Во чест на 40 годишнината од појавувањето на пазарот во Северна Америка на иконата меѓу компактните автомобили VW Golf производителот од Волфсбург најави лимитирана серија од 1.500 примероци. Моделот наречен Golf GTI 40th Anniversary Edition ќе се нуди само на пазарот во Северна Америка. Иако нарачките ќе можат да се направат уште сега првите примероци ќе бидат испорачани следната 2023 година бидејќи тогаш точно навршува 40 годишниот јубилеј.
Имено VW Golf GTI на пазарот во Северна Америка се појави за првпат во далечната 1983 година и се продаваше под името Rabbit GTI. Ова интересно парче автомобил со текот на годините им влезе под кожа на Американците и стана миленик на голем број автомобилски вљубеници. Затоа Volkswagen одлучи внимателно да избере како ќе ја претстави јубилејната изведба.
Golf GTI 40th Anniversary Edition ќе се нуди во четири бои. Ексклузивните Urano Grey и Tornado Red кои имаат долга историја врзана за GTI се очекува да бидат најбарани, но подеднакво интересни се и боите Opal White Pearl и Romelo Yelloe Metallic. Без оглед на бојата сите модели ќе имаат црн кров и црни ретровизори.
Бандажите се земени на заем од моделот GTI Clubsport 45, мерат 19 инчи и се обоени црно со црвен раб, а на маската ќе стои лого со бројката 40. Под хауба останува турбото од 2.0 литри со 241 КС, а менувачот може да биде рачен или DSG од што ќе зависи и почетната цена од 33.055 или 33.855 долари.
Љубомир Анастасовски