МАЛО, ЛЕСНО, НО МОЌНО ЛЕТАЛО ШТО МОЖЕ ДА ИМ БИДЕ ДЕСНА РАКА НА ЛЕКАРИТЕ И ДА НАПРАВИ ЧУДА ВО СПАСУВАЧКИТЕ МИСИИ, БРЗО ДА ДОСТАВИ ХРАНА И ЛЕКОВИ ДО ПОПЛАВЕНИ СРЕДИНИ ИЛИ ДО ОБЛАСТИ ПРЕКРИЕНИ СО СНЕГ. ОЧИГЛЕДНО, БЕСПИЛОТНИТЕ ЛЕТАЛА ЌЕ БИДАТ АЛАТКА НА ИДНИНАТА ПРИМЕНЛИВА НА СЕКОЕ МЕСТО И ВО СЕКАКВА ПРИГОДА
Отсекогаш високата технологија играла клучна улога во напредокот на човештвото. Во нашата рубрика во списаниево постојано претставуваме дел од таа технологија со цел да ги приближиме светските достигнувања до поголем број читатели. Во ова издание од „Клуб Мобилити“ претставуваме висока технологија што наоѓа голема примена во хуманитарни цели и наедно е многу блиска со медицината, односно веќе е нејзина десна рака. Говориме за денешните беспилотни летала, популарно наречени дронови, кои личат на помали или поголеми хеликоптери со една, две, три и повеќе елиси. „Дрон“ е скратеница од „динамична опрема за навигација со далечинско управување“.
Има милиони примери колку и како помагаат беспилотните летала, Никогаш не се знае на каков терен ќе треба да интервенираат лекарите. Брзање или трчање по земјан стрмен терен со чанта со лекови не е воопшто лесно. Многупати се случило лекарот да не може поради непристапниот терен да се дојде до повредените лица со чантата полна со лекови што има поголеми димензии и доволно тежина. Во таков случај се користи дрон за да ја однесе до одредено место. Не може секогаш да се користи хеликоптер, така што и пожелно и практично е медицинските екипи да имаат и дронови. Лице отсечено од цивилизацијата има потреба од храна и од лекови. Дронот е најбрзото, најпрактичното и најрационалното решение.
Поголемите дронови може да носат облека и разновиден алат за најразлични потреби и состојби. Ако некогаш дроновите беа скапи играчки, денес нивното масовно производство ги прави достапни речиси за сечиј џеб. Ниската цена е клучен момент за масовна употреба. Најобичен хеликоптер со четири седишта (на пример „робинсон 44“) чини околу 600.000 евра плус годишни трошоци за одржување. А колку дури чини хеликоптер што е пренаменет во амбулантно летало. Факт е дека овие летала се потребни, но евидентна е потребата и од беспилотни летала, како поевтини и со многу помали годишни издатоци за одржување, со кои може да се интервенира во одредени ситуации.
Денес производителите на беспилотни летала експериментираат со многу посовремени направи што личат на леталата од научна фантастика и често стануваат пилотни затоа што во нив се вградува и командно место за едно или две лица, во зависност од потребите и од неговата намена.
Во блиска иднина беспилотните летала ќе станат масовна појава затоа што човекот има потреба од нив во секојдневниот живот. Темава ја почнавме со леталата како дополнителна брза помош, но тие наоѓаат примена и при пренесување храна, облека, поштенски пратки, лица, како набљудувач во потрага по изгубени лица во пустински, планински и други предели итн.
Современите беспилотни летала користат електрична енергија, така што не го загадуваат воздухот, а не создаваат висока бучава што е еден од најголемите загадувачи на денешницата. Бучавата претставува голема опасност за здравјето на човекот и затоа треба да биде што побрзо отстранета. За хеликоптерите и другите летала се користат бензин, керозин, нафта и слични течни фосилни горива, а кај дроновите електричната енергија е погонско гориво.
Дрон брза помош (амбулантно летало), дрон такси, дрон разнесувач на материјални добра, дрон полицаец ќе ги лоцира пребрзите возачи, дрон чувар на шумите ќе ги лоцира и гасне пожарите итн. Дроновите можат да бидат од преголема помош за човекот и многу брзо ќе бидат значително присутни во неговото секојдневје.