Тоскана – СРЦЕТО НА ИТАЛИЈА СЕ ПРОСТИРА ПРЕД ВАС

23/04/2019

ПАТУВАЊЕТО НИЗ ТОСКАНА И НЕЈЗИНАТА УБАВИНА, КРСТАРЕЊЕТО ПО ПАТИШТАТА ШТО ВОДАТ НИЗ ФЛУОРЕСЦЕНТНОТО ЗЕЛЕНИЛО Е СОН НА СЕКОЈ ТУРИСТ. И НЕ САМО ТОА. МНОГУМИНА ОД НИВ ДОАЃААТ ВО ПОТРАГА ПО ЛИКОВНА УМЕТНОСТ, ДРУГИ ДА ГИ ИСТРАЖУВААТ НЕОБИЧНИТЕ СЕЛА НА ТОСКАНА И ДА УЖИВААТ ВО НЕЈЗИНОТО ЗЕЛЕНИЛО. ГУРМАНИТЕ И ЉУБИТЕЛИТЕ НА ВИНОТО ВО ТОСКАНА УЖИВААТ ВО ЕДНОСТАВНА, НО ВКУСНА КУЈНА И ВИНА, НЕКОИ ВО ПЛАНИНСКИТЕ ПАТЕКИ, ПЛАЖИТЕ И ОСТРОВИТЕ, НО СИТЕ СЕ СОГЛАСУВААТ ВО ЕДНО – ТОСКАНА Е МАГИЧНА И ТРЕБА ДА СЕ ПОСЕТИ.

 

Тоскана, еден од дваесетте региони на Италија, се наоѓа во нејзиниот централен дел, зафаќајќи го крајбрежјето на Тиренското Море. Најубавите фотографии и слики од природата на Италија, речиси совршени, доаѓаат токму оттука. Регионот има богато културно и историско наследство, кое може да се види од многубројните музеи, галерии, цркви, плоштади, а, исто така, е познат по производството на најпознатите вина од Италија.

Главен град на регионот Тоскана е Фиренца, најпознатите туристички дестинации во светот, лулка на ренесансата, градот на „Давид“ на Микеланџело, на „Раѓањето на Венера“ на Ботичели, градот во кој Данте го започнал создавањето на италијанскиот литературен јазик. Ова е местото каде што живееле и работеле уметниците Микеланџело и Леонардо да Винчи, како и поетите Данте, Петрарка и Бокачо.

Започнете ја вашата прошетка низ волшебната Фиренца од Катедралата Дуомо, чудо на ренесансната архитектура, посетете ја Палатата Векио – Градското Собрание, Плоштадот Сињорија познат по репликата на Микелаџеловиот Давид и Галеријата Уфици, Понте Векио – стариот Мост од 14 век, Палатата Пити… Галеријата Уфици која е една од најстарите и најпознати музеи во светот. Во неа се наоѓаат најпознатите дела на големите мајстори како Ботичели, Џото, Леонардо, Микеланџело, Рафаел, Тицијан

Ако сакате да ја прошетате Тоскана, направете го тоа со свое возило. Посетете ги романтичните тоскански села Podere la Casellina Figline (Valdarno), Вила ди Камполунго (Фиезоле), Палацо Конти (Cingoli), Ла Corte D’Elsa (Castelfiorentino) и престојувајте во некое домаќинство. Изборот на куќи е неверојатен – од мали и стари куќи до луксузни вили со базен, кои некогаш им припаѓале на благородни семејства.

За разлика од скапите градски хотели, овде ќе платите пристојна цена за сместувањето во кое е вклучен и појадок, често и вечера, што значи свежо и вкусно овошје. Многу често овие домаќинства имаат лозја, винарски визби, маслинови градини, минијатурни хиподроми. Селата имаат убави ресторани, бутици, уметнички галерии, а речиси и да не постои сообраќај.

КРИВАТА КУЛА ВО ПИЗА, ПРЕУБАВАТА СИЕНА И ЛИВОРНО

Покрај главниот град и лулката на ренесансната уметност Фиренца, во Тоскана задолжително треба да се посетат и градовите Пиза, Ливорно, Сиена, Прато, Порт, Пистоја итн.

Меѓу летните дестинации, пак, најпознатиот град е Вијареџо (Viareggio), а најпосетен е Сан Џимињано (San Điminjano). Островот Елба, исто така, ѝ припаѓа на Тоскана. Секогаш постоел впечаток дека Тоскана е најпозната по Кулата во Пиза. Тоа е убедливо најкривата зграда во светот што, всушност, е камбанарија на катедралата. Изградбата на камбанаријата почнала во 12 век и од самиот почеток таа била свиткана бидејќи основата на катедралата била поставена на место каде што тонела земјата. Кулата била завршена во 1350 година и оттогаш секоја година се наведнува по еден милиметар. Во 1990 година кулата беше затворена за посети бидејќи веќе не беше безбедна за туристите. Сепак, архитекти успеале да го решат проблемот и денес кулата со 294 скалила повторно е отворена. Се верува дека кулата ќе биде стабилна за посети во следните 200 години.

Пиза е мал и мирен универзитетски град вреди да се посети и поради уметничкото и архитектонското богатство што го поседува, а оддалечен е 80 км од Фиренца и 10 км од морето. На 48 километри од Фиренца се наоѓа градот Сиена. Многумина ја сметаат за поатрактивна од Фиренца, но долг период се наоѓа во негова сенка. Во текот на средниот век Сиена бил водечки град во Италија, а во 13 век претставувал вистински банкарски град и тука се наоѓа најстарата банка во светот.

Во овој мал и уникатен град видливо доминира црвената боја. Стариот дел од градот се наоѓа во центарот и тука е забранет сообраќајот, така што магијата на средновековниот период и на готскиот остануваат недопрени. Во Сиена посетете ги катедрала на Дуомо, градското собрание Палацо Публико (Palazzo Publico) и главниот плоштад Пјаца дел Камп (Piazza del Campo), каде што на почетокот на јули и во втората половина на август се одржуваат коњски трки. Универзитетот во Сиена датира од 1240 година и тоа е рај за сите што сакаат да студираат во Италија.

Околината е позната и по маслиновите градини и лозја. Следува крајбрежниот град и пристаништето Ливорно, со пристап до Лигурското Море, 120 километри оддалечен од Фиренца. Стариот дел на Ливорно е пресечен со канали, па личи на Венеција и затоа тој дел од градот е наречен Венецијански кварт. Во градот има ботаничка градина, аквариум каде што може да се запознаете со флората и фауната на Лигурското Море и научноприроден музеј во кој се чуваат скелетите на китовите.

Можеби Ливорно не е популарна туристичка дестинација, но секој сака да преноќи тука пред да се качи на траект за Елба и Корзика.

 

ОСТРОВОТ ЕЛБА

Островот Елба му припаѓа на округот Ливорно и оддалечен е 20 км од брегот. Тоа е најголем остров во Тосканскиот Архипелаг кој е составен од седумте острови меѓу Лигурското и Тиренското Море. Откако Наполеон бил протеран од Франција, тој поминал извесно време (една година) на Елба. На островот има два музеја посветени на неговиот престој Вила Сан Мартино ( Villa San Martino) и Вила Мулини (Villa Mulini). Најголем град на островот е Портофераџо (Portoferragio – Челично пристаниште). Во минатото била подигната тврдина околу градот за да го заштитат од нападите на пиратите. Во септември на островот се одржуваат џез-фестивал и фестивал на класична музика. Културните настани најчесто се организираат во старата црква што е пренаменета во театар Вигиланти.

Островот е познат и по песочните плажи и карпите. Во близина на градот има две прекрасни песочни плажи Биодола (Biodola) и Пунта Пина (Punta Pina), со хотели и ресторани. Песочната плажа Каволи (Cavoli)е популарна кај тинејџерите., а најголема песочна пла- жа на Елба е Прочио (Procchio).

 

НАЈУБАВИТЕ ПЛАЖИ НА ТОСКАНА

На брегот на Тоскана има 19 плажи означени со престижното сино знаме. Плажите на Тиренското Море се познати по плиткиот влез во водата. Но бидете внимателни затоа што долгата безбедна прошетка може да заврши во еден момент така што ќе пропаднете во длабочините на морето. Познатите летувалишта на тосканскиот брег се наоѓаат во регионот Версилија (Versilia) – Марина ди Каррара (Marina di Carrara), Форте деи Марми (Forte dei Marmi), Пјетрасанта (Pietrasanta), Камајоре (Camaiore), Виареџo (Viareggio). Форте деи Марми е фаворит за љубителите на ноќниот живот. Ова одморалиште е познато кај џет-сетот, а тука се наоѓаат и најубавите плажи на Тоскана. Затоа, доколку сакате сè да блешти од луксуз, сакате да сретнете некоја светска звезда, а воедно имате „длабок џеп“, тогаш ова е идеално место за вас.

 

УЖИВАЈТЕ ВО ВИНАТА ОД ТОСКАНА

Тоскана не е само убава, таа е неверојатна и поради нејзините вина. Познатите црвени вина од Тоскана се направени од специјална сорта на розје, позната како Јупитерова крв. Познати црвени вина се Кјанти (Chianti), Брунело ди Монталчино (Brunello di montalcino) и Вино Нобел ди Монтепулчано (Vino Nobele di Montepulciano). Од белите вина најпознати се Вернација ди Сан Џимињано (Vernaccia di San Gimignano), а од десертните вина Вин Санто (Vin Santo).

Поради климата во Тоскана се одгледуваат различни видови грозје. Историјата на винарството е импресивна и датира од далечното минато., a традицијата продолжува и денес – има семејства што повеќе од 500 години се занимаваат со одгледување на грозје и со производство на вино. На прашањето што да се посети во Тоскана, одговорот е едноставен – винарска визба.

Една од луксузните винарски визби Tenuta Torciano се наоѓа во градот Сан Џимињано. За престој од 60 минути во винарската визба со дегустација на едно вино се плаќа по 12 евра по лице. Оваа винарската визба организира и 29 активности за деца и за возрасни. Во винарските визби ќе научите како да го доживеете и да го почувствувате виното, а не само како да го пиете, потоа за историјата на правењето вино, како и страста што се чувствува кон овој бизнис. Ќе дознаете за подемите и падовите на таа работа.

Винарската визба Антинори Кјанти Класико ( Villa Antinori Chianti) е на 20 километри од Фиренца. Семејството што ја поседува оваа винарската визба се занимава со производство на вино од 1385 година. Посетата и дегустацијата чинат 20 евра по лице. Во Фиренца, познатата винарската визба Кастело ди Нипозано (Villa a castello di Nipozzano) се наоѓа во замок стар 1.000 години, која е отворена за време на викендите. Недалеку од Фиренца е и винарската визба Капезана ( Villa di Capezzana) која работи од 1920 година. За посета на винарската визба се плаќа околу 10 евра по лице.

Жителите на Тоскана би требало заедно со дипломата од средно училиште да добијат и титула за сомелиери. Во оваа област речиси е невозможно да сретнете личност која не е перфектно изверзирана не само во однос на квалитетот и цената на виното, туку и во тоа кое вино со какви јадења оди. Ист е случајот и со локалните тратории и ресторани. Во секој од нив, пред било што да порачате, ќе ве послужат со чаша спуманте (пенливо вино) како аперитив.

 

ТОСКАНСКАТА ХРАНА Е ИНТЕРЕСНА НА ПОСЕБЕН НАЧИН

Тоскана се вбројува во светските гастрономски дестинации. На листата на 10 најдобри гастрономски дестинации во Европа, објавени на порталот Tripadvisor, пет градови се од Италија, а на прво место е Фиренца. Тосканските специјалитети одат рака под рака со премиум вината. Четири најважни состојки на тосканската кујна се: крцкавиот леб, месото, виното и маслиновото масло.

Во своите јадења Тосканците го користат гравот на најкреативните можни начини. Кон тестенините и кон свеж зеленчук, исто така, покажуваат многу љубов и внимание. Тоскана е позната и по сирењата: кациота (caciotta – направено од кравјо млеко), пекорино (pecorino – од овчо млеко), равигјоло (raviggiolo – од кравјо или овчо млеко), рикота (ricotta – од овчо, кравјо или козјо млеко), каприно (caprino – од козјо млеко). Постојат стотици варијации на сирење врз основа на горенаведеното. Во подготовката на јадењата најчесто како зачини се користат мајчина душица, мудрец, рузмарин. Тоскана е позната и по тартуфите, па голем број јадења ја содржат оваа скапа печурка.

Што се однесува до месото, Тосканците преферираат дивеч што го готват во вино, а од него прават и густи чорби. Еден од локалните специјалитети од месо е стекот Фиренца (bistecca all fiorentina), тоа е подебело парче месо што се пече на скара (на маслиново масло) и се служи полукрваво само со црн пипер и сол. Некои од јадењата што треба да се пробаат се – Tonno е fagioli (салата од грав и туна), Panzanella (салата од стар леб), Pollo alla fiorentina (пилешко со пармезан сирење и спанаќ). Најпознат десерт е панфорте (Panforte) и се прави од кандирано овошје, цимет, мед, бадеми и на крајот се додаваат ѓумбир и каранфилче. Не треба да се пропушти и вкусот на тортите од костен и ананас. Дозволете Тоскана да ве опие со вина, да ве нахрани со свежо овошје, да ве освежи со чисто море, да ве воодушеви со архитектура и да ве загрее со медитеранското сонце.

 

Маргита Поповска

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.