VOLVO EX90-„90“ ДОБИ ЕЛЕКТРИЧЕН ПОГОН

22/11/2022

Стаса и најблискиот пријател на „волво икс ц 90“ и тоа не било кој туку целосно електричниот наречен „е икс 90“. Се разбира, разлики меѓу нив нема, со исклучок на погонската единица и можеби нешто ситно и незабележливо во патничкиот оддел. Еден од најпродаваните модели од семејството е „90-та“ на Волво, во 2021 година продадени се скоро 38.780 примероци, втор најдобар продажен резултат за модел во историјата на марката на американско тло. Сега со електричната изведба, зголемената продажба е загарантирана и сигурно ќе го сруши постоечкиот рекорд.

Електричниот модел дели платформа со „сув“ моделот „3“ од марката Полстар, модел кој треба да се појави на пазарот речиси во исто време кога и моделот „волво е икс 90“. Двата спомнати „сув“ модели ќе се произведуваат во фабриката на Волво во местото Чарлстон во Ј. Каролина, САД. Колку за информација марката Полстар е луксузна дивизија на Волво, како што е Лексус на Тојота, Акура на Хонда, Инфинити на Нисан, ДС на Цитроен итн.

Батеријата од 111 киловати овозможува изминување на скоро 500 км, а во режим на брзо полнење на батеријата и се потребни 30 минути да се наполни до 80 отсто почнувајќи од 10 отсто. Возилото го задвижуваат два електромотори со вкупна силина од преголеми 517 КС со тоа што погонот е на двете оски.

Волво не е само возило кое посветува најголемо внимание на безбедноста, туку е посветен и на зачувување на животната средина. Со помош на посебна технологија, многу материјали во патничкиот оддел се изработени од преработен отпад. Возилата од оваа марка целосно му се посветени на човекот и неговите потреби, но во склад со природата. Еден од најновите уреди на Волво предупредува кога возачот ќе го заборави својот миленик или, не дај Боже, детето во автомобилот. Слика која воопшто не е убава, ако нештата се случат кога времето е студено, или, пак, среде лето кога температурите во автомобилот се искачуваат и до 50 С степени.

Списокот на сериска и дополнителна опрема е навистина голем, но аудио уредот со 25 звучници „бауерс и вилкинс“ и со долби атмос сараунд систем, мораше да биде издвоен. Според озборувањата, цената ќе биде некаде под 80.000 евра, а продажбата ќе започне во првата половина од следната година.

 

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.