TOYOTA LAND CRUISER-МАЛИОТ „ЛЕНД КРУЗЕР“

09/10/2023

Најголемиот светски производител на автомобили постојано нешто „буцка“. Како што изгледа, работниците таму како да немаат одмор или работата толку многу им е организирана, така што деновите кога одмораат воопшто не се приметуваат во производството. Сега на ред е развојот на концептот „компакт крузер“ кој се појави во 2021 година.

Малото теренско возило многу потсетува на еден од најголемите браќа во семејството, моделот „ленд крузер“. Три или пет врати, тоа за Тојота воопшто не е проблем, ќе направи сѐ само за да ги задоволи вкусовите на купувачите. Велат ќе има и бензинска и дизел изведба со умерена хибридна технологија и хибридна со приклучок, но и целосно електрифицирана, значи од сѐ по нешто.

Дизајнот е токму како што треба да биде, а злобниците велат наликува на „ленд роверот“.

Ќе има и изведби со погон на една, но и на двете оски. Какво теренско возило ќе биде ако нема изведба со погон на сите тркала? Е сега, копјата се кршат околу името. Најверојатно ќе биде некаков „крузер“ но се поставува прашањето како. Бидејќи димензиите се околу 4,0 метри, +/- 15 до крајни 20 см, новото тојотино возило ќе биде директен конкурент на возилата од калибарот на: „сузуки џимни“, но ќе чепне и од колачот на „дачија дастер“ и на неа сличните.

Колкав ќе биде успехот на Тојота со „малиот крузер“, тоа ќе го дознаеме наскоро, но најнапред треба да го дочекаме првичното светско претставување и дури потоа да даваме свои мислења.

На крајов од октомври е отворањето на Салонот за автомобили во Токио, така што можно е Тојота да приреди убаво изненадување. Развојот е при крај, а можеби сега се прават завршните тестирања, но не е познато каде ќе се произведува и за кои пазари ќе биде наменето возилото. Тојота има обичај некои модели да ги продава само на одделни пазари. Да почекаме и да видиме што ќе се случи на манифестацијата во Токио која почнува на 25 октомври.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.