Светско првенство во Мото ГП-ТРИ ФАВОРИТИ ЗА ТИТУЛАТА

19/07/2023

СО ШЕСТ ПЛАСМАНИ ВО НИЗА (ТРИ ВО СПРИНТ ТРКИТЕ И ТРИ ВО ГЛАВНАТА ТРКА), ХОРХЕ МАРТИН СЕ ПРИКЛУЧИ КОН БАЊАЈА И БЕЦЕКИ ВО ПОТЕРАТА ПО ШАМПИОНСКАТА КРУНА

 

Откако на домашното гран при во Шпанија на два пати беше четврти, Хорхе Мартин, има успешна серија што го вивна блиску до врвот на табелата во Мото ГП. Во Франција победи во спринт трката, по што уследи второ место на главната трка зад Бецеки, додека во Италија беше трет во спринтот и повторно втор во главната трка, но зад Бањаја. На трката за Големата награда на Германија тој ги освои двата пехара за првите места, па последната трка пред летната пауза закажана во Холандија претставуваше најава за она што ќе треба да се следи во втората половина од годината. –

Лани многу се изнамачив за да бидам конкурентен во Германија, беше навистина фрустрирачко. Оваа година се вратив подобар и бев посилен на сите патеки. Беше тешка трка, Пеко Бањаја, исто така, многу напредуваше. Се обидов да извадам повеќе перформанси, но тоа беше на сметка на задната гума, па сепак подобро е што ме престигна, бидејќи морав да ја сменам стратегијата. Не беше лесно, требаше да се задржи концентрираноста,- рече Хорхе по триумфот во Германија. Неговото објаснување за напредокот се должи и на унапредениот погонски агрегат на Дукати, кој според Шпанецот работи подобро на сите патеки.

Подобрена е конекцијата со командата за додавање гас. Лани се мачев да се справам при провртување на задната гума. Кога ќе беше нова, имав добар контакт со подлогата, но кога ќе се истрошеше, беше тешко. Но, најголем напредок чувствувам кај сопирањето. Лани имавме ситуација како моторот да нè бутка (во свиокот), но тоа сега е променето и можам да сопирам силно. Порано не можев да го поминам Пеко на сопирачки, но денеска можев. Тоа е можеби најголемиот напредок, додава Мартин.

Бидејќи сите тројца возачи се членови на екипи каде што се возат моторите на Дукати, јасно е дека италијанскиот производител во моментов има предност пред останатите. Но, според Бањаја, унапредувањето доаѓа најмногу поради одлуката сите да располагаат со истата технологија и да нема фаворизирање на фабричкиот тим пред сателитските.

Треба да имаме надградба на моторот. Да се бориш против фабрички или сателитски тим е секогаш исто. Дукато има стратегија да им дава максимум на сите екипи и според мене тоа е клучот за нивниот успех. Ако сакаш да напредуваш, мора да им ги дадеш сите податоци на сите возачи, бидејќи секој ќе располага со податоците на другите. Така во секоја сесија ќе има напредок, инженерите ќе разговараат со возачите што се случило и какви се повратните чувства. Тоа е добра стратегија, најдобра за напредокот, но и за да имаме дуел на патеката. Сигурно е причина зошто сме толку добри, објасни Бањаја.

Сепак, трката во Асен донесе интересен заплет со тоа што Бецеки победи пред Бањаја во спринтот, додека во главната трка нивните позиции се ротираа. Мартин со своите пласмани на шесто, па петто место остана во конкуренција, но дефинитивно ги разбуди очекувањата на сите за фантастичен епилог на оваа сезона.

Пеко беше побрз од мене кога користеше „медиум“ задна гума. Размислував да користам „мека“ сè до крајот, но не сакав да ризикувам и да загубам сè. Во трката имаше проблем со температурата на предната гума, па немав голема самодоверба како Пеко во моментот кога требаше да го престигнам Бред Биндер. Направив грешка, го загубив предниот дел, но некако го престигнав во петтиот свиок. Бев излезен целосно пред него, пред да треба да сопираме за свиокот бр. 6. Тогаш почнав да го бркам Пеко, но бев нервозен бидејќи чувствував вибрации на задниот дел, ми беше чудно. Не можев да го налегнам моторот, особено во брзите свиоци. Ги притиснав сите копчиња што ги имав, ништо не се подобри. Среќен сум што го преживеав ова, бев уплашен дека ќе го загубам пласманот на подиумот. Ми се чинеше дека ќе бидам престигнат. Имајќи го сето ова предвид, среќен сум со пласманот и мислам дека беше најдоброто што можев да го направам денес,- опиша Бецеки. И Бањаја од своја страна имаше осврт за „критичните услови“, откако успеа да направи пресврт и второто место од спринтот да го конвертира во победа.

Утрото пред трката се подобривме, испробавме нешто поинакво, бидејќи сфативме дека моторот во одредени моменти бара поинакво штелување. Тоа даде резултат. Благодарен сум на тимот што ми го даде тоа што го барав. Сè беше перфектно при загревањето, но попладнето имаше пролизгување на задната гума. Прво мислев дека е само кај мене, но потоа забележав дека сите го имаа истиот проблем. Подобро се чувствувам во долгата трка, имам поголема контрола на нештата, додека во спринт трките се преземаат повеќе ризици. Имаме подобрувања на последните трки и треба да продолжиме на овој начин. Среќен сум што ќе ја завршам полусезоната на прво место, сега можеме да одиме на летната пауза задоволни од позитивниот баланс, рече актуелниот шампион, Франческо „Пеко“ Бањаја.

По осум извозени трки (една се одложи во Казахстан), Бањаја е лидер во поредокот со 194 поени, додека Мартин и Бецеки го следат со 159 и 158 бода. Единствено уште Биндер и Зарко имаат над 100 поени, додека останатите возачи не се во најдобра позиција да им парираат. Појавата на нови возачи кои ќе го наследат тронот по повлекувањето на Роси и зачестените повреди на Маркез, очигледно е процес кој ќе исфрли на површина повеќе имиња, но до самите протагонисти е да покажат кој од нив поседува шампионски квалитети. Тука пред сè мора да се споменат претходните прваци Жоан Мир (кој се префрли во Хонда по повлекувањето на Сузуки) и Фабио Квартараро кој се обврза на договор со Јамаха, но исто така има застој во поглед на развојот на моторот. – Се надевам дека идната година ќе ја имаме големата промена што ја очекуваме. Секако, не можам да бидам убеден во тоа, тешко е да имаш таква верба кога се бориш за пониските позиции. Се работеше напорно и во претсезонскиот дел, но не се постигна многу. Исто е и сега, нема гаранција.

Се надевам дека ќе успеат да го идентификуваат вистинското нешто и да направат чекор за да имаме подобар крај на оваа сезона и за следната година,- изјави Куартараро, кој беше светски првак во 2021 година. Сезоната продолжува со трката на Силверстоун на 6 август, а во истиот месец ќе се вози трката за големата награда на Австрија во Шпилберг.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.