ВИСОКАТА ТЕХНОЛОГИЈА СО НАЈНОВИТЕ ТЕХНИЧКОТЕХНОЛОШКИ ИЗУМИ ВИДЕНА ОД ДРУГ АГОЛ
Светот е сведок на многу пронајдоци што наместо да влезат во сериско производство, често од најразлични причини останале во „фиока“, а сите зборуваат за внесувањето на врвната технологија во секојдневјето.
На пример, светилката. Поточно диодите што испуштаат светлина, односно лед-светилките. Долго време светот „се обидувал“ да најде замена за обичната светилка. Тоа е светилката со фолфрамово влакно, 90 отсто од електричната енергија ја претвора во топлина, а само 10 отсто во светлина. Првата светлечка диода била пронајдена и изработена од компанијата Тексас Инструментс, поточно од Роберт Бајард и Гери Питман. Тоа се случило во 1961 година. Нивната лед-светилка имала микроскопска големина и била непрактична за секојдневна употреба. Татко на лед-светилката е Ник Холонјак, кој ја направил во 1962 година додека работел за Џенерал Електрик. По 10 години Џорџ Крафорд (вработен во Монсанто) користел една зелена лед-светилка и една портокалова за да добие жолта светлина. Веднаш потоа ја создал лед-светилката што давала 10 пати повеќе светлина од таа на Н. Холојанк. Оттогаш Монсанто станува најголем производител на лед-светилки во светот. Сепак, тие не биле како денешниве.
Во 1994 година Шуџи Накамура (добитник на Нобелова награда) ја направил првата лед-светилка што е основа за развој на сите денешни. Сето тоа е многу убаво, но патот на светлечката диода (една катода и една анода и на средина кристал) датира од 1907 (компанијата Маркони – Х.Џ. Раунд), односно 1927 година (Олег Лосев), а флуоресцентната светилка по 1890 година. Дали беа потребни околу 120 години лед-светилката да стане тоа што е денес или некој ја штител волфрамовата светилка, односно индустрија? Лед-светилката троши 10 пати помалку енергија од волфрамовата и дава 10 пати повеќе светлина.
Дизeл-моторот во секој поглед е поефикасен од ото моторот речиси двапати, но сепак ото (бензински) моторот беше 10 пати повеќе развиван од дизелот. Најсовршениот дизeл-мотор е во сопственост на Даихатсу. Светската премиера беше одржана во 1999 година на Салонот за автомобили во Франкфурт, но…? Тој мотор не „заживеа“, иако троши 40 отсто помалку гориво од сите денешни мотори од негова категорија и испушта под 100 г СО2 на 100 поминати километри, а неговата количина СО2 никако не можат да ја постигнат другите производители. Покрај тоа, моторот има зафатнина од само 987 см и е двотактен, а Даихатсу, во однос на останатите дизел-мотори од класата, е многу помирен при работењето, односно вибрациите се занемарливо мали. Турбомоторот носи ознака „е 202“ и поседува технологија што во секој миг врши променливо отворање и затворање на вентилите (дввт – динамик вариабл валв тајминг), во зависност од режимот на работа на моторот. Сè ова е „зачинето“ со комон реил системот за внесување гориво и со хибриден систем за втиснување воздух, механички компресор и (плус) турбополнач. Трицилиндричниот двотактен дизел-мотор има 60 КС и на секои 100 км троши 2,9 литри гориво. И покрај супериорноста во однос на конкуренцијата, „даихатсу е 202“ не заживеа, а „даихатсу сирион 2 цд“ фаќа прав во некоја хала или музејско депо.
Зошто? Пред повеќе од 25 години едно германско семејство претстави три ротациони мотори наменети за авијацијата. Нивното име е Цохе (Zoche). Двотактни дизел- мотори со два (75 КС), четири (150 КС) и осум цилиндри. За моторот со осум цилиндри (и 300 КС) велат дека е најтивкиот и најурамнотежениот мотор во светот. Сите три мотори можат да користат неколку вида дизел-горива (дизел- гориво # 2, џет јп 4, јп 5, јп 8 и џет А), што е голема предност во однос на авионскиот бензин што нема ист квалитет секаде.
И да напоменеме, керозинот и неговите изведби се најмалку двапати поевтини од авионскиот бензин. Еден авион двосед, четворосед или шестосед („злин“, „мол“, „пајпер“, „цесна“ и другите од класата), кој користи авионски бензин, со еден резервоар може да прелета 750 км. Ако авионот е опремен со „цохе“ ротационен (ѕвездест) мотор со ист резервоар за гориво ќе прелета 1.100 км. Покрај помалата потрошувачка, 40 отсто, керозините, кои спаѓаат во дизел-горива, се поевтини за 50 отсто од авионскиот бензин. На првото претставување на трите ротациони мотори творците добија прва награда од тутунската компанија Марлборо, која секоја година доделува парични награди за врвни достигнувања во новите технологии. Моторите Цохе имаат иста судбина, како и моторот од Даихатсу. Засега ги нема во авионската индустрија, но ќе предизвикаа темелно препород во делот на малите авиони. Потивки, трошат помалку гориво, со вибрации сведени на минимум, но засега овие мотори некаде фаќаат прав.
Во периодот пред Втората светска војна Никола Тесла им напишал писмо на своите роднини од Војводина и го поканил внукот да го посети. Му напишал: „Бидејќи студираш природни науки (физика) дојди да видиш што сум направил, ќе те заинтересира.“ Подоцна внукот дошол во Америка и навистина имал што да види. Тесла конструирал дотогаш (а ни сега) невиден електричен погон што го вградил во еден автомобил. Заедно со внукот го возеле автомобилот цела недела до многу места во округот каде што тогаш живеел Тесла.
Поминувајќи покрај рестораните каде што седеле неговите колеги големиот научник ги поздравувал со следниве зборови: „Гледајте, електричен е, но нема потреба од претходно полнење.“ Со тоа нагласувал дека неговиот автомобил немал батерии и затоа немало што да полни, а погонскиот состав имал облик на цевка со пречник околу 20-25 см и должина околу 120 см. Таа „цевка“ била поставена меѓу предните седишта и продолжувала до потпирачот на задните седишта. На горниот дел од цевката се наоѓала антена преку која (наводно) автомобилот се снабдувал со некаква енергија што потоа била претворана во електрична. Користење енергија од стратосферата и нејзино претворање во електрична и тоа бесплатно. Ова се дел од кажувањата на сведоците што го виделе Тесла со автомобилот, меѓу кои имало и негови колеги. Ова со автомобилот на Тесла се случило само еднаш и нема други сведочења од очевидци. Каде е пронајдокот на Тесла? Засега никој ништо не кажува, односно приказнава се толкува како измислена. Последната деценија од минатиот век на светски познатата манифестација за претставување пронајдоци од најразличен тип (се одржува секоја година во Брисел), еден Македонец се вратил дома (Кочани/?/) со прва награда. Велат (не сме сигурни) дека таа година првите три места ги освоиле Македонци – победа 1 – 2 – 3. За нас е најинтересен првонаградениот кој со својот автомобил допатувал на саемот во Брисел и пред жирито го претставил својот изум – некој вид филтер што го спречувал (отстранувал) чадењето од издувниот систем. И од овој супериорен изум (филтер, катализатор или што и да е) нема трага во секојдневјето. Најверојатно пронајдокот некаде фаќа прав. Да сакаше светот чист воздух, досега безброј пати ќе го употребеше првонаградениот филтер од Брисел. За овој настан зборуваа многу списанија и неколку национални телевизии.
Ова е повод читателите да размислат зошто светот постапил бедно со многу пронајдоци.