Некаде на другата страна од Атлантикот се одржува еден вид посебна саемска манифестација на која покрај најновите изуми, присутни се и автомобилите, но во едно поинакво светло. Понекогаш дел од производителите на моторни возила токму на овој саем приредувале светски премиери на најновите модели. Практично на оваа манифестација се претставуваат најразновидни производи, без некој ред и правила, секој претставува тоа што сака, односно сè што е најново и технолошки напредно.
Автомобилите на оваа манифестација добиваат нешто посебно затоа што конструкторите и дизајнерите се опуштени и тука доаѓа до израз нивниот сон да направат или накитат некој автомобил, на пример од стандардно теренско возило, прават возило за совладување на секакви терени во најтешки услови или спортските автомобили ги прават уште појаки со посебни додатоци во моторите и секако преуредување на аеродинамичните помагала како спојлери и воздушни канали итн.
Тојота се пријави за учество на годинешното издание на СЕМА со две „супри“ едната е отворена, додека другата е класика од купе, посветени на генерациите пред нив.
Целосните имиња на моделите се „гр супра спорт топ“ и „гр супра херитиџ едишн“. Обата модели се посвета кон култната „супра“ од 90-те години од минатиот век, поточно тоа е четвртата генерација од популарното купе на Тојота.
Посебен третман имал отворениот примерок затоа што од речиси сериски модел Марти Швертер и Тојота Моторспортс Гараж требале да направат кабриолет. Кога на готов автомобил треба да му биде отстранет покривот тогаш работите добиваат поинаков тек. Најнапред мора основата (долниот трап) да добие дополнително зацврстување и дури потоа да се оди кон сечење на покривот.
„Беше многу покомплицирано отколку што претходно мислевме. Отстранувањето на покривот одеше крајно тешко и затоа имаше потреба од иновативни потфати и работа да се внесе поголема цврстина на телото од „гр супра“. Ми се допаѓа како сето тоа излезе на виделина и се надевам останатите, исто така, се задоволни и им се допаѓа тоа што го направивме“, изјави Марти Швертер.
За разлика од него, работилницата која беше одговорна да ја изврши работата со отсекување на покривот, го извлече подебелиот крај. К.Ц. Метју сопственикот го изјави следново: „Сечењето на челичната конструкција одеше потешко отколку што очекував. Употребивме неколку методи за сечење, но и по 30 минутни резултатот беше незадоволителен. Потоа применивме друга метода и операцијата ја завршивме за кусо време“. Новиот подвижен покрив составен од два панели е изготвен со 3 д технологија од страна на Тојота Мотор Америка Рисрч енд Дивелопмент со седиште во Мичиген.
И изведбата „херитиџ едишн“ претрпела неколку зафати и сета работа одела рачно и споро, но на крајот тимот бил задоволен со тоа како минале сите преправки. Сè на сè кога се прават посебни изданија од некој модел, тогаш до израз доаѓаат посебните способности на поединци, виртуози во својот занает.
Само на вакви манифестации, дизајнерите и конструкторите добиваат малку повеќе простор и слобода во изразувањето, затоа секоја година на СЕМА сретнуваме најразновидни доработки на основа од сериските возила.