Volkswagen I.D.BUZZ CARGO-ИДНИНАТА Е ВО ИСПОРАКАТА НА ПРАТКАТA

01/02/2019

ОРИГИНАЛНИОТ VOLKSWAGEN TRANSPORTER Е НАЈПРЕПОЗНАТЛИВОТО ЛЕСНО КОМЕРЦИЈАЛНО ВОЗИЛО НА СИТЕ ВРЕМИЊА. СО ПРЕМИЕРАТА НА КОНЦЕПТОТ I.D.BUZZ CARGO, КОМПАНИЈАТА НИ ПОКАЖУВА КАКО ЕЛЕКТРИЧНИОТ ПОГОН МОЖЕ ДА БИДЕ ЦЕЛОСНО ПРЕРАБОТЕН И ПОДГОТВЕН ДА ГО СМЕНИ СВЕТОТ НА ЛЕСНИ КОМЕРЦИЈАЛНИ ВОЗИЛА.

 

Ако се земе во предвид дека помеѓу 2005 и 2015 година, глобалниот број на испорачани пратки во светот се зголемил за 128 % употребата на возила со погон на електрична енергија на кратки и средни дистанци е сосема логичен чекор. Потенцијалот кој го поседуваат овие возила би помогнал да се анулира стапката на CО2 во атмосферата, а воедно би се намалиле оперативните трошоците на услугите за испорака, со што го прават целиот процес многу поефикасен отколку досега. Затоа ваквиот тип на возила има потенцијал да ја донесе револуцијата во испораката на пратката.

МОЌЕН ЕЛЕКТРОМОТОР И ИСКЛУЧИТЕЛНА АВТОНОМИЈА
Верзијата карго располага со исклучително голем радиус на движење. Во зависност од големината на батеријата може да измине од 320 до 550 километри со едно полнење, измерено според новиот WLTP циклус. Доколку возилото на дневна и неделна основа ги покрива нормалните растојанија во град, се препорачува литиум-јонска батерија со енергетски капацитет од 48 kWh, а ако секојдневната рута е на подолга дистанца тогаш во игра влегува батеријата со зголемен капацитет од 111 kWh. Volkswagen ја комбинира батеријата во I.D.BUZZ CARGO со електричен мотор од 201 КС, еднобрзински менувач и погон на задните тркала.

Меѓутоа, системот за погон на сите тркала, како оној што е имплементиран во патничката верзија на I.D.BUZZ стои како опција за вградување и кај CARGO моделот во иднина со едноставно додавање на дополнителен електричен мотор на предниот дел на возилото. Протокот на високонапонската енергија помеѓу моторот и батеријата е контролиран од посебен електронски систем кој воедно се грижи возилото да не ја премине електронски ограничената брзина од 160 км/ч. Батеријата од 111 kWh часови во I.D.BUZZ CARGO може да се наполни до 80 проценти за 30 минути преку брз полнач од 150 kWh, воедно батерискиот модул, исто така, е подготвен за индуктивно (безжично) полнење преку посебно изработен систем.

РЕТРО- ФУТУРИСТИЧКИ ДИЗАЈН
Дизајнот на I.D.BUZZ CARGO е дефиниран од интеракцијата на познатите ДНК елементи на оригиналниот и футуристички модел Transporter. Предниот дел со карактеристична V линија и типично пријателско лице јасно го одразуваат стариот автомобил, но сепак во целосно нова интерпретација. Наместо кружните фарови од оригиналниот модел, CARGO поседува ЛЕД системи кои не само што го осветлуваат патот, туку и интерактивно комуницираат со пешаците. Надворешно, CARGO е различен од I.D.BUZZ не само по своите зголемени габарити туку и со имплементација на соларен покрив кој има фотоволтаичен систем што генерира енергија која може да го продолжи радиусот на движење за допоплнителни 15 км. CARGO се разликува и по волуменот наменет за транспорт, благодарение на компактниот електричен мотор кој е поставен на задната оска, се создава простор од 7 М3 до кој се доаѓа преку големите задни врати, доколку пратката се мери по тежина максималната носивост изнесува 1.760 кг.

АВТОНОМНОТО ВОЗЕЊЕ И РАБОТА ВО ДВИЖЕЊЕ
Најновиот член на I.D. семејството сочинува дел од новата генерација на целосно поврзани електрични возила. За време на автономното возење можно е да се прифатат распоредите и да се обработуваат нарачки од работното место на возачот. Благодарение на податоците од поврзаните системи на полици, исто така, е можно да се изврши проверка на нарачките додека сте во движење. Системот вграден во BUZZ CARGO се грижи за оптимално и флексибилно планирање на маршутата, земајќи ги во предвид претходно закажаните термини со клиентите.
Дополнителната помош на возачот доаѓа и од функцијата за проверка сите предвидени пратки, тие што недостасуваат се означени пред почетокот на патувањето, а сите издадени пратки автоматски се регистрираат во системот.
Како и сите I.D. модели, CARGO се карактеризира со исклучително простран ентериер. Внатрешноста е прилагодена за комерцијална употреба, до најситни детали. Наместо две единечни седишта концептното возило е опремено со возачко седиште и двојнa клупа на совозачката страна. Средното седиште може да се преклопи надолу за да се отвори дел каде што возачот може да користи интегриран лаптоп.

Во автоматски режим I.D.PILOT, ова може да се направи дури и во движење. Возачот го активира автономниот режим со едноставно притискање на управувачот неколку секунди, кој потоа се повлекува во таблата со инструменти. Тогаш седиштето на возачот може да се сврти на 15 степени на десно, овозможувајќи да се управува со вградениот компјутер од идеална ергономска положба.

Во режимот на мануелно возење, главните контроли се наоѓаат на управувачот, а информациите се проектирани во 3D преку „head up display“. Ретровизорите стануваат дел од минатото, нив ги менуваат камери што прикажуваат слики на малите странично поставени екрани во кабината, а на централниот дисплеј се прикажуваат информации од инфозабавниот систем и параметрите на клима уредот.

Сериската верзија на моделот I.D.BUZZ CARGO се очекува да ја доживее својата официјална премиера најдоцна за три години, во повеќе изведби на каросеријата и опременост според потребите на компаниите за комерцијална употреба.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.