„Тојота ленд крузер“ не е обично моторно возило, не затоа што е теренско, тукузатоа што е веќе влезено во легендите. Овој модел на Тојота опстојува повеќе од 70 год. и стана синоним во светот за издржливо и квалитетно направено теренско возило. Можете да го сретнете во пустините и непрегледните савани, во мочурливите предели и џунглите. Нема терен кој не е совладан од моделот „ленд крузер“.
Деновиве Тојота приреди дигитално претставување на новата генерација, а светот беше изненаден од одлуката на дизајнерите во целост да го сменат дизајнот. Рака на срце, тие замазнетите и неприродни линии не беа за „ленд крузер“ – од суров облик кој е слика и прилика за цврстина, за издржливост и теренска одважност, дизајнерите пред повеќе од две децении направија небаре „ленд крузерот е градски шминкер“. Тоа е класика од теренско возило и такво и треба да остане. И што правиме сега, класичниот дизајн е вратен назад. Новата генерација повторно ја има во себе класиката која секогаш е во мода. Одлично изигранпотег во дизајнерскиот оддел. Димензиите на новиот модел се следниве, должина 4.920 мм, ширина 1.980 мм и висина 1.870 мм, со зголемено меѓуоскино растојание кое сега изнесува 2.850 мм.
Штом нешто е ново, јапонската инженерија во него внесува најнова технологија, а кога создава ново теренско возило, тогаш подвозјето го прави да биде двојно подобро од тоа во претходната генерација. Новиот „ленд крузер“ може да се пофали со за 50 отсто поцврсто подвозје кое со помош на електрониката сега може да биде подесувано да биде удобно и за градските средини, а не да биде наменето само за најразличните терени. На почетокот ќе биде вградуван 2,8 литарски дизел мотор со 204 КС, а од 2025 год. ќе има изведба со умерен хибриден погон. Како што приметувате никој не сака да се оддели од моќните дизел мотори кои секогаш „домаќински“ го трошат горивото.
Цената сѐ уште не е објавена, но производителот вети дека ќе биде објавена пред да започне продажбата на средина од идната година.