Поминаа точно 50 години од појавувањето на сега веќе легендарниот модел Фолксвагенов „голф“. Во овој период производителот успеа да го вивне споменатиот модел во небеските височини, односно да биде најпродаваниот автомобил како во компанијата така и на континентов. Да не беше голфот, Фолксваген можеше да се прости од постоењето на планетава или во најдобар случај да биде купен. Тогаш раководството врти нов лист и го најмува Џорџето Џуџаро да створи семејна комбилимузина од ниската класа. Мајсторот над мајсторите во својот занает го стори своето и продажбата тргна по нагорна линија. Накусо тоа е приказната за спас на Фолксваген, а денес е еден од светски најголемите производители благодарение на „голфот“ и секако вредните раце на работниците.
Време е на електричните автомобили, тие се во мода, но Волфсбург игра на две карти, покрај електричните сѐ уште ги има тие со бензински и дизел мотори. Новиот „голф“ кој ќе биде некој вид редизајн на веќе постоечката осма генерација, ја има сета класика во себе, но ако некој сака голф со електричен погон, во понудата има три изведби, една со умерена хибридна технологија со 115 КС и две со приклучок за полнење со електрична енергија со силина од 204 и 272 КС. Да ги спомнеме и останатите погонски единици, традиционалниот дизел, „тди“, со четири цилиндри во линија и зафатнина од 2,0 л развива 115, односно 150 КС. Потоа на ред е 1,5 л бензински со турбо, исто така, во две изведби, со 115 и 150 КС. Малку подоцна ќе биде претставена изведбата „гти“ со 265 КС, но и таа со погон на сите тркала наречена „4 моушн“.
Редизајнираниот или ако сакате, најновата генерација, деветтата, посветена на 50 годишнината од појавувањето, е последна со класични мотори, а од 2028 Фолксваген ќе го претстави електричниот „голф“.
Жарко Атанасоски