Светско првенство во Мото ГП-ЛОРЕНЦО ОДИ ВО ПЕНЗИЈА, НАСЛЕДНИКОТ Е ПОЗНАТ

13/01/2020

НА ПОСЛЕДНАТА ТРКА ЗА 2019 ГОДИНА ВО ВАЛЕНСИЈА, ПЕТКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН ХОРХЕ ЛОРЕНЦО ОБЈАВИ ДЕКА СЕ ПОВЛЕКУВА ОД УЧЕСТВО ВО МОТО ГП ШАМПИОНАТОТ, НО УШТЕ ПОБОМБАСТИЧНО ОДЕКНА ВЕСТА ЗА НЕГОВАТА ЗАМЕНА ВО ХОНДА.

 

Веќе по традиција, на патеката „Рикардо Тормо“ во Валенсија речиси две децении се затвора сезоната во мотоциклистичките трки кои се бодуваат за светското првенство.

Како по некое непишано правило, шампионските титули мошне ретко се одлучуваат на последната трка, па откако Марк Маркез ја освои осмата светска титула (шеста во „кралската“ класа“), како најголема сензација од овој гран при викенд одекна веста за предвременото пензионирање на Хорхе Лоренцо. Шпанскиот мотоциклист успеа да се издигне кога по двете титули во пониските класи се префрли во Мото ГП и како тимски колега на Валентино Роси во Јамаха успеа да изгради име, а притоа да освои и дополнителни шампионски титули. Своевремено Јамаха застана зад него и дозволи Роси да замине во Дукати, што тој на најдобар начин го искористи за да ја оправда таа доверба. „Тиквата“ пукна кога тој ја освои третата титула во Мото ГП, благодарение на инцидентот меѓу Маркез и Роси, по што Италијанецот беше казнет, а Лоренцо беше промовиран во светски првак.

Оттогаш, започна неговиот егзодус: најпрвин се раздели од Јамаха, потоа помина две сезони во Дукати, а оваа година излезе на мегдан со Маркез како негов тимски колега во Хонда. Сепак, петкратниот светски шампион имаше ужасна премиерна сезона како член на Репсол Хонда, од едноставна причина што Хорхе веќе нема сили да се бори со честите повреди кои ги заработи во изминатите неколку месеци.

– Има четири или пет најважни дена во кариерата на еден возач. Денот кога дебитирате, првата победа, првиот мундијал (шампионската титула) и денот кога објавувате пензија. За мене дојде тој ден и тука сум за да соопштам дека претстојната трка ќе биде моја последна во Мото ГП, се пензиораним како професионален возач, – изјави Лоренцо со солзи во очите.

Тој даде мало објаснување за својата тешка одлука која ги шокираше навивачите, особено „шпанската армада“ која беше навикната на неговите уникатни прослави на победата со забивање на знаме со неговото лого и ознаката дека тоа е „Лоренцо ленд“.

– Кога потпишав за Хонда, прифатив голем предизвик и имав огромен мотив. Но, од самиот старт, за жал не бев во добра физичка подготвеност за да бидам брз и компетитивен. Падот на Монтмело беше тежок, а две недели подоцна кога паднав во Асен, имав тешки последици. Кога бев на земјата и кога станав, се запрашав „Хорхе вреди ли сето ова после сè што направи“? Тогаш почнав да размислувам за пензија, – откри Лоренцо кој со своите зборови ги изненади и своите колеги.

И покрај тоа што има само 32 години, а неговото патешествие сигурно ќе се памети по петте освоени титули во сите категории, односно трите највредни во Мото ГП кои го направија еден од најдобрите возачи во историјата на Шпанија. Најдобар пласман на Хорхе Лоренцо оваа сезона е 11-та позиција, па токму тоа го натера да се повлече од мотоциклизмот иако има уште три години од договорот со Репсол Хонда. Еден ден по завршувањето на сезоната во Мото ГП, Репсол Хонда излезе со официјално и бомбастично соопштение до сите големи љубители на мотоциклизмот, објавувајќи дека наредната сезона боите на овој јапонски великан во мотоциклизмот ќе ги бранат браќата Маркез.

Марк Маркез со победа на најдобар можен начин ја заокружи перфектната сезона во која ја освои шестата титула во Мото ГП, но откако Лоренцо одлучи предвремено да се пензионира, негов нов тимски колега наредната сезона ќе биде всушност неговиот помал брат, Алекс Маркез. Алекс ја освои титулата во Мото 2 шампионатот оваа сезона, по што Хонда одлучи да направи братска спојка за 2020 година.

– Хонда Корпорацијата со задоволство го соопштува ангажманот на двократниот светски шампион Алекс Маркез. Младиот шпански возач му се приклучува на Хонда тимот на едногодишен договор, – гласи соопштението на Хонда кое всушност ни донесе и историја.

Фактот што Марк и Алекс ќе бидат во ист тим во следната натпреварувачка сезона е уникатно сценарио, бидејќи никогаш претходно двајца не биле дел од ист тим во „кралската класа“.

Со победата во Валенсија Марк Маркез ја прокнижи својата 12-та победа во сезоната во која имаше дури 18 подиуми. Овие бројки доволно говорат за доминацијата на старо-новиот светски шампион во Мото ГП, кој повторно беше подобар од Квартараро во директниот дуел за првото место.

Покрај младиот Фабио, подиумот го комплетираше Џек Милер кој беше одличен и на квалификациите, а меѓу првите десет уште се најдоа Довициозо, Ринс, Вињалес, Мир, Роси, Алеиш Еспаргаро и Пол Еспаргаро. Лоренцо својата последна трка во кариерата ја заврши како 13-то пласиран, позиција која само докажува дека петкратниот шампион е далеку од својата најдобра форма, поради што и одлучи да ја заврши својата богата и трофејна кариера.

Новата сезона почнува со трката за Големата награда на Катар закажана за 8 март 2020 година.

РОСИ АНАЛИЗИРАШЕ КАКО ОСТАНАЛ БЕЗ ТРИ ТИТУЛИ!
Лоренцо е во Светскиот шампионат на мотоциклизмот уште од 2002 година кога започна во категоријата до 125 кубици, за потоа да премине на 250 кубици кога во 2006 и 2007 беше светски шампион. Најголемите успеси во Мото ГП ги оствари возејќи за Јамаха со која освои три шампионски титули во 2010, 2012 и 2015 година.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.