СО ТРКИТЕ ВО ХОЛАНДИЈА И ГЕРМАНИЈА БЕШЕ ОДРАБОТЕНА ПРВАТА ПОЛОВИНА ОД КАЛЕНДАРОТ ВО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МОТОЦИКЛИЗАМ, ПРИ ШТО НА ПРВИТЕ ДВЕ ПОЗИЦИИ СЕ СМЕНИЈА ДВАЈЦА ВОЗАЧИ – МАВЕРИК ВИЊАЛЕС И МАРК МАРКЕЗ.
Разочарувањата и возбудувањата одат „рака под рака“ во најбрзите спортови на светот, па додека некои легенди како Валентино Роси и Хорхе Лоренцо се соочуваат со тешки моменти во својата кариера, други фатија залет токму пред летната пауза. Ако Хорхе Лоренцо предизвика вистински хаос на последната трка која се возеше во Барселона, на неполни две недели по големиот инцидент, шпанскиот возач си нанесе штета на самиот себе на петочните тренинзи во Холандија. Поранешниот трикратен светски првак ја распарчи својата Хонда и си нанесе незгодни повреди откако неколку пати се удри од земјата, па по направените детални прегледи беше утвредено дека има скршеница на еден пршлен. Во ситуацијата не станува збор за некоја посериозна повреда, но сепак препораките на докторите беа дека тој мора да го пропушти викендот во Асен.
Од друга страна, Јамаха долго време се мачи со адаптацијата со новиот мотор, а по неколку катастрофални викенди, првите луѓе на тимот од Јапонија конечно дочека да се израдуваат на првата победа оваа сезона. Истата им ја донесе Маверик Вињалес кој беше феноменален цел викенд во Холандија, започнувајќи од тренинзите, па сè до трката во која и покрај една грешка, успеа да го надмудри Марк Маркез кој повторно беше крајно компетитивен со својата Хонда. Вињалес му ја обезбеди првата победа на тимот кој забележа значителни подобрувања на последните три трки, а сега конечно стигна и триумфот кој со нетрпение се чекаше.
Маркез во најголем дел од трката го следеше Вињалес и се обидуваше да остане блиску до него, но во последните пет круга комплетно се откажа од ризик, бидејќи сите останати ривали за титулата беа далеку зад него. Андреа Довициозо заврши четврти зад Фабио Квартараро, додека Алекс Ринс излета уште на стартот.
Веќе следниот викенд Вињалес потврди дека сè уште го има приматот во таборот на Јамаха, пред „докторот“ Роси, но ѕвезда на денот беше Маркез кој стигна до нов триумф на патеката Заксенринг во Германија, што е негова десетта победа во низа на еден автодром (гледано и од пониските класи). Со ова тој го изедначи рекордот на Роси поставен во Муџело и е на најдобар пат следната година да го подобри. Трката не почна точно најдобро за Фабио Квартараро кој од втората стартна позиција падна на седмото место, а веќе во вториот круг, излета надвор од патеката и предвреме ја заврши трката.
Алекс Ринс прво постави најбрз круг, за кратко потоа го помина Маверик Вињалес, по што успеа да направи добра предност, но сè повеќе заостануваше зад водечкиот Маркез. Кога сите го видоа Ринс дека е сигурен на пиедесталот, тој имаше неоче- куван пад со брзина од над 170 километри на час. Вињалес се врати на позицијата број два, а Крачлоу, со добро темпо до крајот, стигна до последното место на подиумот.
По серијата трки во кои се бореа за победи, свиокливата патека на Заксенринг не им одеше во прилог на возачите на Дукати, но на крајот Петручи стигна како четврт, пред Довициозо, иако претходниот ден во квалификациите имаше спектакуларен инцидент од кој излезе неповреден. По слабите квалификации, Валентино Роси колку-толку успеа да надокнади од изгубеното со пласман на осмото место на крајот од трката, пред Франк Морбидели и Штефан Брадл (на местото на повредениот Лоренцо во Хонда).
Маркез има убедливо водство во генералниот поредок, па така сега е прв со 185 поени, а Довициозо останува втор, но со 58 поени помалку, што е сериозна предност (повеќе отколку што може да се освои со победа во две трки). Петручи има 121 бод, Ринс остана на 101, по што следат возачите на Јамаха, Вињалес со 85 и Роси со 80 поени.
Втората половина на сезоната носи уште 10 трки во кои сè е можно, а стартот е предвиден на 4 август во Брно, по што следува Ред Бул Ринг на 11 август.
НОВА МОТО ГП ТРКА ВО ФИНСКА
Маркез има пет шампионски титули во Мото ГП, или вкупно седум ако се земат во предвид победите во Мото 1 и Мото 2, но дури сега успеал да го положи возачкиот испит за А категорија кој сега ќе му овозможи да вози мотоцикл и во приватниот живот. – Го положив испитот за мотоцикл пред три недели. Положив од прва, полагав заедно со мојот брат Алекс. Изминатава зима го положивме делот кој заснова теорија, а сега, по трката во Муџело полагав практично. Комисијата знаеше дека ќе полагаме и јас и брат ми, но не бевме воопшто поштедени. Возев цели 40 минути низ улиците и ми беа зададени сите вежби. Во практичниот дел пред возењето на улица, еден од надгледувачите ми порача дека очекувал повеќе од мене, – откри Маркез кој во февруари наполни 26 години.