Бразилската испостава на Волксваген го „поздравува“ светот со најновиот сув модел во купе изведба наречен „нивус“. Таму е дизајнирано, таму е конструирано и таму ќе се произведува, а ќе се продава веќе од средината од годинава најнапред дома и во Аргентина. Подоцна следат и останатите земји од Јужна Америка за потоа да се „пресели“ и на континентов некаде во втората половина од наредната година.
Дизајнот на „фолксваген нивус“ е свеж, класика од сув, но во ново издание, купе. Производителот во првичниот опис вели дека на два монитори со по 10 инчи ќе се следи работата на возилото. Потоа ја спомнува активната и пасивната безбедност потпомогната од електронско дигиталната технологија. Списокот на тие електронски помагала е поприлично долг и во него нема што нема, дири има од сè по нешто и за тие пребирливите.
Според димензиите, должина 4.266 мм, ширина 1.757, висина 1.493 мм и растојанието меѓу оските од 2.566 мм, „фолксваген нивус“ треба да е некој далечен роднина на моделот „голф“. Ако се има во предвид фолксвагеновата флексибилна платформа „м ку б“ тогаш сите форми и димензии се можни. Во спомнатите димензии се наоѓа и одделот за товар со волумен од 415 литри за кој дизајнерите велат дека во него и од него едноставно се внесува и изнесува најразличен багаж и дека е крајно употреблив.
„Фолксваген нивус“ ќе биде задвижуван од еден куп мотори, со тоа што за различни пазари ќе се вградуваат различни палети од мотори и сето тоа ќе се одвива според статистиката на производителот од досегашните потреби на купувачите.
Жарко Атанасоски