувреме беснее вистинска борба за второто место меѓу број 12 Porsche Jota и број 99 Porsche Proton која ја добива број 12. Во првиот пит-стоп број 12 менува помалку гуми од број 51 и ја поведува трката. Џиовинаци не останува должен. Го демне и успева да се врати на чело веднаш пред вториот планиран пит-стоп, по што продолжува да води.

Буеми кој после инцидентот паѓа на седмата позиција полека се пробива напред и по второто застанување во бокс излегува на четвртата позиција. Пред него е тимскиот број 7 кој вози третопласиран веднаш зад број 12 Porsche Jota. Вака создадениот поредок на првата четворка се задржува се до половина од трката кога Камуи Кобајаши седнува зад волан на број 7 Toyota. Јапонецот успева да го престигне број 12 Porsche Jota и брзо се залепува до водечкиот број 51 Ferrari со Каладо зад волан. Во меѓувреме заради менување на возачите, Хартли презема од Буеми, број 8 од четврта паѓа на петта позиција.

 

Иако постојано врши притисок врз Каладо со број 51 на Кобајаши со број 7 не успева да избие на чело. Тоа му успева дури на Ник де Врис кој го презема број 7 од Кобајаши. Де Врис внимателно го следи лидерот Каладо и успева да го престигне на крајот од петтиот час од трката. Меѓутоа проблеми со електриката го принудуваат Де Врис полека да загуби дури минута зад водечкиот и на крај се откажува заради расипана пумпа за гориво. Број 51 продолжува да ја води трката и кога Каладо му ја препушта возачкото место на Пер Гуиди. Зад него на второ место повторно вози број 12 Porsche Jota. На почетокот од шестиот час трката се свртува на глава. Број 88 Proton Ford Mustang блеснува во пламен. За првпат на патеката се појавува виртуелниот „Safety-car” додека безбедносните екипажи се борат со запалениот автомобил и се обидуваат да го отстранат од патека. Ситуацијата ја користи број 51 и ја менува возачката постава. Џиованаци повторно е зад волан на број 51, но сега на втората позиција бидејќи број 12 Porsche Jota кој не застануваше во бокс го наследи водството. По отворањето на трката Џиовинаци тргна во отворен напад и за кусо време број 51 повторно беше во водство. Зад него остана број 12. Број 5 Porsche Penske возеше трет, број 15 BMW четврти, уште еден Penske Porsche со број 6 беше петти, а шести број 50 Ferrari. Единствениот автомобил на Toyota GR број 8 возеше на седмото место.

Последните 8 часа на Бахреин донесоа подеднакво големи возбудувања и во класата LMGT3. Се чинеше дека апсолутната доминација на квалификациите на тимот United Atosports и нивните два автомобили McLaren 720S со број 95 и број 59 ќе се пренесе и во трка. Меѓутоа и двата автомобили се сретнаа со проблеми и не минаа добро. За разлика од нив третопласираниот на квалификациите број 55 Ferrari 296 Vista AF Corse успеа да ја добие трката. Вистинска мешаница се случи во последниот час од трката. Пет автомобили ги менуваа позициите борејќи се за примат. Сепак во завршницата број 55 Ferrari успеа да стигне до првата победа годинава со Алесио Ровера зад волан. Зад него се наредија двете Corvette Z06 на TF Sport: број 81 и број 82. Во самата завршница број 82 успеа да го престигне број 60 Lamborghini Huracan на Iron Lynx за третото место, а петтото го освои број 91 Porsche 911 GT3 R на Manthey Ema.

Без оглед на исходот од последната трка шампион во класата LMGT3 стана тимот на Manthey Purerxcing со Porsche 911 GT3 R кој освои 139 бодови. Тимот на Manthey EMA со Porsche 911 GT3 R е втор со 105 бодови, а победата во Бахреин му го донесе третото место на тимот на Vista AF Corse со Ferrari 296 кој сезоната ја заврши со 97 бодови. Шампионската титула за возачи ја понесоа пулените на Manthey Purerxcing: Александар Малихин, Џоел Штурм и Клаус Бахлер.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.