Светско првенство во МОТО ГП – МАРКЕЗ СТИГНА ДО ТРИУМФ ВО ТРКА БЕЗ РИВАЛИ

26/06/2019

ХОРХЕ ЛОРЕНЦО ОД ТИМОТ НА РЕПСОЛ ХОНДА, НАПРАВИ ПОЧЕТНИЧКА ГРЕШКА НА ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА КАТАЛУЊА И ВО ИСТ МОМЕНТ ЕЛИМИНИРАШЕ ТРОЈЦА РИВАЛИ ПЛУС СЕБЕ СИ, ОСТАВАЈЌИ ГО ТИМСКИОТ КОЛЕГА МАРК МАРКЕЗ ВО СОЛО ТРКА ДА СТИГНЕ ДО ПОБЕДА И ЗГОЛЕМЕНО ВОДСТВО ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН.

 

Откако трката за Големата награда на Италија во Муџело донесе интересен расплет со четири возачи изедначени раме до раме на целната линија, постоеја големи очекувања и од трката во Барселона, но сè пропадна поради една грешка на еден возач.

Во Италија препородениот Дукати со двајца возачи учествуваше во водечката четворка, при што Данило Петручи стигна до победата пред Маркез и тимскиот колега Андреа Довициозо, а на четврто место беше Алекс Ринс, иако само половина секунда зад победникот. Следствено на ова имаше тесна и изедначена позиција во генералниот пласман и борбата за титулата, но веќе на следната трка во судир со Хорхе Лоренцо беа елиминирани Довициозо, Маверик Вињалес и Валентино Роси, па Марк Маркез дојде до лесна победа и од 12 ја зголеми предноста во генералниот пласман на 37 бода.

Лоренцо направи голема грешка во свиокот број десет, почнувајќи престигнувачки маневар со кој сакаше да помине тројца во еден свиок, но на средина од својот обид падна и ги „почисти“ трите главни ривали на Маркез за највисок пласман, па сосема очекувано, тоа му овозможи на актуелниот шампион да направи голема разлика. Маркез заврши убедливо прв со неколку секунди разлика, втор заврши Квартараро кој ја доби битката со Петручи, четврти заврши Алекс Ринс, додека првата петорка ја комплетираше Џек Милер. Ова е прва победа на Маркез во Каталуња по пауза од пет години.

– Единствена среќна околност е тоа што падот на сите возачи мина без последици. Жалам за сите тројца возачи кои беа зафатени во овој инцидент. Станува збор за кривина која е многу незгодна уште од кога е вметната во патеката, секој пилот ја фаќа со своја техника, но многу лесно е да ви избега тркалото. Токму тоа се случи денеска. Многу ми е жал за тројцата, но не можам да сменам ништо. Моето извинување нема ништо да им вреди. Се обидов да имам амбициозно престигнување на тројца возачи, но на крајот сето тоа излезе лошо,- порача Лоренцо. Маверик Вињалес и Валентино Роси, двајцата возачи на Јамаха, беа најогорчени што не можеа да дадат отпор на оваа трка.

– Хорхе треба да дојде и лично да се извини, тој не „почисти“ сите. Нема што јас многу да зборувам, треба да зборуваат одговорните на трката. Дирекцијата вчера ме казни за ненамерен потег за време на квалификациите. Денеска Лоренцо ни ја уништи трката на сите тројца, на Валентино, на мене, а и на Довициозо кој се бори за титулата. На некој начин му го уништи шампионатот на Дови, бидејќи 37 бода се тешки за надокнадување. Мора да се преземат драстични мерки за вакви ситуации, не може да добиете трка во вториот круг. Ова беше аматерска грешка, треба да стартува последен на следната трка во Асен, – порача лутиот Вињалес, а за разлика од него, Роси беше далеку помирен и подипломатски настроен.

– Ова беше вистинска штета, ова беше добар викенд за нас по оној катастрофалниот во Муџело. Бевме брзи, имавме ритам. Мотоциклот на Лоренцо ме удри, ме зафати и добив удар во зглобот. Вакви работи се случуваат на трките, Лоренцо се извини и кажа дека најдобро ќе беше да паднел сам. Оваа кривина е променета, подобро ќе беше да ја вратат старата. Многу лесно може да дојде до ваков епилог во десеттиот свиок во Каталуња, – нагласи Роси. Маркез сега води со 140 бода на првото место во генералниот пласман, по извозени седум трки од 19 во календарот. Довоциозо од Дукати е втор со 103, Ринс од Сузики дојде до 101, а Данило Петручи со 98 е веднаш зад нив. „Докторот“ Роси остана на петтата позиција со 72 бода.

Во пресрет на летната пауза има две трки кои треба да се извозат, онаа во Холандија на легендарната патека Асен на крајот од јуни, како и германското гран при на Заксенринг во првата половина од јули.

НОВА МОТО ГП ТРКА ВО ФИНСКА

Трките од Светското првенство во мотоциклизам наскоро ќе ја имаат и трката за Големата награда на Финска, на патеката која е наречена „Кими Ринг“. Иако името асоцира на популарниот возач од Формула 1, Кими Раиконен, сепак нема никаква допирна точка со него, бидејќи станува збор за областа Кименлааксо, на 110 километри северо-источно од Хелсинки. Организаторите имаат договор за трка уште од 2016 година, но стартот е постојано поместуван поради некомплетирањето на патеката. Сепак, се чини дека градежните работи влегуваат во последна фаза, бидејќи е соопштено дека патеката е конечно асфалтирана. Ова би требало да ја врати Финска на светската мапа како организатор на трка, бидејќи последен настан од овие трки бил организиран во оваа земја пред речиси 40 години. И покрај големиот број шампиони кои произлегле од оваа земја, Финска немала организација на модерна трка од висок ранг, освен рели. Со ова дефинитивно влегуваат во нови води и можен е голем наплив на возачи од оваа земја во иднина, благодарение на интересот што ќе произлезе од новата патека. Засега се знае дека еден круг на „Кими Ринг“ ќе има должина од 4,6 километри. Се очекува тука да се возат и трки од ДТМ и интернационалните првенства на ТЦР (Touring Car Racing).

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.