Светско првенство во Мото ГП-ПЕКО НАЈАВИ ПЕКОЛЕН ФИНИШ

03/09/2022

ОТКАКО ПО ПРВИТЕ ДЕСЕТ ТРКИ ЗАДОЦНУВАШЕ 91 ПОЕН ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН, ФРАНЧЕСКО „ПЕКО“ БАЊАЈА УСПЕА ДА НАНИЖЕ ТРИ ГРАНДИОЗНИ ПОБЕДИ ЕДНОПОДРУГО И ДА ЈА ПРЕПОЛОВИ ПРЕДНОСТА НА КУАРТРАРО!

 

Претсезонскиот фаворит на медиумите за 2022 година, конечно успеа да ги фати конците во своите раце! Франческо „Пеко“ Бањаја во 2021 година за првпат победи во трка (на шест трки пред крајот на сезоната), но оттогаш неговиот имиџ континуирано се подобрува. Прашањето што се поставуваше во основа го испитува неговиот краен домет, бидејќи ако лани на последните шест трки бил способен да забележи четири победи, пет пол позиции и три најбрзи круга, тогаш што ли би можел оваа година како поискусен?

Бањаја спротивно од очекувањата имаше лош старт во првиот дел од сезоната, па првиот подиум и воедно победа ги забележа дури на шестата трка во Шпанија, а успехот го повтори на осмата трка во Италија. Генерално, по 10 трки во 2022 година имаше четири гран при трки без финиш и задоцнуваше 91 бод во поединечната класификација на возачите. Третата победа се случи во Холандија пред летната пауза, а откако мотоциклистите се вратија во седиштето, набрзина прокнижи уште два гран при триумфа во Британија и Австрија.

Последниот гран при триумф на Бањаја беше забележан на патеката во подножјето на Алпите, а на крајот победата беше изразена со само 492 илјадити делови од секундата во однос на актуелниот шампион Фабио Куартараро со Јамаха. За истата Бањаја изјави дека била една од најтешките трки за него оваа сезона.

Многу сум среќен за денешниот резултат бидејќи тој е еден од најтешко извојуваните во оваа сезона. Направив максимално безбеден избор за предната гума, но се чини дека тоа не беше најдобриот избор за условите што ги имавме денеска. Очекував дека е можно да заврне, или барем да има пад во температурата. Но, сè беше ОК. Можеби ќе беше подобро да изберам тврда гума, бидејќи во неколку наврати имав проблеми со блокирањето на предното тркало. Сепак, на крајот сум навистина среќен бидејќи завршивме одлична работа овој викенд.

Ова е првпат возач на Дукати да врзе три победи во низаг по Кејси Стонер, кој тоа го направи во својата шампионска сезона во 2008 година, (тогаш славеше на трките во Британија, Германија и Холандија, што одново „ја подига веѓата“ поради сличноста со актуелниот момент). Со овој резултат Бањаја дојде до само 44 зад Фабио Куартараро, откако по трката во Германија имаше дефицит од 91 поен. Неговиот тимски колега Џек Милер, кој што австриската трка ја заврши на третата позиција со избрани зборови го пофали успехот на италијанскиот мотоциклист. -Тимот е во одлична форма во овој момент. Со три победи во низа Пеко се изедначи со Кејси, а тоа покажува колку добро вози, особено во оваа ера на Мото ГП. Затоа, капата долу за него и за целиот тим. Едноставно е чудесно да се биде дел од сето тоа. Иако тој е пред мене во моментот, сметам дека е „кул“ да се биде дел од овој тим сега, бидејќи тоа, пак, го подигнува моралот и сите се мотивирани да работат и да постигнат уште подобри резултати. Навистина е супер да се види тоа.

По трката во Силверстон, Бањаја им откри да новинарите дека побарал совет од двократниот светски првак Кејси Стонер, а тоа го повтори и по трката во Австрија.

Во петокот Кејси ми помогна да разберам некои ситуации, бидејќи гледајќи од телевизија или од неговото искуство кога возеше за Дукати, едноставно почувствувал нешто. Неговиот коментар беше базиран на неговото искуство и јас пробав да видам дали и јас можам да направам нешто базирано на тоа. Овојпат тоа нешто беше од голема помош за мене.

ЗЕЛЕНО СВЕТЛО ЗА МАРКЕЗ

Марк Маркез доби дозвола од медицинскиот тим да им се врати на мотоциклистичките трки, откако претходно оваа сезона ја обнови повредата што во минатото го оддалечи од светското првенство речиси цела година. Поранешниот шесткратен шампион на почетокот од летото имал нова операција во САД, и по двомесечна рехабилитација се соочи со д-р Санчез Сотело. – Денес имав можност да направам евалуација на состојбата во која што е Марк Маркез, по неодамнешната операција изведена во „Мајо Клиник“ во САД. За среќа, Марк Маркез има одлично закрепнување од гледна точка на мускулатурата, како и одличен опсег на подвижност. Денеска направивме нови снимки кои покажуваат целосно зараснување на скршеницата,- се вели во изјавата на д-р Сотело лиферувана преку соопштение од страна на Хонда. Маркез од своја страна, преку „Твитер“ објави дека добил зелено светло да го интензивира процесот на закрепнување, изразувајќи им благодарност на најблиските што го поддржувале во трите месеци од рехабилитацијата по неговата четврта операција. Тој се појави на трката во Австрија како посетител, најавувајќи дека повторно ќе седне на мотор откако ќе биде закрепнат околу „70 до 80 отсто“ односно дека последната фаза од рехабилитацијата ќе му биде во седиштето на неговата Хонда.

 

Иако се пласираше на шестото место, Алеш Еспаргаро сè уште го има второто место во генералниот пласман бидејќи заостанува само 32 поени зад Квартараро.

Сметам дека ова беше една од моите најдобри трки, но тешко е да се тркаш на тој начин. Постојано сум на лимитот, безмалку ќе излетав во неколку наврати, и воопшто  физички е мошне исцрпувачки. Се чувствувам како да возам квалификации во секој круг. Се разбира дека сум среќен со пласманот, но ова е супер тешка патека. Конфигурацијата бара чести забрзувања. Имав добар старт иако не бев најдобар во првите кругови, но потоа можев да направам добар камбек. Да траеше трката уште неколку круга ќе имавме и интересен дуел со Бањаја. Постојано бев на лимитот, на секој дел од патеката, но за наша несреќа на правците премногу губевме при забрзувањето.

 

ДУКАТИ ГО ИЗБРА БАСТИЈАНИНИ ЗА ФАБРИЧКИОТ ТИМ

Енија Бастијанини освои три победи во првите тринаесет трки од 2022 година и со тоа го сврте вниманието кон себе, иако на останатите настапи немаше забележителни резултати. Сепак, тоа беше доволно првите луѓе на Дукати да му дадат предност на Италијанецот пред шпанскиот мотоциклист Хорхе Мартин, како наследник на второто седиште во фабричкиот тим. Оваа сезона е последна за Џек Милер, кој од идната година се префрла во таборот на КТМ, а неговото заминување наметна дилема во тимот од Борго Панигале по прашање на неговиот наследник. Бастијанини досега возеше за „сателитскиот“ тим, а во Мото ГП дебитираше минатата сезона кога во два наврати освои трети места на трката за Големата награда на Сан Марино и трката за Големата награда на Емилија Ромања. – Возбуден сум што можам да ги носам боите на официјалниот тим на Дукати во следната сезона. Тоа беше мој детски сон што сега се оствари. Во минатите две сезони во Мото ГП имав можност многу да научам и да се изградам, па верувам дека со инженерите на Дукати можам само да напредувам. Ќе се обидам да ја завршам оваа 2022 година на најдобар можен начин пред да се посветам на новата авантура како фабрички возач на Дукати,- рече Бастијанини во пригодната изјава по соопштувањето на ангажманот. Хорхе Мартин ќе остане во „сателитскиот“ тим Прамак Дукати во текот на 2023 година заедно со Јохан Зарко, при што е најавено дека ќе добијат идентична фабричка спецификација на моторот.

Клучна промена на патеката пред трката во 2022 година беше додавањето на нова шикана пред вториот свиок. Ова беше образложено од безбедносни причини, но воедно беше големо олеснување за Јамаха бидејќи на тој начин една од главните зони за забрзување беше неутрализирана. Тоа дефинитивно му помогна на Французинот, кој во финишот на трката, токму на тоа место успеа да го престигне Џек Милер за втората позиција. На табелата Куартараро е водечки со 200 поени, пред Еспаргаро со 168 и Бањаја со 156 бода. Во септември следуваат трките за Големата награда на Сан Марино, а потоа и Големата награда на Арагон, по што ќе уследи традиционалната прекуокеанска етапа со трките во Јапонија, Тајланд, Австралија и Малезија. Сезоната ќе заврши на 6 ноември со трката во Валенсија.

Во меѓувреме, токму пред трката во Австрија, беше соопштено дека спринт трките ќе бидат официјално воведени во Мото ГП од 2023 година. За разлика од Формула 1, каде што ваквото шоу е дел од квалификациите, и тоа само на три трки годишно, раководните луѓе на Мото ГП одлучија дека спринт трки ќе има заедно со секоја главна трка која е дел од календарот за идната сезона. Се смета дека оваа одлука доаѓа по глобалната анкета на која што своето мислење го дале над 100 илјади следбеници на овој спорт, а во случајот го преземаат овој чекор две години по Формула 1, односно четири години по Светското првенство во Супербајк.

Спринт трките ќе се возат откако во квалификациите ќе бидат определени стартните места и нема да има промена во редоследот на стартот за главната трка. Се очекува наскоро да бидат соопштени детали за ревидираниот формат на гран при викендот, при што се очекува спринт трката да се вози во терминот досега наменет за квалификациите, во сабота со почеток во 15 часот, односно 24 часа пред главната трка. Според првичниот план, времетраењето на спринт трките ќе биде половина од она што е планирано за неделната главна трка и ќе бидат доделени бодови за првите девет возачи (12/9/7/6/5/4/3/2/1), додека за главната трка останува истиот систем на бодување со 15 најдобро пласирани возачи.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.