КОМПАНИЈАТА АПТЕРА СЕ ФАЛИ СО СВОЕТО ВОЗИЛО НА СОНЧЕВА ЕНЕРГИЈА, ВЕЛИ МОЖЕ ДА ИЗМИНЕ 1.600 КМ СО ЕДНО ПОЛНЕЊЕ НА БАТЕРИЈАТА. ПРЕД 100 ГОД. ПРОИЗВОДИТЕЛОТ НА ЕЛЕКТРОМОБИЛИ БЕЈЛИ ЗАЕДНО СО ТОМАС А. ЕДИСОН ПОДГОТВИЛЕ ДВЕ ЕЛЕКТРИЧНИ ВОЗИЛА ЗА РЕЛИ СО РУТА ДОЛГА 1.600 КМ. И ДВАТА АВТОМОБИЛИ СТАСАЛЕ НА ЦЕЛТА. СО ЕДНО ПОЛНЕЊЕ ИЗМИНАЛЕ 1.600 КМ. САМО ШТО ТОА СЕ СЛУЧИЛО ПРЕД ТОЧНО 113 ГОДИНИ
Електромобилите во ова столетие земаа и сè уште земаат и приредуваат голем замав. Не е сè до тоа што не чадат, туку се пропратени со голема рекламна кампања, такво нешто во светот на рекламирањето досега не е видено.
Електромобилите биле чисти, еколошки… да, но не е токму така како што се кажува. Колку еден таков автомобил предизвикува загадување додека се направи, каде ќе се складираат старите истрошени батерии, внатре има тешки метали, што со нив? Можеби спасот е во водородот, само што тој склоп треба да се доусоврши, да се издигне на повисоко и поедноставно ниво. Не дека водородниот погон со горивните ќелии не е добар. Сончевата енергија и фотоволтаиците што со нив? Треба да се пронајдат и произведат поиздашни фотоволтаици, да бидат поефикасни во прибирањето сончева светлина и нејзино преработување во електрична енергија. На светот сега му се потребни тие сончеви панели со фотоволтаици, но кои произведуваат пет до шест пати повеќе електрична енергија од сегашниве. Тој миг со доусовршувањето на сончевите панели и нивната способност за производство на електрична енергија е клучен. Се прашувате зошто е клучен? Електричната енергија која ја имате во вашите домови некаде се произведува, но не со помош на сонцето, туку хидроцентрали, термоцентрали, нуклеарки итн. Која повеќе, која помалку, си го носат тоа заедничкото, загадувањето. Е да, но автомобил кој има свои фотоволтаици (сончеви панели) и самостојно се снабдува со електрична енергија не загадува или загадувањето е занемарливо мало.
Компанијата Аптера, лоцирана во Сан Диего, Калифорнија, неколку години наназад подготвува автомобил на сончева енергија со сопствени панели поставени на горната стана од возилото. На крајот од месец јануари компанијата најави сериско производство на автомобилот со име Аптера, а моделот е „лонч едишн“. Сè е подготвено за сериско производство, а компанијата веќе има околу 40.000 нарачки. Автомобилот е правен од лесни материјали. На пример, со 60 kWh батерија возилото тежи 816 кг, додека коефициентот на отпор на воздухот изнесува само 0,13. За возилото да има што помала допирна површина на асфалтот, возилото има три тркала. Четирите тркала придонесуваат за повеќе триење со подлогата отколку три тркала и тоа троши повеќе струја. Затоа „аптера солар кар“ има три тркала. Возилото го задвижуваат три електромотори со силина од 50 kW по еден на секое тркало, но има изведба и со два електромотори, еден на предната оска и еден на задното тркало. Погодувате тое е основниот модел во понудата, а најскапиот што ќе се продава по цена од 45.000 долари, така вели производителот, таа изведба ќе изминува по 1.600 км со едно полнење на батеријата. Возилото е двосед со следниве димензии: 4.496 mm х 2.225 mm х 1.422 mm и растојание меѓу оските од 2.743 mm. Од 0 до 100 км/ч потребни му се пет секунди, а постигнува максимални 163 км/ч. Композитните материјали се дело на производителот Ц.П.Ц Груп, а колку за информација компанијата ги снабдува со истите материјали и големите: Ферари, Ламборџини, Мекларен, Масерати и БМВ.
Во речиси идеални услови сончевите панели обезбедуваат електрична енергија за изминување околу 60 км. Така вели производителот и ред е да му веруваме. Штом е тоа така, тогаш сопствениците ретко кога ќе ја приклучат батеријата да се полни. Батеријата се полни преку сончевите панели преку цел ден, независно дали возилото стои или се движи. Еден час полнење на батеријата на мрежа од 110 волти е еднаква на 21 км, додека еден час полнење на 220 – 240 волтна мрежа тое е еднакво на околу 45 км.
Во зависност од батеријата возилото може да измине од 400 км до крајни 1.600 км со 100 kWh батерија. Основната изведба, таа што може да измине 400 км во моментов чини 26.000 долари или 45.000 долари за таа што изминува 1.600 км. Последниве бројки го матат умот, а еве и зошто. Во 1910 година Томас Алва Едисон заедно со компанијата Бејли, производител на електрични автомобили, учествуваат на рели натпревар во кој и двата автомобили од марката Бејли го завршуваат релито. И сега да нагласиме, рутата била долга 1.600 км. Значи пред 113 години два автомобили изминале 1.600 км со едно полнење на батеријата и развивале брзина од околу 40 км/ч.
А што е со „аптера солар кар“? Продажбата треба да започне во втората половина од годината. Најнапред фабриката ќе произведува по 5.000 примероци годишно, а веднаш потоа двојно повеќе. Целта е да се произведуваат по 20.000 примероци годишно и до крајот на 2028 година да бидат вкупно осум фабрики низ целиот свет.