Во пресрет на празниците-РАСКОШОТ НА ВЕЧНИОТ ХАБСБУРШКИ СЈАЈ

22/12/2022

АВСТРИСКАТА МЕТРОПОЛА ОД КОЈА ДИШЕ ПОЕТСКИ ЗАНЕС ВО ГОЛЕМА МЕРА ПОРАДИ НЕЈЗИНАТА РОМАНТИКА, ПРЕПЛЕТЕНА СО МИНАТОТО, НО И СЕГАШНОСТА – НАЧИНОТ, СТИЛОТ НА ЖИВЕЕЊЕ НА ВИЕНЧАНЦИТЕ СООДВЕТСТВУВА НА ИСТОРИЈАТА – ЦАРСКИ, ГОСПОДАРСКИ… СПАЃА ВО ГРУПАТА ДЕСТИНАЦИИ ШТО ЗА ВРЕМЕ НА БОЖИЌНИТЕ И НОВОГОДИШНИТЕ ПРАЗНИЦИ ТРЕБА ДА СЕ ПОСЕТАТ ЗАДОЛЖИТЕЛНО. СЕКАКО СПОРЕД МОЖНОСТИТЕ. ГОДИНАВА Е ЈУБИЛЕЈНА, ПОСЕБНА, ИСТО КАКО И КУЛТУРАТА НА ПИЕЊЕТО КАФЕ. СО ШТРУДЛА, НА ПРИМЕР

 

Подготовките за Божиќ и Нова година обично почнуваат на почетокот на ноември, кога се китат и улиците на Виена, зданијата, дуќаните и, секако, кафе-рестораните за кои се вели дека претставуваат нејзин амблем, симбол, меѓу другото, а подоцна, околу 10 ноември, се отвораат и божиќните маркети, односно панаѓури. Децата ги очекуваат со нетрпение, а сјајот во нивните очи е бесценет кога ќе почнат да работат. Тоа се однесува и на повозрасните. Впрочем, кој може да им одолее на слатките, пунчот, печените бадеми, вареното вино… во комбинација со добро расположение, пријатно чувство како дел од нивната убавина. Годинава се прославува 300-годишнината од постоењето на Wiener Christkindlmarkt, заедничкото име на божиќните пазари на дури 17 локации. Меѓу нив и надалеку прочуените Christmas Market Schloss Schönbrunn, Art advent on Karlsplatz, Old Viennese Christmas Market on Freyung, Christmas Village on the University Campus, Christmas Market on Spittelberg и Viennese Christmas Market Rathausplatz. Бројот на тезгите достигна 1.000 (поточно 950), од кои 161 се наменети за продажба на кулинарски специјалитети. Повеќето виенчанци таму купуваат подароци за блиските пријатели, роднини… така е од памтивек. Новогодишната елка од Штаерска – смреката е стара 130 години, висока 28 метри, се наоѓа пред градското Собрание и ја осветлија на 19. Имено, нејзини донатори се покраините, секоја година по една. И покрај тоа што кризата е глобална, градот на „синиот“ Дунав (син е само во валцерот на Јохан Штраус II) – австриската метропола е доследна на својата повеќевековна традиција, но и на дочекот на Нова година, по кој утредента, на 1 јануари, се одржува новогодишниот концерт на Виенската филхармонија во златната сала на Musikverein, овој пат со маестро Franz Welser-Möst пред диригентскиот пулт. Тој редовно се пренесува во живо во дури 90 земји, а првпат е изведен на 31 декември 1939 година.

КУЛТУРАТА НА ПИЕЊЕТО КАФЕ, ИСХРАНАТА КАКО НАЧИН, СТИЛ НА ЖИВЕЕЊЕ, ПА И СТАВ

Виена е позната и по културата на пиење кафе. Повеќевековна е како и сè друго со придавките „царски“, „господарски“. Таа е една од нејзините вредности што се негуваат, почитуваат и ден-денес, во сегашно време. Имено, сите битни прашања се решаваат во кафе-рестораните. Таму се донесуваат и многу одлуки, со кафе и нешто слатко. Без оглед на празничното расположение што наново ги буди сетилата од причина што мирисите се толку пријатни и не може да им се одолее, пиењето кафе во главниот град на Австрија е задоволство, мераклиска работа што не мора да се врзува исклучиво со нив, божиќните и новогодишните празници. Кога и да ја посетите, во кое било годишно време, задолжително одете на кафе и нешто слатко во еден од многуте кафе-ресторани, зошто не и во неколку, за да ги почувствувате нивните вкусови, ароми… уживајќи во нив, како и во повеќевековната култура на пиење кафе, па дури и на исхрана, која е незаобиколен дел од начинот, стилот на живеење, но и став. Не случајно во 2011 година УНЕСКО ја прогласи за нематеријално културно наследство. Уникатноста е резултат и на атмосферата што е своевидна комбинација на шумот на весниците, разговорите за Бога и за настаните во државата и во светот. Можеби на некоја од масите се пишува и книга – иден бестселер, со кафе и нешто слатко  кој знае. Меѓу познатите, каде што минатото, историјата се преплетува со сегашноста се вбројуваат и Sperl, Schwarzenberg, Korb, Jelinek, Hawelka и, секако, Central и Gerstner. Последните два се издвојуваат со својата автентичност, приказна. Оттаму и нашата, односно препораката на „Клуб Мобилити“.

КАДЕ ШТО ЛЕОН ТРОЦКИ, СИГМУНД ФРОЈД… БИСТРЕЛЕ ПОЛИТИКА, НО И ФИЛОЗОФИЈА

Café Central е присутен буквално во сите бедекери, туристички водичи, а се наоѓа во Palais Ferstel – дворот чија архитектура е инспирирана од венецијанската, во периодот на тречентото, каде што Herrengasse се спојува со Strauchgasse, на самиот агол. Го управува Palais Events. Датира од 1876 година. Веќе 146 години е синоним на луксузот и луксузниот живот со преносно значење, но и буквално. Раскошот е очигледен, во комбинација на тивкото свирење на пијано. Како некогаш, во кафе-ресторанот се послужуваат и специјалитетите што важат за класика во австриската кујна, поточно виенската – од истоимената шницла до Tafelspitz (варено говедско филе) и неизбежно Kaiserschmarrn (засладени резанки од палачинки, омилени на императорот Франц Јозеф Први), но пиењето кафе со нешто слатко, друго е сепак приоритетно и прашање на стил. Па, дури и со пура за да не се заборават некогашните седенки, дружби во кои биле и многу познати, како револуционерот Леон Троцки, психоаналитичарот Сигмунд Фројд, пишувачите Алфред Полгар, Петер Алтенберг (интересна е анегдотата за него, кога си заминал, а не го платил цехот) и Стефан Цвајг, архитектот Адолф Лос… Листата е долга и на темите за разговор, во голема мера и филозофски. Независно од местото на кое ќе седнете, дали во делот на Café Central што е типичен виенски, историски или, пак, во Arkadenhof во кој се влегува од страната на Herrengasse на посебен влез, каде што медитеранскиот шарм е изразито присутен, се гарантира убав помин. Благодарение на декоративните палми, мермерните скали и стаклениот таван што потсетува на Венеција од тречентото, разликата во ентериерот не само што е голема туку и дијаметрална. Но во тоа е убавината на кафе-ресторанот, еден од најпознатите во Виена каде што културата на пиење кафе има особен јазик. Имено, кога виенчанците велат Obers – мислат на крем, Schlagobers е неизматена слатка павлака, а Schlag е виенски израз за изматена слатка павлака и, секако, се послужува во Cupf – пехар. Изборот на кафиња не е многу голем, но направен е внимателно – од Mokka/Brauner, Wiener Melange (6 евра) до Café Central Kaffee, Amadeus (со ликер, 8 евра), како и на слатките – од Milchrahmstrudel mit Vanillesauce (8 евра) до Wiener Apfelstrudel (5,90/8 евра). Во слаткарницата, каде што се нарачува и за дома, но и онлајн, има изобилство бонбони, кафиња, колачи, ликери, чаеви, џемови. Кафето секогаш се служи со чаша вода за да се исплакнат непцата. На рабовите се става лажиче, свртено наопаку што значи дека тукушто е наполнета, согласно хабсбуршкиот бонтон.

ВО СТИЛОТ НА ИМПЕРИЈАЛИЗМОТ, СО ПОГЛЕД НА ОПЕРАТА

Gerstner, исто така, се вбројува меѓу познатите кафе-ресторани во австриската метропола, без оглед на тоа што е понов во споредба со гореспоменатите, но предизвикува интерес кај виенчанците и посетителите на Виена, односно туристите. Отворен е во 2014 година по повод божиќните/новогодишните празници, без оглед на фактот дека Gerstner K. u. K. Hofzuckerbäcker постои веќе 175 години, од 1847 година. Тогаш Антон и Барбара Герстнер, всушност, ги удриле темелите на својата компанија, со отворањето на слаткарницата во центарот на метрополата, која поради добриот квалитет на слатките веднаш склучила договор со дворот за да го снабдува. Оттогаш и придавката „царска“, т.е. „господарска“.

Големиот квалитет е задржан и денес. Од таа причина е ангажирана во повеќе дворци, палати кога има разни случувања, а нејзин е кетерингот што вклучува и солени јадења. Новиот кафе-ресторан се наоѓа на Kärtner Strasse 51, спроти Виенската опера. Жителите на градот ќе ве упатат кон него објаснувајќи дека неговата локација е „визави“ Wiener Staatsoper, во Palais Todesco. Изразот е карактеристичен за нив, кога се мисли на „преку улица“. Лоциран е на три ката. Во приземјето е продавницата каде што може да се купат слатки, сувенири во духот на империјализмот… убаво спакувани. А може и да се нарача за седење горе, на првиот или на вториот кат. Првиот личи на дневна соба со многу слики на ѕидот, столни ламби, пијано, кадифе и, секако, поглед на Операта. Местото е идеално за негување на културата на пиењето кафе и покрај тоа што се послужуваат и био/органски чаеви, вегански сокови, пунч и шампањ. Капучино во порцеланска шолја или некое друго кафе, типично за Виена, во комбинација со парче торта („естерхази“, „кардинал“, со малини – 5,50 евра) е вистинско задоволство. Не изостануваат ни колачите Сиси, Тартуф (5,50 евра)…, ни миникуглофот (3,40 евра), ни штрудлата со јаболка (5,90 евра). Изборот е навистина голем, а не помалку е снабдено и онлајн купувањето: пакувања чоколади (божиќната – темна, со ѓумбир од 120 г чини 7,20 евра), чоколадни бонбони (пралине – од 6,80 до 35 евра), ликери (цената за три шишенца Моцарт е 17,90 евра), пенливи вина (три мали шишиња Шлумбергер чинат 12,90 евра). Специјалитетите на виенската кујна се служат на вториот кат, а амбиентот потсетува на империјалниот главен град.

Порано елитата се собирала токму на тоа место, во палатата каде што живеела аристократската фамилија Тодеско, а благородничките манири во Виена се забележливи и сега, тие се дел и од културата на пиењето кафе, јадењето. За време на божиќните и новогодишните празници, кога метрополата блеска во сјајот на светилките, боите… а граѓаните целосно й се препуштаат на неговата убавина, исполнете си ја желбата да ја посетите, во зависност од можностите бидејќи тогаш дефинитивно е најпривлечна.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.