ОТКАКО НА ТРКАТА ВО АРГЕНТИНА МЛАДИОТ МАРКО БЕЗЕКИ ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ СО ПОБЕДНИЧКИТЕ ПЕРФОРМАНСИ, НА СЛЕДНОТО ГРАН ПРИ ВО САД ИСТОТО ГО НАПРАВИ АЛЕКС РИНС
Спринт трката како вовед во гран при викендот на САД покажа дека Алекс Ринс ќе има викенд за паметење, бидејќи тој беше единствен што му се закани на освојувачот на пол позицијата, Франческо „Пеко“ Бањаја. Ринс од стартот почна да прави притисок, но имаше преоптимистички маневар во свиокот број 12, по што Бањаја можеше да здивне и да почне да вози соло трка.
Факт е дека Ринс не успеа да му се приближи, но постојано беше во негова заветрина и тој притисок не вроди плод во саботната спринт трка, бидејќи на крајот Бањаја победи со предност поголема од две секунди, додека со слични интервали меѓи себе беа и возачите зад нив Хорхе Мартин, Алекс Еспаргаро, Бред Биндер, Марко Безеки, Лука Марини и Мигуел Оливеира, при што последната четворка „начичкана“ во интервал од две секунди.
Со други зборови, само Ринс беше возач на Хонда меѓу водечките, наспроти отсуството на Марк Маркез и Жоан Мир кој беше на 12 место. Веќе следниот ден, тој се искачи на највисоката скала од победничкиот пиедестал, откако Бањаја не ја заврши трката.
Горд сум, завршивме одлична работа во текот на целиот викенд. Ова е моја трета трка со Хонда и среќен сум бидејќи штотуку ја креирам мојата основа, а сè оди добро. Овој викенд направивме чекор напред, исто како и во Аргентина. Тоа значи дека одиме чекор по чекор, но не беше лесно бидејќи Пеко Бањаја имаше добар ритам. Се обидував да го намалам заостанувањето во првиот и вториот сектор, преземав ризик, а потоа тој излета. Морав да останам фокусиран бидејќи се најдов на чело и се охрабрив во смисла „уау, ајде да го направиме ова“. Успеавме, ова е јубилеен стоти подиум за тимот на ЛЦР Хонда, а тимот навистина го заслужи. Јас сум новодојденец тука, а ме пречекаа со раширени раце. Мораме да продолжиме во следните трки со истиот менталитет, да останеме со нозете на земја и да почнеме од нула, бидејќи за мене сè е ново со Хонда, изјави Ринс по славењето во Тексас.
Слично како што Безеки остана блиску до врвот по сензационалната победа во Аргентина, така и Ринс успеа да се задржи меѓу најдобрите на следната трка во Херез, но сепак трката за Големата награда на Шпанија беше доминирана од Бањаја. По двете „нули“ и двата пада на трките во Аргентина и Америка, Пеко одново стигна до триумф на гран при трката во Херез, откако претходно во спринт трката беше втор.
Актуелниот светски шампион дојде до 23-та победа во својата кариера, добивајќи го возбудливиот дуел кое го имаше со Бред Биндер на патеката во Шпанија (кој триумфираше во спринт трката). Возачот на Дукати за влакно беше подобар од претставникот на КТМ, а трет на пиедесталот заврши Џек Милер, кој исто така ги брани боите на КТМ од оваа сезона, а лани му беше тимски колега на Бањаја. Биндер водеше во трката, но Бањаја го дочека својот момент, го мина ривалот на три круга пред крајот, а потоа шампионски го одбрани првото место.
ОТКАЖАНА ТРКАТА ВО КАЗАХСТАН
Календарот на Мото ГП броеше 21 трка, но организаторите соопштија дека се откажува планираната Голема награда на Казахстан, која требаше да се случи на почетокот од јули. Со тоа ќе се добие поголема летна пауза, бидејќи возачите ќе добијат одмор веќе по трката во Холандија, а ќе се вратат на патеките од август, кога е планирана трката за Големата награда на Велика Британија на патеката Силверстоун. |
Ова беше трка како што доликува на „број 1“ и среќен сум што можам да одговорам на овој начин по она што се случи во Америка. Гледано како цел викенд, ова е најдобриот. Блиску е до она што го имавме во Силверстоун минатата година. Но, сепак, тука дуелот беше пожесток. Уживав во трката, уживав во целиот викенд бидејќи тој може да ни помогне дополнително да созрееме како тим. Петочните тренинзи беа тешки, но тимот успеа да сработи и да ми овозможи подобро чувство. Ги побарав коректните нешта, инженерите добро го одработија тоа и денеска со тој мал чекор напред успеав да стигнам до победата. Не беше лесно, КТМ беше неверојатен, но се обидов да останам прецизен, да возам перфектно, без стрес за задната гума. Да се победи тука секогаш е нешто специјално, навистина сум среќен, изјави актуелниот светски првак.
Ова беше трка како што доликува на „број 1“ и среќен сум што можам да одговорам на овој начин по она што се случи во Америка. Гледано како цел викенд, ова е најдобриот. Блиску е до она што го имавме во Силверстоун минатата година. Но, сепак, тука дуелот беше пожесток. Уживав во трката, уживав во целиот викенд бидејќи тој може да ни помогне дополнително да созрееме како тим. Петочните тренинзи беа тешки, но тимот успеа да сработи и да ми овозможи подобро чувство. Ги побарав коректните нешта, инженерите добро го одработија тоа и денеска со тој мал чекор напред успеав да стигнам до победата. Не беше лесно, КТМ беше невројатен, но се обидов да останам прецизен, да возам перфектно, без стрес за задната гума. Да се победи тука секогаш е нешто специјално, навистина сум среќен, изјави актуелниот светски првак.