TOYOTA-„Тојота јарис“ по четврти пат

14/08/2020

Седмиот месец од годината ретко кога бил толку многу „плоден“ со новитети од автомобилската индустрија како овој. Верувале или не, Тојотиниот модел „јарис“ стигна до претставување на четвртата генерација. Ова е еден од многуте докази дека времето брзо „лета“. Како вчера да беше кога во 1999 година во Женева беше претставен концептот „јарис“ кој набрзо потоа влезе во сериско производство и наредната година беше прогласен за автомобил на годината. Уште како концепт автомобилот ветуваше многу, а неговата титула „Автомобил на годината за 2000“ беше уште еден доказ дека Јапонците сериозно тргнале да го освојат најпроблематичниот автомобилски пазар во светот, европскиот. За тоа колку Тојота била сериозна со потфатот, говори следниов податок. Моделот „јарис“ е најпродаваниот нејзин модел на континентов, минатата година беа продадени над 224.000 „јариси“ или 7,6 отсто од вкупниот број продадени автомобили од ниската средна класа. Сепак, 20 години не е мала бројка зад која цврсто стојат три генерации кои ќе бидат лансерна рампа за четвртата.

Историски гледано, моделот „јарис“ е замена за тогаш многу популарниот „старлет“, чија четврта генерација имаше предобри квалитативни оценки не од домашни, туку од странски експерти. Малку необично и збунувачки што „старлетот“ имаше должина од 3,8 метри, а новопечениот „јарис“ 3,61. Не се два – три сантиметри, туку речиси 20.

А што вели водечкиот конструктор Јасунори Суезава за новиот? „Најпотребните нешта се заштедата на гориво, просторноста, употребливоста и брзинските способности. Но мора и да доловиме чувство на уживање во возењето за секој сопственик на новиот „јарис“. Кога овие атрибути ќе се соединат со новата „га – б“ модуларна платформа произлезена од „тојотината нова глобална архитектура“ (ТНГА) филозофија пренесена на мал автомобил, тогаш ќе се сфатат тие две децении напор да се опстои на пазарот и да се биде конкурент на веќе добро устоличените: „пунто“, „фиста“, „корса“, „ц 3“, „клио“, „поло“ и останатите од класата. Новата платформа во себе носи неколку суштествени чинители, пониското тежиште и поголема цврстина на автомобилот. Од овие два чинители произлегува автомобил со енормно високи возни својства и крајна едноставност во управувањето плус стабилноста и безбедноста кои доаѓа како „капак“ на сè. Палетата од изведби ќе биде збогатена со погонските единици, секако значаен простор ќе заземат електрифицираните, а Тојота сето тоа умее убаво да го изработи и спакува.

Кога зборуваме за дизајнот, се приметува идејата на обликувачите на некој начин да ја унифицираат линијата, но секој модел од класите да си има свој ненарушен идентитет. Има тука „игра“ со линиите од добро познатите Тојотини „сув“ модели, а тоа посебно се приметува на задниот дел од возилото, додека предниот е во некаква врска со „королата“. И за крај, да нагласиме колку четвртата генерација „пораснала“ во однос на првата за околу 30 сантиметри –  361,5 см во однос на 394 см.

На производителите од континентов воопшто нема да им биде лесно со новиов „јарис“. И претходно мака мачеа, но истата мака и натаму ќе си ја носат затоа што секогаш упорната и истовремено умерената јапонска филозофија умее да се справува со конкуренцијата.

Моделот „јарис“ е првиот Тојотин автомобил што ја освоил титулата Автомобил на годината за 2000 на континентов, односно севкупно втора за јапонската автомобилска индустрија, по првата титула за „нисан микра“ во 1993 година.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.