Светско првенство во МОТО ГП-ПРВА ПОБЕДА ЗА ЖОАН МИР, МУ СЕ НАСМЕВНУВА ТИТУЛАТА

15/12/2020

МЛАДИОТ ВОЗАЧ НА СУЗУКИ ГИ ИСКОРИСТИ ОСЦИЛАЦИИТЕ НА ФАВОРИТИТЕ ВО СЕЗОНАТА ЗА 2020 ГОДИНА, ПА СО КОНТИНУИРАНИ ВИСОКИ РЕЗУЛТАТИ СЕ ИЗБОРИ ЗА ВОДСТВО ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН, А СЕГА СТИГНА И ДО ПРВИОТ ЛИЧЕН ТРИУМФ ВО ТРКА!

Жоан Мир беше лидер во генералниот пласман и покрај тоа што немаше остварено ниту една Мото ГП победа оваа сезона, но сега на две трки пред крајот на сезоната, му се насмевна и среќата па тој излезе како победник од трката за Големата награда на Европа возена на патеката во Валенсија.

Блесокот на Мир беше забележлив уште на претходните две трки во Арагон кога во два наврати беше трет, додека претходно во Барселона и Римини беше два пати втор. Во услови кога светскиот првак Маркез е отсутен поради повреда, а возачите на Јамаха имаат ужасно променливи перформанси и нестабилен мотоцикл, Мир дојде до пол позиција за освојување на титулата.

Во квалификациите за трката се наметна Пол Еспаргаро, кој ја предводеше групата од петмина мотоциклисти со постигнувања кои беа до толку изедначени, што разликата меѓу првиот и петтиот беше само една десетинка. Зад Еспаргаро беше Ринс (Сузуки), а потоа Накагами, Зарко и Мир. Тоа беше првата индикација дека ривалите ќе имаат тежок викенд, но старата мудрост со право укажува дека бодови се добиваат за пласманот во неделната трка, при што конкурентите добро ја познаваат патеката „Рикардо Тормо“ во Валенсија.

Но, сепак до промена во распоредот на силите не дојде, бидејќи возачите на Јамаха не беа среќни со подготвеноста на нивниот мотоцикл. Шпанецот како најголем конкурент во трката го имаше својот сонародник и тимски колега Алекс Ринс, кој уште во вториот круг го презема водството, а потоа и Мир го престигна Еспаргаро, па така тие двајца за нијанса се издвоија. По 16 извозени кругови, Мир го престигна Ринс и успеа да ја задржи лидерската позиција до крајот на 27 круг. Зад нив Еспаргаро беше под притисок од Накагами кој му се доближи на една секунда, откако првата половина од трката ја возеше зад Оливеира, но и тој слично како Мир во втората половина беше подобар и се залепи до водечката тројка. На трката за Големата награда на Европа неговите конкуренти како Морбидели (Петронас) Вињалес (Јамаха) и Квартараро (Петронас), завршија на 11, 13 и 14 место. Легендарниот „доктор“, Валентино Роси, кој паузираше поради позитивни наоди за Ковид-19, поради проблеми со моторот не ја доврши трката.

На овој начин Мир во своја корист го реши тимскиот дуел, бидејќи Сузуки немаше чиста ситуација зад кој од двајцата возачи да застане, особено откако Ринс на претходните две трки во Арагон имаше една победа и едно второ место. На овој начин Мир стигна до 162 бода, додека Ринс се изедначи со Квартараро на второто место со по 125 бода. До крајот има две трки, односно 50 бода за освојување, што значи дека на Мир му се потребни само 14 бода за да ја завери титулата. Во пракса, тоа значи дека нему му е потребно едно трето место, додека еден од неговите двајца конкуренти треба да победи два пати во низа!

До крајот на сезоната има уште две трки, и тоа уште една на истиот автодром „Рикардо Тормо“ која овој пат ќе се вика Голема награда на Валенсија, додека сезоната ќе заврши со инаугурација на новата патека во Португалија, Алгарве.

Судот во Лозана му ја зголеми суспензијата на Андреа Јаноне

Поранешниот мотоциклист на Дукати и победник на една трка во 2016 година, Андреа Јаноне, доби четиригодишна суспензија од Спортскиот арбитражен суд во Лозана. Претходно, Јаноне беше суспендиран поради позитивен допинг тест за наводно користење на стероиди и првично заработи казна од 18 месеци, но во новата постапка пред судот во Лозана сега наместо скратување, тој доби зголемена казна од 48 месеци.

– Андреа Јаноне е санкциониран со забрана за настап во траење од четири години, а за почеток на истиот се смета 17 декември 2019 година, стои во соопштението на највисоката судска инстанца. Италијанската Мото ГП ѕвезда имаше позитивен тест по трката за ГН на Малезија минатата година. Тој тврдеше дека јадел месо преку кое ги внел стероидите, но не успеа да го докаже своето тврдење.

Казни за екипите на Јамаха, возачите куртулија!

За време на Големата награда на Европа во Валенсија беше соопштено дека светската мотоциклистичка федерација (ФИМ) има започнато истрага против Јамаха, откако биле доставени докази дека јапонската фабрика извела неколку недозволени промени на моторот на трката во Херез. Претходно, мотоциклите на Јамаха имаа одредени проблеми со вентилите, но во обидот да ги надминат истите не ги испочитувале протоколите на асоцијацијата на конструкторите, кои биле должни да добијат информација за тоа и едногласно да им дозволат да работат на поправката. Поради оваа сериозна истрага, се стравуаваше дека сериозни казни ќе добијат и возачите, а бидејќи Квартараро беше во игра за шампионската титула со три победи оваа сезона, неговата ситуација придонесе за компромисно решение. Штетата ќе ја претрпи само Јамаха, на која ќе и бидат одземени 50 бодови во битката за титула во конструктори, Монстер Енерџи Јамаха како тим ќе остане без 20 поени, додека сателитскиот тим Петронас Јамаха без 37 бода.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.