ПРВИТЕ ТРОЈЦА ВОЗАЧИ ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН СЕ ОД КАМПОТ НА ДУКАТИ, НО СИТЕ ВОЗАТ ЗА РАЗЛИЧНИ ЕКИПИ
Минатата сезона беше вистински трилер кога беше во прашање борбата за шампионската титула, за на крајот Франческо Бањаја да стане вториот возач во историјата на спортот кој станал светски првак со Дукати, притоа надополнувајќи предност од речиси 90 поени што неговиот противник (и тогашен актуелен светски првак со Јамаха), Фабио Куартараро, ги имаше на своето конто во средината од сезоната.
Оваа година започна со нови проблесоци на Бањаја, меѓутоа во вториот дел од сезоната својата класа ја покажаа и Марко Бецеки и Хорхе Мартин, обајцата возачи на Дукати од таканаречените сателитски тимови. Бецеки вози за поранешниот светски првак Роси (Теам ВР46), додека Хорхе Мартин е член на Прамак Дукати.
Но, последните трки донесоа неколку лоши пласмани за Бецеки, односно неговата последна победа датира од крајот на септември во Индија. Мартин славеше во Јапонија (пред Бањаја), но потоа имаше два просечни „улови“ (во смисла на освоени поени) во Индонезија и Австралија. Во првиот случај, победи на спринт трката во Индонезија, но падна во главната трка и Франческо „Пеко“ Бањаја со освојување на првото место го задржа приматот. Слично беше (во резултатска смисла) и во вториот случај, каде што во Австралија победи неговиот тимски колега од Прамак, Јохан Зарко, додека Мартин ризикуваше со промена на гумите и заврши како петти додека второто место го освои Бањаја.
Со други зборови, на овие трки најлошо помина Бецеки, па ситуацијата на табелата сега ги фаворизира Бањаја и Мартин. За да биде работата уште позаплеткана, на последната трка во Тајланд, Хорхе Мартин се врати со двојна победа, триумфирајќи во спринт трката и во главната трка, што за него е четврти триумф оваа сезона.
Шпанецот ја имаше пол позицијата, водеше во поголемиот дел од трката, но во еден момент беше престигнат од Бред Биндер со КТМ, за потоа да се врати на врвот. Франческо Бањаја заврши како трет, но беше промовиран на втората позиција поради казна за Биндер во последниот круг кога возел надвор од лимитот на патеката.
Мора да признаам дека веќе чувствувам притисок. Во саботата не се ни израдував на победата во спринт трката, бев фокусиран за главната трка. Имам потешкотии со спиењето, чувствувам потреба да се одморам и да не мислам на трките, барем четири – пет дена. Ментално се чувствувам уништен, изјави Мартин по триумфот во Тајланд.
Истовремено, за последната победа тој посочи дека ја смета за најдобра во неговата кариера, бидејќи доаѓа по две тешки трки и дека излегол посилен од таа ситуација.
Тешките моменти се всушност супер-тешки и навистина е тешко да се подигнеш и да ја вратиш мотивацијата. Но, со сигурност, тие ме направија посилен. Во трката, ја променив сопствената стратегија која досега беше „притискај како ненормален во првите десет круга“, туку се обидов да зачувам некоја десеттинка и да ги штедам гумите. На 12 круга до крајот решив да притиснам повеќе, но кога забележав дека не се одвојувам од другите, си реков „океј, денеска и трето место е добар пласман“. Потоа Брад ме престигна, но ни тој не можеше да се одвои во водство. Увидов дека ги има потрошено гумите повеќе од мене и успеав да го поминам, да возам на максимум за да победам. Неверојатно е, мислам дека ова покажува дека можам да се борам за титулата, рече шпанскиот мотоциклист.
Стјуардите на трката востановија дека притисокот во гумите на неговиот мотор бил понизок од препорачаните, но бидејќи ова е прв таков прекршок за него, изрекоа само опомена.
Медиумите шпекулираат дека Мартин би можел да биде и промовиран како тимски колега на Бањаја во фабричкиот тим на Дукати, откако минатогодишната сензација Ениа Бастијанини имаше лош вовед во оваа сезона, заработувајќи скршеница на клучната коска во првата трка и отсуствувајќи од следните пет. Иако од тимот веќе имаа соопштено дека местото на Бастијанини е сигурно за 2024 година, шпекулациите сега велат дека доколку Мартин стане светски првак, тој ќе го носи „бројот 1“ возејќи за фабричкиот тим. Од опкружувањето на возачот ги демантирале таквите гласини, велејќи дека не преговарале за такво нешто, иако признале дека Хорхе Мартин сонува да биде дел од таа екипа и работи на случајот да го добие седиштето за 2025 и 2026 година.
Во моментов, Бањаја води на табелата со 389 поени, или само 13 повеќе од Мартин кој е на второто место со 376. Марко Бецеки со 310 на третото место ќе мора да направи чудо ако сака да се бори за титулата оваа година, но се чини дека негова поголема грижа ќе биде како да се справи со сè поконкурентниот Бред Биндер, кој со 249 бодови е на четвртото место во генералниот пласман, но освојува трофеи за пласман на подиумот.
Во текот на ноември ќе се возат уште три трки за комплетирање на сезоната, Малезија, Катар и традиционалното финале на патеката „Рикардо Тормо“ како Голема награда на Валенсија.