TOYOTA GR YARIS-НАЈБРЗИОТ „ЈАРИС“

05/02/2024

Еден од највпечатливите модели во семејството Тојота деновиве доживеа „мала“ доработка, односно конструкторите работеа на доусовршување на моделот„гр јарис“ или „газу рејсинг јарис“. Сам по себе „јарисот“ испиша историја и затоа спаѓа во еден од тие највпечатливите и меѓу најпродаваните. Се појави во 1999 год. како замена за „старлет“ и веднаш стана хит меѓу градските автомобили, а како потврда на сето ова дојде и титулата „Автомобил на годината“ во 2000 год. на континентов и ја повтори во 2021. Колку за потсетување „тојота јарис“ е вториот јапонски автомобил што ја освоил европската престижна титула, а прв е „нисан микра“.

Изведбата „гр“ е најбрзата и тоа е доволно, не треба дополнителни дообјаснувања. Се појави за првпат пред три години како некој вид асфалтно градска копија на варијантата што се натпреварува во СШР (светски шампионат во рели). Посебно издание на „јарисот“ за тие што сакаат врвен друмско спортски производ. Штом зборуваме за најбрзиот треба веднаш да напомнеме, моторот со три цилиндри во линија со зафатнина од 1,6 л. потпомогнат со турбо полнач, е „донавиен“ и сега има 280 КС наспроти 261 во претходникот и 390 Нм максимален вртежен момент. За подобрување на спортските особини на автомобилот, конструкторите вградиле дополнителен радијатор за разладување на моторот, но и всисникот за воздух е поинаков и сега е поефикасен. И подвозјето е наново доработено така што „гр јарис“ има уште подобро и подиректно управување, користи други пружини и предните амортизери се поснажни. Сето тоа допринесува автомобилот да биде постабилен и побезбеден. Потоа посветиле големо внимание на „работното место“ од возачот. Тие што се бават со ергономија направиле доработка на седиштето и сѐ што е околу седиштето, за сите нешта да биде на дофат на рака и поглед на возачот. Всушност работено е на тоа возачот да има чувство како да е во вистински тркачки автомобил.

1.280, односно 1.300 кг и нов менувач со осум автоматизирани преноси за нивно уште побрзо менување и силина од 280 КС кои се пренесуваат на сите тркала. Сепак би можеле да намалат малку од килограмите, но не само од оваа најбрза изведба, туку и од основната која има околу 1.100 кг во зависност од моторот и опремата. Продажбата на обновениот „гр јарис“ ќе започне пролетва.

Покрај овој модел, Тојота подготви други две изведби, посветени на Кале Рованпера, најмладиот носител на титула во СШР и Себастијан Ожие. Тие обајцата се дел од Тојотиниот тим во рели натпреварите и обајцата директно учествувале при изработката на автомобилите, секако заедно со тимот од конструктори во спортскиот оддел.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.