ВРЕМЕ Е НА СОВРЕМЕНИ НЕШТА И ВИСОКА ТЕХНОЛОГИЈА, НО СТАРИТЕ ДОБРИ НАПРАВИ КАКО КАТАПУЛТОТ СÈ УШТЕ ДОБРО СЛУЖАТ ИСТО ОНОЛКУ КОЛКУ И НАЈСОВРЕМЕНИТЕ РАКЕТНИ СИСТЕМИ ЧИЈА ЦЕНА ВО МОМЕНТОВ СЕ МЕРИ СО ДЕСЕТИЦИ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ
Вселенската технологија отсекогаш била достапна само за најбогатите, Истражувањата се премногу скапи, особено тие наменети за леталата, нивото правење, одржување, сето тоа се мери во милијарди долари. И не е само ракетата, леталото, туку космодромот, неговото одржување и хектолитрите вода потребни при лансирањето и трошењето преголемо количество ракетно гориво. Да не говориме за ракетни системи кои треба да пренесат човечки екипаж – тие се неколкукратно поскапи отколку ракетите кои со себе носат сателити. Денес цената за лансирање комуникациски сателит во земјината орбита изнесува 62 милиони долари.
Бидејќи човекот по природа е љубопитно суштество, везден само нешто размислува, испитува, експериментира и копнее по нештата. Од пред неколку децении во умот му се врти идејата да создаде летало кое ќе го напушти тлото од планетава и ќе стаса во вселената, но не со класичните ракети, туку со ракета која користи механичка сила, на пример катапулт. Изгледа малку смешно, неостварливо, детски и чудно!? Можеби е така, но неколку компании сериозно навлегле во конструирањето машина (катапулт) со која ќе лансираат летала во вселената. Компанијата „Спинлонч“, од Калифорнија, отиде најдалеку и зад себе веќе има еден успешен експеримент постигнат минатата година во октомври кога лансираше проектил во вселената со помош на катапулт од сопствено производство. Проектилот се става во уредот (катапултот), потоа се создава вакум во тој простор и проектилот го вртат во круг со брзина за неколку пати поголема од брзината на звукот. Кога проектилот (ракетата) ќе ја постигне крајната брзина (околу 343 m/s x 4) при ротирањето, уредот го откачува проектилот и тој излегува преку една вертикално поставена цевка која игра улога на лансирна рампа. Откако сателитот ќе биде поставен во земјината орбита, проектилот со помош на падобран се враќа на земјата, го обновуваат и истиот повторно е подготвен за лансирање. Обидот се темели на центрифугалната сила која е искористена до крајни граници со уредот наречен катапулт.
За понатамошните лансирања кои ќе бидат редовни, компанијата Спинлонч има намера да изгради уред (катапулт) за лансирање три пати поголем отколку сегашниот со кој е извршено успешното лансирање на 22 октомври. Колку да имате претстава, сегашниот катапулт е висок 50 метри. На почетокот ја спомнавме сумата од 62 милиони долари потребна за лансирање на комуникациски сателит со класичните ракети. Со катапултот на Спинлонч цената драстично паѓа на само 500.000 долари и притоа не се потребни хектолитри вода, преголема количина посебно гориво кое откако ќе изгори остава зад себе тони од честички и штетни гасови и уште којзнае колку тони прашина од алуминиумска легура која останува во орбитата засекогаш. Тука се појавува и вселенскиот отпад.
Во моментов има 6.000 сателити во орбитата над планетава од кои 3.600 се целосно неупотребливи. Откако некој ќе биде привлечен од земјината тежа, тој гори поради триење во атмосферата. Металниот космички отпад ќе изгори, но прашината од согорувањето со децении ќе се задржи во горниот дел од атмосферата и токму таа е загадувач на планетата, затоа што ракетите се направени од алуминиумски легури, а прашината за која зборуваме во себе најмногу има алуминиум.
Лансирање за 500.000 долари, далеку поевтино од сегашните лансирања, ќе овозможи голем број на држави да лансираат сателити, а не само најбогатите и тоа без речиси никакво загадување на планетата.