Светско првенство во МОТО ГП-ЖОАН МИР ГО ВРАТИ СУЗУКИ НА ТРОНОТ

31/12/2020

ШПАНСКИОТ МОТОЦИКЛИСТ ЈА ПОТВРДИ ПРВАТА ТИТУЛА ВО „КРАЛСКАТА КЛАСА“ ОД СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО НА ЕДНА ТРКА ПРЕД КРАЈОТ ОД СЕЗОНАТА.

 

Последните два гран при викенди од турбулентата сезона во 2020 година го дадоа конечниот расплет во борбата за шампионската титула.

Големата награда на Валенсија и Големата награда на Португалија беа последните станици од принудно „стеснетиот“ календар (поради глобалната пандемија на Ковид-19). Иако првата трка од сезоната одржана во Катар се брои како дел од ова првенство, сепак на неа не настапија возачите од најсилната конкуренција, па така шампионот всушност беше решен во тринаесет трки, односно од рестартот на сезоната во Херез на 19 јули до претпоследната трка во Валенсија на 15 ноември. На првата титула за Жоан Мир „кумуваа“ неколку случки, при што секако меѓу најзначајните е повредата на актуелниот шампион Марк Маркез, како и неубедливите перформанси на ривалите од фабричките тимови во сопственост на Јамаха и Дукати.

Во финишот на сезоната Мир влезе со убедливо водство пред Фабио Квартараро од сателитскиот тим на Јамаха и тимскиот колега Алекс Ринс, при што обајцата имаа 37 бода помалку. Благодарение на тоа што во Валенсија се возеа две трки, (прва беше онаа за Големата награда на Европа за која пишувавме во претходното издание, а во којашто Жоан Мир ја забележа првата победа), неговите противници сега беа соочени со ултиматум да мораат да јуришаат на победа за да не бидат рано елиминирани од трката за титулата. Шареноликоста на резултатите и овојпат беше одлика на првите слободни тренинзи, но во пресрет на саботните квалификации имаше најава дека возачите од тимовите на Јамаха во најмала рака би требало да бидат со идентични перформанси како и возачите на Сузуки. Франко Морбидели ја освои пол позицијата, но зад него се најдоа големите изненадувања од сателитските тимови на Дукати и Хонда, Џек Милер, Таки Накагами и Јохан Зарко. Дури и Пол Еспаргаро со КТМ беше подобар од најдобропласираниот возач на фабричките тимови, Маверик Вињалес на шестата позиција.

За големиот контраст во постигнувањата доволно е да се каже дека тимскиот колега на Морбидели беше единаесетти со седум десетинки задоцнување, а повратникот Валентино Роси, кој претходно отсуствуваше две трки поради позитивен наод од Ковид 19 тестирањето, стартуваше од шеснаесеттото место. Жоан Мир, исто така, не се прослави во квалификациите, освојувајќи ја дванаесеттата стартна позиција, но потоа во трката успеа да напредува до седмото место.

Во борбата за врвот Франко Морбидели немаше вистински конкурент и успеа да победи со водство од самиот почеток. Ова беше негова трета победа сезонава, па само може да жали за осцилациите во формата, како и во перформансите, бидејќи се покажа дека Жоан Мир ја освои титулата благодарение на континуираните пласмани во првата половина од поредокот. Џек Милер по четврти пат стартуваше како втор, но за првпат успеа да заврши на оваа позиција од тие четири трки, со што го сврте вниманието кон себе како уште еден возач кој имаше стабилни последователни пласмани во горниот дел од табелата. Трет финишираше Пол Еспаргаро, додека Накагами и Зарко не ја завршија трката. Алекс Ринс напредуваше од четиринаесетото место до четвртата позиција на крајот, но тоа не беше доволно за да остане во борба за титулата бидејќи беше само три позиции пред Мир и не успеа да ја надополни предноста. Морбидели со победата излезе на табелата за четири поени повисоко од него, но сепак и двајцата имаа преголемо заостанување на табелата (29 односно 33 поени), кое што не можеше да биде надоместено во последната трка. Фабио Квартараро, исто така, не ја заврши оваа трка со што му ја олесни работата на Мир, иако пред почетокот важеше за негов најголем конкурент.

И последниот гран при викенд на патеката Алгарве во Португалија ја истакна непостојаноста на Квартараро наспроти доцниот подем на Морбидели, кој со уште еден сензационален пласман на крајот го презеде второто место во конечната табела.

Имено, Мигел Оливеира при првата посета на ова светско првенство во неговата татковина успеа да направи сензација и запознаеноста со тајните на патеката да ја претвори во втора победа во кариерата откако ова лето направи изненадување и на трката за Големата награда на Штаерска, возена на патеката „Ред Бул ринг“. Оливеира најпрво ја освои пол позицијата, а потоа доминираше и во трката, додека борбата за второто место се одвиваше меѓу првите двајца од претходната трка во Валенсија. Џек Милер стартуваше како трет и по четврт пат сезонава стигна до пласман на подиумот, победувајќи го Морбидели, кој беше подобар во квалификациите, но во оваа трка се најде зад инспирираниот Австралиец. Четвртото место му припадна на Пол Еспаргар, а петтото на Таки Накагами. Најдобар возач од фабричките тимови беше Андреа Довициозо со Дукати на шестото место. „Докторот“ Роси и на оваа трка, како и на претходната, заврши дванаесетти.

Благодарение на тоа што собра 171 поен, но вкупно седум пати оваа сезона се најде на пиедесталот, Жоан Мир ја освои светската титула со што стана првиот возач по Кени Робертс Џуниор којшто до ваков успех стигнал во седиштето на Сузуки. На крајот тој имаше 23 бода повеќе од Морбидели, односно 32 од тимскиот колега Алекс Ринс. Притоа во текот на сезоната Мир немаше освоено ниту една пол позиција, ниту еднаш не поставил најбрз круг во трката, а како првопласиран во текот на целата сезона минал само 11 круга и тоа на онаа трка во Валенсија каде што славеше. Најмногу километри во водство имаат двајцата возачи на сателитскиот тим Петронас Јамаха, при што Морбидели во 97 наврати извозел кругови како лидер во трката, додека за Квартараро тоа постигнување изнесува 58 круга.

– Со нетрпение ги очекувам дуелите со Маркез идната година. Вистината е дека ние мора да поработиме на брзината и да ја подобриме. Нашиот мотор има добар баланс, но со сигурност не е најбрз, а за да го победиме Марк, мора да бидеме најбрзи. Тоа е важно! Оваа титула ја освоивме бидејќи бевме итри, а не бидејќи бевме најбрзи. Ако успевав да се справам со притисокот со овој мотор што не е најдобар, тогаш доколку добиеме во брзина би можеле да се бориме за пол позиции и победи на секоја трка. Тогаш ќе можеме да му се спротивставиме на Марк, сигурно. Мислам дека ние имаме најголеми маргини за подобрување, особено што јас не сум почетник. Имам искуство, но имам и за учење, веројатно повеќе од другите,- гласеше филозофскиот одговор на новиот светски првак во едно од интервјуата кои ги даде за специјализираните медиуми.

Со оглед на тоа што Жоан Мир има само 23 години, а неговиот тимски колега Алекс Ринс 24, може да се очекува тие да прераснат во големи ѕвезди на овој спорт и да го имаат главниот збор во дуелите што ни претстојат следните сезони. На хартија, младоста е на страна и кај возачите под закрила на Јамаха, па 21-годишниот Французин Квартараро со трансферот во фабричката екипа ќе има шанса да се подобри возејќи во пар со Вињалес (25). Наспроти ова ѕвездата од финишот на сезоната, Франко Морбидели, во Петронас Јамаха го дочекува својот идол, деветкратниот светски шампион Валентино Роси (41), па двајцата Италијани ќе се обидат да им ги замрсат сметките на возачите од големите фабрички тимови. Според провизорниот календар за 2021 година планирани се дваесет трки, прижани гран при викендите во Аргентина и САД. Во финишот на сезоната би требало да ги видиме трките во Јапонија, Тајланд, Австралија и Малезија, додека за првпат во календарот треба да дебитира трката во Финска. Сепак, организаторите оставија и три трки надвор од распоредот за 2021 година (Португалија, Индонезија и Русија), прогласувајќи ги како резерви, а најавувајќи дека имаат еден слободен слот во провизорниот календар според сегашниот план.

Довициозо нема да вози во 2021!?

Уште една голема ѕвезда на МотоГП се најде на маргините во сезоната која беше одбележана со појавата на коронавирусот. Андреа Довициозо помина осум сезони во Дукати, при што во последните три (2017, 2018 и 2019) беше второпласиран, зад Маркез. Оваа одлука беше соопштена уште летоска за време на австрискиот гран при викенд, но неизвесноста траеше (и сè уште трае), а решение не се најде. КТМ и Сузуки беа првите две шпекулирани дестинации, но се испостави дека најдобра опција е тест ролјата во Јамаха благодарение на закрилата од Валентино Роси. Откако Довициозо ја одби оваа понуда, станува јасно дека работата е „или Хонда, или ништо“. Простор за сензација можеби има, но сето тоа, де факто, ќе зависи од закрепнувањето на Маркез. Постои голема веројатност дека Довициозо ќе ја пропушти оваа сезона, по што ќе се сконцентрира на ангажман за 2022 година. Имајќи предвид дека тој има 34 години, доколку не му успее планот со Хонда, тој или ќе треба да се насочи кон Јамаха (каде што може да го добие местото на Роси), или, пак, да се сврти кон својата втора страст, мотокросот, па во стилот на славниот „Доктор“, да се испроба со своја академија за млади таленти.

Маркез и третпат „под нож“

Светскиот првак Марк Маркез поради повреда ја пропушти целата сезона во 2020 година, но иако се очекуваше негова рехабилитација и евентуално враќање во трките пред зимската пауза, стигна изненадувачка вест дека тој ќе оди на трета операција, што ќе го забави неговото враќање на асфалтните патеки за дополнителни шест месеци. Членот на Репсол Хонда со сигурност ќе ги пропушти сите тестирања пред 2021 година, а под прашалник е и неговиот настап на првите три трки кои се возат надвор од Европа.

– Како и секој друг возач, кога првпат се оперирав, веднаш прашав кога повторно ќе можам да се качам на моторот. Во ваквите ситуации докторот е тој што треба да пресече, кој мора да биде реален и да ме запре. Мене ми беше дозволено да се вратам во Херез, но не бев информиран за евентуалните последици од нов инцидент, којшто за несреќа се случи. Враќањето беше избрзано и тоа е факт. Се скрши плочката на повредената рака и од оваа грешка научив многу. Според одредени прогнози, би можел да се вратам на стартот од сезоната, но овојпат нема да го направам тоа додека не бидам максимално подготвен. Ќе се вратам кога ќе бидам оној стариот, а не само колку да се вратам, рече 27-годишниот Шпанец во интервју за магазинот „Дазн“.

Во интервјуто Маркез потенцираше дека титулата на Жоан Мир е наполно заслужена и дека тој благодарение на постојаноста успеал да стигне до големиот успех.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.