Светско првенство во МОТО ГП-OБИЧЕН МОДЕЛ ЗА НЕОБИЧНА СЕЗОНА

02/11/2020

ПОВРЕДАТА НА АКТУЕЛНИОТ ШАМПИОН МАРК МАРКЕЗ НА ПРВАТА ТРКА ОД РЕДИЗАЈНИРАНИОТ КАЛЕНДАР ВО 2020 ГОДИНА ОТВОРИ ВРАТА ЗА МНОГУМИНА КОИ НЕ СЕ НАДЕВАА НА УСПЕХ ОВАА ГОДИНА, А ДОПОЛНИТЕЛНОТО ОТСУСТВО НА ВЕТЕРАНОТ ВАЛЕНТИНО РОСИ ПОРАДИ ПОЗИТИВЕН НАОД НА ТЕСТОТ ЗА КОВИД-19, ЕПИЛОГОТ ОД ТРКИТЕ Е УШТЕ ПОИЗНЕНАДУВАЧКИ.

Поради долгогодишната доминација на дуото Маркез и Роси, публиката речиси и не памети кога последен пат имала можност да гледа ваква сезона, во која „вторите виолини“ се најекспонирани и уживаат во своите „пет минути“. Сепак, се чини, може да се извлече заклучок дека ваквите настани следуваат откако еден од најсилните претенденти за титулата ќе се повреди и има потреба од подолго мирување. Така, можеме да се потсетиме дека Хорхе Лоренцо влета во мотоциклистичката елита станувајќи светски првак во 2010 година, односно кога неговиот тимски колега Валентино Роси доживеа тежок пад и фрактура на десната нога на трката во Италија.

Дури и ако се погледнат сезоните од претходно, во 1999 година беше крунисан првиот шпански шампион, Алекс Кривиље, бидејќи таа сезона поради обновена повреда се повлече петкратниот светски првак Мик Дуан. Веќе следната 2000 година се појави Валентино Роси, но не ја започна сезоната од почеток, па така само „внесе неизвесност“ во финишот на годината која ќе биде запамтена по уникатната титула на Кени Робертс Јуниор, син на легендарниот шампион во мотоциклизмот.

Ако се погледне листата на водечките мотоциклисти по извозени 11 трки (онаа првата во Катар се брои иако беше откажана поради појавата на Ковид-19), ќе се заклучи дека првопласираниот Жоан Мир од Сузуки нема ниту една победа, а има најмногу пласмани на пиедесталот, вкупно пет, од кои три за второ место и два за трето. На листата на возачи кои стигнале до победа има осум имиња, а само едно од нив има повеќе од една победа – тоа е Фабио Куартараро од сателитскиот тим Петронас Јамаха. Зад неговото име се впишани три победи, но нема други високи пласмани. Маверик Вињалес и Андреа Довициозо се највисоко пласираните возачи на фабричките екипи Јамаха, односно Дукати, обајцата со по една победа, но и големи осцилации во резултатите, па така петтиот на табелата, Такаки Накагами (исто така, возач без победа и ниеден подиум), својот ранг го должи на тоа што финиширал во бодови на сите десет трки. Само уште еден возач ги комплетирал сите километри во 2020 година, но се наоѓа на 12. место поради помалиот износ на освоени поени – а тоа е Алекс Маркез, братот на светскиот првак Марк Маркез, кој оваа година е дебитант во „кралската класа“.

Втор тренд за кој што може да се зборува во оваа сезона е тоа што постои подем на екипи кои претходно немале значајни резултати. На идентичен начин како во 2000 година, на површина испливува името на тимот од Хамамацу, познат како Сузуки. Водечкиот Жоан Мир е нивен возач, додека Алекс Ринс е за нијанса попрославен поради ланската победа во Тексас, а судбината сакаше токму тој да ја оствари победата на последната трка организирана во Арагон.

Куартараро продолжи со променливите настапи и не успеа да влезе во поени како пласиран на 18. место, иако беше меѓу првите тројца во првиот свиок по стартот. Неговиот тимски колега Франко Морбидели отиде прешироко, по што во водство останаа Куартараро и Маверик Вињалес, за потоа кон дуелот да се приклучи Алекс Маркз. Обратно од возачите на Петронас Јамаха (Морбидели и Куартараро) чии перформанси деторираа, возачите на Сузики (Ринс и Мир) се уфрлија кон водечката група формирајќи водечка група.

Вињалес по трката откри дека користел мека предна гума и тоа му дало перформанси за да се одвои, но веќе во осмиот круг Ринс (кој стартуваше десетти) го достигна и престигна, по што Вињалес полека заостана од групата, а пет круга подоцна беше престигнат од Жоан Мир и Алекс Маркез. Возачот на Хонда три круга подоцна го престигна Мир и стигна до втората позиција, по што успеа да се доближи и до Ринс, но немаше доволно време за комплетен пресврт. Сепак, ова е втор подиум за него во низа, со што конечно возачите на Хонда се најдоа меѓу првите тројца.

Ова е моја прва победа во трка на која што имав водство, на претходните две се борев со Валентино, односно со Марк. Многу е полесно да згрешиш кога си во водство. Од информациските табли дознавав дека Жоан и Алекс ми се приближуваат, но се обидов да останам смирен и да ги зачувам гумите до крајот. Имав мека задна гума и тоа навестуваше дека таа нема да биде константна. Но, успеав! Ова прво место за мене и за Сузуки се навистина добро завршена работа, освоени многу подиуми. Тоа значи дека домашната задача била добро сработена за време на зимските тестирања, а навистина го посакуваа тоа,изјави победникот Ринс.

Мислам дека почнав да разбирам зошто сите велат дека Хонда е тешка за возење. Имено, моторот мора да биде силен на сите фронтови, не е во стилот на Јамаха, која мора да се фокусира на бавните свиоци, или на Дукати, кои работат само на забрзувањето. Со Хонда мора да бидеш силен и кога се во прашање сопирачките, брзината во свиоци, но исто така и во забрзувањето. Сето ова е многу напорно за возачите, бидејќи треба да си цело време на лимит. Ако се олабавиш, губиш секунда по круг, а кај другите конструктори тоа се можеби две десетинки. Тешко е, физички е напорно, но почнав да уживам и полека почнаа нештата да стануваат подобри. Сега секој дел од моторот го разбирам подобро,објасни Алекс Маркез. Виљалес заврши четврти, финиширајќи пред Такаки Накагами и Морбидели, додека Андреа Довициозо напредуваше од 13-то до 7-мо место на крајот. Она што ветува голем дуел е фактот дека на патеката во Арагон се вози и следната трка, но овој пат под името Голема награда на Теруел. Во Јамаха сфативме дека не можеме да ги поправиме слабите страни, но дека добрите страни можеме да ги унапредиме. Ако успеав повторно да стартувам од првото место, да притиснам од почеток и да имам добар ритам,најави Вињалес, кој водеше на првите седум круга.

Иако Мир е водечки на табелата со 121 бод, Сузуки најави дека сè уште е многу рано за воведување тимски правила, со кои Ринс би требало да застане во помош на тимскиот колега. Меѓу првите четворица нема тимски колеги, па така Квартараро со 115 бода всушност како најголем конкурент веројатно го гледа Маверик Вињалес кој е трет со 109 бода. Андреа Довициозо од четвртото место ќе се обиде самостојно да се избори за титулата со Дукати, бидејќи има 106 бода. Следната група од четири возачи од 5 до 8 место е составена од Накагами со 92 бода, Морбидели со 87, Ринс со 85 и Милер со 82 бода.

До крајот има четири трки, претстојната втора трка на Арагон (ГН Теруел), како и три трки во ноември со кои ќе биде спуштена завесата во Мото ГП (две во Валенсија и една во Алгарве, Португалија).

„Докторот“ трпи болки во изолација Валентино Роси потврди дека нема да вози ни на првата, ни на втората трка во Арагон, со што ги загуби сите шанси за нови победи во кариерата. Причината за неговото отсуство е позитивниот тест на Ковид-19. Мислев дека ќе биде исто како за карантинот пролетва, но потешко е! Не сум се видел со никого, а кога гледам на ТВ дека Јамаха има добри перформанси, тоа е како да „дотураш сол на рана“. Особено откако имав добри трки во Барселона и Ле Ман. Сузуки е секогаш подобар во трка и мислам дека Мир сега сфаќа дека има шанса да ја освои титулата. Потешко ми е да го сфатам Дукати. Хонда се чини дека ги реши проблемите со предниот дел и имаат мошне стабилен мотор при забрзување, па затоа ќе бидат опасни во трка! Популарниот „Доктор“ претходно потврди дека останува во Мото ГП и следната година на возраст од 41 година, што предизвика некои негови постари ривали како Кејси Стонер, да се јават со негативни коментари за можностите на Роси во денешните трки.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.