ВО НАЈНОВАТА ИНКАРНАЦИЈА МОДЕЛОТ LAND CRUISER, ИЛИ ИКОНАТА КОЈА ГО ТРАСИРАШЕ ПАТОТ НА ТЕРЕНСКИТЕ ВОЗИЛА ПРИСТИГНУВА СО ПОМОЌЕН АГРЕГАТ, ФИНО ДОТЕРАНИ ВОЗНИ КАРАКТЕРИСТИКИ (ON И OFF ROAD), КАКО И ЛУКСУЗНА И ПРОСТРАНА ВНАТРЕШНОСТ.
Моделот Land Cruiser претставува своевиден бренд кој постои од 1951 година, а како старее така станува се подобар. Ако гледате вести речиси секаде каде што има конфликт на блискиот исток, интервенција на ОН преку некоја меѓународна мисија, или, пак, научна програма за експедиција на поларниот круг, главен протагонист по беспаќата низ светот е токму овој модел. Поголемо признание за неговите способности од довербата која му е доверена низ децениите од сите четири страни на светот прават од Land Cruiser вистински синоним за теренско возило.
КЛАСИКАТА НЕ ИЗЛЕГУВА ОД МОДА
Дизајнерски Land Cruiser се потпира на традицијата каде робусниот изглед е вистинскиот рецепт што е потребен за секој прав теренец. Користени се класични линии без премногу експериментирање, на места каде дизајнот дозволува вметнати се најновите корпоративни обележја. Сепак, вистинските вредности и карактерот не се менуваат преку ноќ. Тука трендовите не играат никаква улога, приказната е јасна и вели дека формата ја следи функцијата. Секако, Land Cruiser е достоен и горд и кога е паркиран пред театар, или елитен хотел каде својата горостасна става ја истакнува до максимум во морето преполно со разноразни премиум модели кои само се обидуваат и посакуваат да кокетираат на темата теренец.
ЛУКСУЗНА ВАРИЈАБИЛНОСТ
Во внатрешноста на Land Cruiser простор има во изобилство, голема важност е посветена на варијабилноста на кабинскиот дел. Денес не е новост ако кажеме дека задната клупа може да се придвижува нанапред, или дека нејзиниот агол на потпирачкиот дел може да се подесува. Но, тестираниот модел има и 2 дополнителни седишта кои се скриени во долниот дел од багажникот, а со нив се командува по електричен пат, па така ако има потреба во кабината може да се сместат вкупно 7 лица. Во багажниот простор се крие уште еден додаток што секогаш е добредојден, станува збор за приклучокот од 220 волти кој едноставно покажува до каде оделе размислувањата на инженерите. Квалитетот на материјалите употребени во изработката е на највисоко ниво, површините се покриени со квалитетна мека пластична компонента, а во ова ниво на опременост седечките површини се изведени во фина кожа со можност за греење и ладење. Командите се ергономски распоредени и се изведени со големи и лесни за управување физички прекинувачи. За инфотејмент системот е задолжен 8 инчен дисплеј преку кој се командува со аудио системот, навигацијата, а ја прикажува сликата од камерите на возилото кои се поставени, на прeдниот, задниот дел и по една во секој ретровизор. Нивната примарна функција е полесното маневрирање на терен, прикажувајќи ги сите можни агли, дури и случувањата под подот на возилото.
СОФИСТИЦИРАН СКЛОП
Агрегатот е една од најважните компоненти, затоа од Toyota во Cruiser се вградува четирицилиндричен турбодизелски двигател што има зафатнина од 2.8 литри и испорачува максимална моќ од 204 КС што е на располагање од 3.400 врт/мин, а вртежниот момент изнесува масивни 500 Нм. Новиот мотор може да се пофали дека ги исполнува Euro 6 нормативите и дека има емисија на штетни издувни гасови која е еднаква на 251 г/км. За време на нашето дружење просечната потрошувачка во комбинирано возење на терен, отворен пат и во град изнесуваше 11,5 литри на 100 изминати километри, вредност која треба да се почитува бидејќи возилото тежи 2.3 тони и во ниту еден момент не е штедено. Моќта ја испорачува праволиниски и не остава простор за забелешка. За преносот на силата се грижи 6 степениот автоматски менувач кој има опција и за рачно избирање на степените.
ДОВЕДЕН ДО ПЕРФЕКЦИЈА
Погонот во оваа апликација се разбира е на сите тркала, поседува и Torsen самоблокирачки диференцијал, во оваа прилика е избегнат механичкиот редуктор и е употребен Multi Terrain систем кој има избор на претходно поставени модови на работа чија што задача е поедноставно возење по подлогата по која се движите. Пристапниот агол на Land Cruiser е 31, а отстапниот 25 степени, возилото може да премине водени препреки со максимална висина од 70 см, додека максималниот агол под кој може да се искачи е 42 степени, исто колку што изнесува и страничното ограничување. Тука е и A-TRC системот за контрола на влечната сила, кој го спречува пролизгувањето на тркалата. Crawl Control системот, пак, овозможува многу бавно движење на возилото во услови кога се управува на тешко пристапни терени и нуди избор од три брзини на движење. За добрите возни својства се грижи Кинетички Динамички Систем на Суспензијата (KDSS) чија што основна цел е да осигура агилност, удобност и сигурност во секоја ситуација. Во кратки црти, овој модел може безмалку да ве однесе секаде, за што имавме прилика да се уверивме на терените низ нашата држава. Моделот Land Cruiser останува доследен на она што во реалност значи зборот теренец, тој им пркоси на сеприсутните трендови и продолжува самоуверено да чекори по патот што го трасира уште од средината на минатиот век.
МОТОР: | ЧЕТИРИЦИЛИНДРИЧЕН ТУРБО ДИЗЕЛ |
ЗАФАТНИНА: | 2.755 СМ3 |
МОЌНОСТ: | 204 КС При 3.400 врт/мин. |
МЕНУВАЧ: | 6 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ |
ПОГОН: | НА СИТЕ 4 ТРКАЛА |
ОБЕСУВАЊЕ НА ТРКАЛА: |
НАПРЕД: НЕЗАВИСНО ПОТПИРАЊЕ СО ДВОЈНИ НОСАЧИ НАЗАД: ЦВРСТ МОСТ СО 4 ПАМТЕЊА |
СОПИРАЧКИ: | НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ НАЗАД: ДИСКОВИ |
ГУМИ: | НАПРЕД 265/60 R18, ПОЗАДИ 265/60 R18 |
МАСА НА ВОЗИЛОТО: |
2.385 КГ |
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: | 4.840X1.855 X1.845 (1.880) ММ |
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД 0 ДО 100 КМ/Ч: |
9.9 СЕКУНДИ |
ПРОСЕЧНА ПОТРОШУВАЧКА: |
9.6 ЛИТ/100 КМ |
МАКСИМАЛНА БРЗИНА: |
175 КМ/Ч |
ЦЕНА НА ТЕСТ МОДЕЛОТ |
80.300 € |