Висока технологија-ПОДВОДНОТО ПЛОВИЛО, ЛЕТНИОТ ОДМОР И ВИЕ

24/06/2022

НУРКАЊЕТО МОЖЕ ДА БИДЕ МНОГУ ЕДНОСТАВНО И ЗАБАВНО АКО ПОСЕДУВАТЕ СООДВЕТНА НАПРАВА ШТО ЌЕ ВИ ГО ОЛЕСНИ ДВИЖЕЊЕТО ПОД ВОДА. ТАКОВ ПРОИЗВОД ВЕЌЕ ПОСТОИ НА ПАЗАРОТ И Е МНОГУ ПРАКТИЧЕН, ГО СОБИРА ВО РАНЕЦ ИЛИ ВО ТОРБА ЗА НА ПЛАЖА. САМО ТРЕБА ДА РЕШИТЕ ДАЛИ ЌЕ СЕ ДРУЖИТЕ СО МОРСКИТЕ ЅВЕЗДИ, ВИЛИНИТЕ КОЊЧИЊА, РАЗНОБОЈНИТЕ РИБИ И КОРАЛИ

 

Топлиот период од годината предизвикува повесело расположение, а нештата добиваат поубава и поинаква димензија. Тогаш се прават планови за тековната година, но најмногу умот е насочен кон летните одмори. Ако се одлучите за одмор покрај вода, тогаш забавата може да биде уште поинтересна доколку сте љубител на истражување на подводниот свет. Тој воден дел, всушност, претставува посебна планета што премногу се разликува од делот во кој живееме, односно воздушниот дел. Таа разлика вреди да се почувствува, да се види и доживее. Токму за љубопитните, за оние со истражувачка душа, кинеската компанија Вајду нуди „играчка“ на електричен погон со која сите нуркачи можат да си го олеснат движењето под вода, независно дали се почетници или, пак, добро обучени подводни крстосувачи, па дури и професионалците ќе ја вклучат направата во класата корисни алатки. Таа „играчка“ е наречена „субнадо“ и тоа е мал млазен мотор направен во вид на цилиндар долг 38 см, со пречник од само 6 см, а во делот каде што се наоѓа пропелерот пречникот изнесува 7 см. Играчката слободно може да се нарече подводен скутер, иако не е тоа според обликот и начинот на возење. Производот „субнадо“ е направен од алуминиум и тежи 1,4 килограми, најлесен и најмал од сите подводни превозни средства. „Субнадо“ се зацврстува на рака, а се управува преку еден посебен прстен.

Творците на „субнадо“ велат дека не е потребна никаква посебна обука, односно треба само да се следат инструкциите од упатството, но сето тоа да се прави дисциплинирано и за половина час се станува капетан на подводниот скутер, кормилар. „Субнадо“ постигнува брзина од околу 5 км/ч или 1,4 метри во секунда и со едно полнење на батерија може да нуркате 55 минути. Полнењето на батеријата 98 Wh трае 75 минути. Крајната брзина е релативна работа, тука голема улога игра тежината на лицето што управува. Електромоторот 500 W има потисок од 6,5 килограми, односно може да понесе лице со тежина од 65 кг со брзина не поголема од 1,4 м/с. Кормиларот нуркач може да избира со која брзина сака да се движи со помош на тристепениот „менувач“.

Подводното пловило „субнадо“ ја врши својата работа до длабочина од 60 метри, а потоа притисокот си го прави своето. Мора да ја споменеме употребливоста на батеријата. Преку неа може да го наполните вашиот телефон, да го осветлите местото каде што кампирате и за многу други нешта каде што е потребно не многу големо количество електрична енергија. Цена? Денес интернетот многу ги поедноставни работите така што може дури и директно да разговарате со производителот. Ви дадовме идеја како да го збогатите со нови доживувања летниот одмор покрај вода. Колку за промена, производот „субнадо“ може да ви помогне да откриете многу непознати за подводниот свет и неговите неповторливи бои.

 

Жарко Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.