И покрај тоа што Тојота веќе има неколку сув возила, сепак планира да воведе уште еден. Засега така велат, таков е распоредот, а што навистина ќе се случи, ќе дознаеме подоцна. Конкуренцијата малку е збунета затоа што Тојота го претстави концептот „урбан сув“ чија должина изнесува 4,3 м, ширина 1,83 и висина 1,62 м, безмалку иста должина со „јарис крос“, 4,18 м, и „ц – хр“, 4,36 м. Тука не завршува приказната, затоа што друга збунувачка нота е изјавата на одговорните дека токму овој сув ќе има многу примамлива цена за купувачите.
Тоа во превод значи релативно подостапна, односно пониска цена. И сето тоа на струја со батерија, со погон само на предни или на сите тркала. Концептот „тојота урбан сув“ е сѐ уште во развој, но е најавено негово лансирање како сериски модел во првата половина од 2026 год. и тоа најнапред на европскиот пазар, а потоа и на останатите.
Тоа значи има уште две и пол години до светската премиера. Запнала Тојота со сув возилата и со сета сила турка напред, а зошто да не кога работата со тие возила речиси ѝ цвета.
Жарко Атанасоски