РЕСТАРТОТ НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МОТОЦИКЛИЗАМ ПО ЛЕТНАТА ПАУЗА ДОНЕСЕ НЕПРЕДВИДЛИВА ТРКА ВО БРИТАНИЈА, НО ВЕЌЕ НА СЛЕДНАТА СТАНИЦА ВО АВСТРИЈА, ЛИДЕРОТ НА ТАБЕЛАТА ИМАШЕ ДОМИНАНТНА ПОБЕДА
Со британското гран при беше означен стартот на втората половина од сезоната во Мото ГП, а летниот дожд и влажната патека направија да видиме неочекувани победници.
Спринт трката ќе влезе во историјата со податокот дека во неа победи помладиот брат на светскиот шампион Марк Маркез, Алекс, кој следејќи ги неговите патеки претходно стана и шампион во пониските категории, Мото 3 и Мото 2.
Говорејќи за честитката што ја добил од својот постар брат кој заврши на 19 место, Алекс ја откри целата конверзација со него, откако овој застанал на патеката за да му честита за „првенчето“.
Знам дека тој имаше тешка трка, но кога виде дека победив, беше навистина среќен. Беше навистина посебен момент, ми рече „беше навистина брз денеска, копиле едно“. Навистина беше добра трка и јас се обидов да притискам како што тој има направено многу пати, изјави среќниот Алекс.
На стартот на трката малку заспав и некои возачи ме престигнаа. Но, по неколку круга почувствував дека имам добра тракција и добро чувство од моторот и се охрабрив себе си „ајде, сега мораш да одиш, мора да направиш предност“. Спринт трките носат помалку поени, па може да се преземе поголем ризик!
Овој резултат веројатно беше пресуден и тимот Гресини да му го продолжи договорот, откако Алекс Маркез по двете години со Хонда имаше само два подиума, а оваа сезона претходно имаше два пласмани меѓу првите шест со новата машинерија на сателитскиот тим на Дукати.
Заедно со Шпанецот кој се снајде најдобро на влажната патека во Британија, беше и Марко Бецеки, предизвикувачот за шампионската титула, но и Маверик Вињалес. Наспроти ова, фаворитите беа на опашката од колоната, па лидерот Франческо Пеко Бањаја заврши на 14 место, а двајцата светски шампиони Марк Маркез и Фабио Квартараро беа на 19 и 21 место.
ЗАРКО ОСЛОБОДИ МЕСТО ЗА БЕЦЕКИ?
Трансферот на Јохан Зарко од Прамак Дукати во Хонда отвори место за еден возач кој може да добие фабричка машинерија од шампионскиот конструктор. Сепак, Марко Бецеки не е сигурен дека сака да го смени тимот и можно е да остане една година во тимот на Роси со старото Дукати, бидејќи трансферот на Ениа Бастианини покажа дека префрлувањето од едниот на другиот мотор и не оди така лесно. Драго ми е што Роси притиска за да останам, бидејќи тој е најголемиот на сите времиња и тоа е огромна чест за мене и малкумина можат да се пофалат со такво нешто. Мислам дека мојата одлука ќе ја донесам многу, многу скоро,- рече Бецеки во Австрија. |
Бањаја беше на добар пат да се врати во победа во главната трка, но повторно дождот се вмеша, па Алеш Еспаргаро со Априлија иако стартуваше од 12 место, успеа да стигне до втората победа во кариерата. Притоа, во последниот круг го престигна токму Бањаја за првото место, но актуелниот шампион иако си оди дома со 20 бодови, на крајот од викендот има поголема предност на табелата отколку пред Силверстоун, бидејќи другите ривали киксираа. Најпрво, Марко Бецеки падна во петтиот круг додека беше во позиција да вози веднаш зад Бањаја, а истовремено Алекс Маркез излета како последица од допирот со Маверик Вињалес. На овој начин, Брад Биндер со пласманот на третото место го комплетираше подиумот, пред Мигел Оливеира. Маверик Вињалес со пласманот на петтото место имаше уште еден надежен пласман по третото место во спринтот, а Хорхе Мартин ја комплетираше првата шестка и со тоа му се доближи на Бецеки на табелата.
Но, лудиот викенд на Силверстоун беше брзо заборавен, откако карванот на мотоциклистите се префрли во Австрија. Пеко Бањаја покажа дека е подготвен за доминација во борбата за титулата, па неочекувано лесно освои максимални 37 бода на патеката Ред Бул Ринг, каде што најпрво славеше во спринтот, а потоа и на главната трка, притоа во двата случаи освојувајќи ја пол позицијата. Кога е во прашање главната трка, Бањаја лесно му се одлепи на Бред Биндер и двајцата имаа лесна и мирна трка, а најголемите возбудувања беа оние за третата позиција. Алекс Маркез долго беше со место на пиедесталот, но на крајот заврши петти откако беше престигнат од Бецеки и Марини, што секако донесе и голема радост за тимот на легендарниот Валентино Роси, бидејќи и двајцата возат за неговиот тим. Претходниот ден обајцата имаа проблеми (Бецеки не ја заврши спринт трката) поради проблемите со Хорхе Мартин од Прамак, кој беше обвинет за предизвиканиот хаос.
ХОНДА ЌЕ ГИ КОРИСТИ ИНЖЕНЕРИТЕ ОД ФОРМУЛА 1
Лошите резултати на Хонда во Мото ГП доведоа до криза во таборот на јапонската екипа, па првиот човек на фабриката, Који Ватанабе, најави дека ќе ги префрли инженерите кои досега беа ангажирани на Ф1 проектот со Ред Бул и Алфа Таури. Одделот за конструкции на четири тркала е инволвиран во развојот на Мото ГП и треба да продуцира осетливи резултати, најбрзо возможно,- рече Ватанабе во интервју пренесено од фабриката. |
Формата што ја прикажа Бањаја провоцираше споредба со Ферстапен во Формула 1, а таквата изјава ја даде Фабио Куартараро од Јамаха.
Мислам дека сега тој е како што е Ферстапен, бидејќи и минатите години имаше најдобар мотор. Можно е да имаш најдобар мотор и сепак да немаш добри резултати, сепак е потребна комбинација. Се чини дека во моментов тој ја има таа комбинација со моторот, самодоверба, бидејќи кога победуваш и победуваш, се чувствуваш незапирлив. Тоа е неговото чувство во моментов, знае како да го користи моторот, па не очекувам друг да биде побрз од него, рече поранешниот светски првак.
Со триумфот на Шпилберг и сега има 251 бод во генералниот поредок, што е за 62 повеќе од Хорхе Мартин кој е на втората позиција со 189 поени. Бецеки е веднаш зад него со 186, а Бред Биндер благодарение на последните добри резултати се издвои на четвртата позиција со 160 бода.
Првите два викенди од септември ги носат трките во Барселона и Римини, по што следуваат седум трки во Азија и Австралија, за финалето да биде на 26 ноември во Валенсија.