Светско првенство во МОТО ГП – Завесата се спушти среде потоп

05/01/2019

ИНТЕНЗИВНО ДОЖДЛИВО ВРЕМЕ ГИ ИСПРАТИ МОТОЦИКЛИСТИТЕ НА ПОСЛЕДНАТА ТРКА ВО ВАЛЕНСИЈА, НО ПОСТИГНАТИТЕ РЕЗУЛТАТИ НЕМАА КЛУЧЕН ОДРАЗ ВО БОРБАТА ЗА ШАМПИОНСКАТА ТИТУЛА.

 

Иако времето на југот од Шпанија важи за едно од најпријатните дури и кога Стариот континент беше во „доцна есен“, сепак ноемвриските дождови го свртеа вниманието создавајќи непосакувана атмосфера за простување од сезоната. Трката за Големата награда на Валенсија стандардно донесе големи возбудувања, но силниот дожд ги натера мотоцклистите да бидат многу повнимателни од вообичаеното.

Сепак, ниту претпазливото возење не беше доволно за да се избегнат неколку падови во првиот дел од трката. Маркез, Јаноне и Вињалес беа само дел од возачите кои не ги привршија првите 13 круга, дел од трката по кој организаторот одлучи да го подигне црвеното знаме. Во тој момент од натпреварувањето на првите три места беа Ринс, Довициозо и Роси кој направи огромен пресврт во таквите околности, а по прекинот беше дадена пауза од триесетина минути.

Во рестартот на трката на патеката „Рикардо Тормо“ во Валенсија доминираше само еден возач. Тоа беше Андреа Довициозо кој со маестрално возење го остави во втор план Ринс, додека Роси доживеа нов пад и на крајот заврши на 13. место. Неверојатен успех оствари Пол Еспаргаро кој го освои третото место, а со тоа го забележа и првиот пиедестал на КТМ во историјата во „кралската класа“.

На оваа трка своето повлекување од трките го потврди трикратниот светски првак Дани Педроса, кој иако стана шампион во пониските класи, не успеа да ја материјализира својата брзина и во највисоката класа. Шпанецот заврши на петтата позиција, со што за првпат во кариерата не успеа да стигне до победа во една сезона.
На конечната табела Маркез има 321 бод, Довициозо е втор со 245, додека возачите на Јамаха, Роси и Вињалес се на третото и четвртото место со 198 и 193 бода. Новата сезона започнува на 10 март со трката за Големата награда на Катар.

ШТО ПОДГОТВУВА ЈАМАХА ЗА 2019 ГОДИНА?

Новата машина на Јамаха е најжешката тема во мотоциклистичките кулоари за време на тестирањата кои започнаа веднаш по крајот на сезоната. Најавите на фабриката од Ивата се дека ќе се обиде да го усоврши моторот без тоа да се рефлектира на брзината, бидејќи како главен проблем било идентификувано бавното излегување од свиоците.

– Мислам дека имавме добар ритам, иако моравме да користиме истрошени гуми. Моторот добро реагираше од самиот почеток, воопшто не ја допиравме шасијата, бевме фокусирани за машината. За мене е мошне јасно што ќе треба да кажам на состанокот по ова. Во моментов беше битно да се најде добра база, а веќе за следниот тест во Малезија ќе поработиме на други нешта, како на пример повисока крајна брзина за долгите правци. Сè уште тракцијата ни е слаба страна, но во основа имаме конкурентен мотор. Бев во можност да правам мошне константни времиња по круг, па имајќи предвид дека не возев во најдобри временски услови, можам да кажам дека сум задоволен,- изјави Маверик Вињалес.

Од своја страна „докторот“ Роси порача дека треба да се продолжи со работата.
– Денеска беше за нијанса подобро, успеавме да ја подобриме брзината. Имаме уште многу работа, особено ако сакаме да бидеме на нивото на Хонда и Дукати. Јамаха мора да продолжи да притиска и да се појави со нешто подобро во февруари,- рече деветкратниот шампион. – Ако мене ме прашате, сè уште сме назад. Овие два теста не беа лоши, но мора да продолжиме!

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.