ОСВЕН ШТО Е ДИЗАЈНЕР НА „СОНИШТА“, КОЈ ИМА И РЕЖИСЕРСКИ ТАЛЕНТ, ПЕДЕСЕТ И ДЕВЕТГОДИШНИОТ АМЕРИКАНЕЦ, РОДУМ ОД ТЕКСАС, ВАЖИ ЗА ЧОВЕК ШТО ГО ОЛИЦЕТВОРУВА НЕГУВАНИОТ СОФИСТИЦИРАН ИЗГЛЕД. КРЕИРА И ЗА ЖЕНИ И ЗА МАЖИ ШТО ДРЖАТ ДО СЕБЕ, ЧИЈА САМОСВЕСТ Е ИЗРАЗЕНА ТОЛКУ ШТО НЕ ГИ ПОГОДУВААТ ЗЛИТЕ ПОГЛЕДИ, КОМЕНТАРИТЕ, КРИТИКИТЕ. ОД КЕЛНЕР ВО ЊУЈОРШКОТО „СТУДИО 54“, КУЛТНОТО СОБИРАЛИШТЕ НА ЏЕТ-СЕТОТ ВО ПЕРИОДОТ МЕЃУ 1977 И 1981 ГОДИНА, СЕ ИЗБОРИ ЗА ВИСОКА ОПШТЕСТВЕНА ПОЗИЦИЈА И МОЖЕ ДА СИ ДОЗВОЛИ СÈ ШТО ЌЕ ПОСАКА, ДУРИ И САМ НА СЕБЕ ДА СИ БИДЕ МУЗА.
Поради рекламите за парфеми, очила итн. на кои се наоѓаат фотографиите од него, извесни луѓе, вклучително и колегите, велат дека е малку (или повеќе) нарцисоиден, иако мнозинството размислува поинаку и го одобрува неговиот маркетиншки потег.
Смислените провокации не го засегаат бидејќи е свесен за вниманието што го привлекува и за впечатокот што го остава, благодарејќи на негуваниот, софистициран изглед, карактеристичен за него уште на осумнаесет години, кога почнал да работи во култното „Студио 54“. Таму се собирал њујоршкиот џет-сет, од 1977 до 1981 година. Богатите жени го бомбардирале со прашања и љубовни изјави додека ги послужувал со шампањ, кој го пиеле во енормно количество, со кока и сл. бидејќи локалот работел за нив и, секако, за нивните каприци, но… Тогаш ја осознал вистината за себе, дека е хомосексуалец. Како било, Том Форд ги искористил познанствата. Имал голема корист од нив, особено кога се решил да преземе мерки за да успее во работата, во животот. Имал една цел и подоцна ја остварил. Не се срами да признае дека поминал и сито и решето додека бил млад.
СВЕСЕН ЗА МИНЛИВОСТА, ВО СЕКОЈ ПОГЛЕД
Келнерската работа му била отскочна штица за понатаму, да се занимава со мода, затоа што гламурот на диско ера- та имал пресудно значење и за него, кога биле во прашање реализацијата на плановите, соништата и неговите креации што го обележуваат како дизајнер пар екселанс. Не се одликува со лажна скромност, како многумина во шоу-бизнисот. Напротив. Вели дека сам на себе си е муза. Никој не може да му го оспори талентот, развиеното чувство за убавото. Важи за човек што бескомпромисно се бори за естетски идеал. Се плаши од перфекционизмот за да не го доведе до лудило. Свесен е и за минливоста, во секој поглед. Знае дека ќе дојде време кога ќе стане ирелевантен, небитен, кога ќе мора да се повлече. Затоа го користи секој момент за да твори. Не случајно се испроба и како режисер. Филмот „Самец“, чија премиера се одржа во 2009 година, доби високи признанија од целата културна јавност, заедно со актерите.
Неговото влијание, кога станува збор за модата, исто така, е несомнено. Мажите ги натера да го симнат оклопот, да го носат тоа што им се допаѓа, без да размислуваат кој што ќе рече. Едноставно е небитно.
ЧОВЕК ЗА ПРИМЕР, КАКО ТРЕБА ДА СЕ НОСИ МАЖ НА ШЕЕСЕТИНА ГОДИНИ
Без оглед на шаренилото, карактеристично за дел од машките колекции, Том Форд се носи класично, во две-три бои. Всушност, така треба да изгледа секој маж на возраст од шеесетина години. Негата ја препорачува како нешто сосема неизбежно, за поубаво чувство, а софистицираноста произлегува од начинот на облекување, на однесување итн. Често може да се види во црно-бели комбинации, со и без врвца за кошула или пеперутка на кошулата, без и со цвет (гарденија), кој станува негов заштитен знак, или шамиче во горниот џеб на палтото (кадифено – бордо, тегет и волнено – сиво, црно, со или без сатенска јака). Кошулата е бела, задолжително. Француските манжетни ги закопчува со декоративни копчиња. Носи и фармерки и маички и кожени јакни, во зависност од пригодата, расположението и сл. На обичните луѓе што се облекуваат модерно им служи за пример како треба, по правило, да се носи маж, човек во поодмината возраст (во однос на младите, се разбира). Инаку Том Форд е Тексашанец, роден во Остин, на 27 август 1961 година. Раното детство го минал во предградието, а кога навршил единаесет години, цела фамилија се преселила во Санта Фе. На седумнаесетгодишна возраст отпатувал за Њујорк за да студира. Неговиот интерес за историјата на уметноста не траел долго време, само една година, по што почнал да настапува во рекламни кампањи. Се појавил во дванаесет реклами што се емитувале на националната телевизија. Се запишал на студии по ентериерна обработка во Parsons School of Design (The New School). Паралелно работел во „Студио 54“ и во „Клое“, каде што се родила љубовта кон модата. Поради тоа, пред крајот на студирањето се префрлил на моден отсек, но сепак е дипломиран архитект.
ПОДВОЕНА ЛИЧНОСТ ШТО ИМА ДВЕ ВЕРЗИИ – ЈАВНА И ПРИВАТНА
Том Форд се стекна со огромна популарност во 1994 година, кога стана креативен директор на „Гучи“. Тогаш почна да соработува со стилистката Карин Ројтфелд и со фотографот Марио Тестино. Сепак, најголем придонес во неговиот успех има Ричард Бакли, поранешниот уредник на интернационалното машко издание на „Вог“. Заедно живеат триесетина години. Беше и уметнички директор на „Ив Сен Лоран“. Го напушти работното место во 2004 година и ја промовира својата марка. Независно од успесите што ги постигнува, неговиот живот не е бајка, како што изгледа на прв поглед. За себе вели дека е подвоена личност што има две верзии јавна и приватна. Се смета за емотивен човек, срамежлив. По природа е волк-самотник. Може да самува со денови. Исклучок се најблиските пријатели што му даваат целосна поддршка. Тогаш е најкреативен. Повеќе сака да размислува за другите отколку за себе. Целосно му е посветен на имиџот, на стилот на ѕвездите. Затоа и го обожаваат. Неговите костуми се слеваат со телото. Се изработуваат толку прецизно што секој маж би посакал да има барем еден, направен по мера, од квалитетно платно што дава пријатно чувство.