ИАКО НАВИДУМ „НОРМАЛНА“ СЕЗОНА (СПОРЕДБЕНО СО 2020 И 2021) КОИ БЕА ОПТОВАРЕНИ ОД СВЕТСКАТА ПАНДЕМИЈА НА КОВИД-19, СЕПАК БРОЈОТ НА ВИДЕНИТЕ ЧУДА ВО 2022 ГОДИНА, ПРАВАТ ОВАА СЕЗОНА ДА БИДЕ ВО НАЈМАЛА РАКА – НАДРЕАЛНА!
Последната трка возена на автодромот „Рикардо Тормо“ во Валенсија го официјализираше крајот на сезоната од светското првенство во мотоциклизам, но дури и последната трка не беше ништо „понормална“ од и онака „ненормалната“ сезона. Во сенка на борбата за титулата меѓу Франческо „Пеко“ Бањаја од Дукати и Фабио Куартараро од Јамаха, победата ја однесе возачот на Сузуки, Алекс Ринс! Тој имаше неверојатен старт од петтото до првото место и ја поведе трката од првиот свиок, па сè до финишот по 27 круга. Тоа е негова втора победа оваа сезона, но за жал нема да ја смени одлуката на јапонскиот конструктор да се повлече од Мото ГП (иако го продолжи договорот со организаторите на пет години, а исполни само една).
Одлично е да се заврши сезоната на ваков начин. Сузуки си заминува и не можев да направам нешто подобро од ова. Од почеток до крај сè одеше добро, но имав тешкотии со кои морав да се справам. Најсилни беа емоциите од овој викенд, кои што морав да ги тргнам на страна. Мошне важни беа квалификациите, а успеав да стигнам до петтото место. Ми беше тешко да се сконцентрирам, ми потекоа солзи додека бев на стартот со моите механичари. Сите емоции едноставно излегоа од мене. Морав да позборувам самиот со себе и да си кажам дека имам трка за возење. Потоа дојде одличниот старт, бев прв по првиот свиок. Хорхе Мартин беше мошне брз, а на крајот, исто така, опасен беше и Бред Биндер. Не смеев да направам грешки, морав да возам по мојата линија и да ги чувам гумите. Покажавме дека е можно да се победи со Сузуки. Нивната одлука за повлекување беше донесена уште на четвртата трка од сезоната и јас дадов сè од себе, а на крајот тоа успеа, рече Ринс.
Франческо Бањаја е првиот возач во седумдецениската историја на мото трките кој успеал да стигне до светската титула откако претходно имал дефицит од 91 поен во однос на водечкиот во шампионатот. Зборувајќи откако создаде историја и стана вториот мотоциклист што успеал да освои титула со Дукати, по Кејси Стонер во 2008 година, популарниот „Пеко“ изјави дека верувал во ваквиот расплет, а единствен момент кога се посомневал во можниот хепиенд дошол по излетувањето на германското гран при.
Ја изгубив вербата за некои 30 до 60 минути по трката на Заксенринг. Но потоа осознав дека сè уште имам шанса да бидам светски првак. Работата која ја завршивме оваа година е неверојатна, нашата изведба во вториот дел од сезоната беше фантастична. Се обидовме да анализираме: што треба да подобриме, зошто јас излетувам, зошто правам толку многу грешки и по таа трка дојде моментот кога го направивме ова неверојатно дело. Најтешкиот момент дефинитивно беше на Заксенринг, затоа што бев конкурентен. Исто како и на трката во Ле Ман, кога имав шанса да победам, но излетав. Тоа ми ги отвори очите дека имам многу подеми и падови, дека ја немам конзистентноста иако имам доволно брзина. Не беше лесно да се прифати тоа. Од тој момент натаму и јас признав дека имам проблем и се обидов да се подобрам себеси, вели новиот светски првак.
Куартараро мораше да победи за да може да се надева на пресврт (доколку неговиот ривал не освоеше бодови во таква ситуација), но појасни дека и самиот тој имал проблеми со пневматиците, кои се покажале премногу меки за топлото ноемвриско време во Валенсија. Не жалам бидејќи дадов сто отсто од себе и кога ќе ја загубите титулата на крајот, секогаш мора да најдете нешто позитивно, иако во моментот 99 проценти е негативно. Тие еден проценти позитива се во следните четири месеци, колку што треба да чекам до следната трка. Ќе ја искористам лутината за да тренирам уште понапорно и да се подготвам подобро за 2023 година. На крајот од трката ме совладаа емоциите. Јас сум борец, победник и сакам да бидам на прво место. Следните петнаесет минути по крајот на трката ми беа тешки. Но и тоа се случува, треба да го затвориме тоа поглавје и да отвориме ново со тестирањата што следат. Со нетрпение очекувам да го направам тоа, оптимистички најави шампионот од 2021 година.
Откажувањето од последната трка во Валенсија беше прво во цела сезона за Алеш Еспаргаро, кој оваа година ја оствари својата премиерна победа во мото ГП, која воедно беше и прв подвиг за Априлија во најсилната категорија. За жал, неговата најуспешна година во кариерата беше повлијаена од лошиот финиш и тој го загуби третото место на табелата.
„КУАРТАРАРО НАПРАВИ НЕШТО НЕВЕРОЈАТНО“!
Иако кампањата за одбрана на тронот не беше успешна, Фабио Куартараро доби комплименти од ветеранот Кал Крачлоу, кој на почетокот од сезоната тестираше за Јамаха, а потоа и настапуваше за истиот тим. Крачлоу посочи дека Куартараро е единствениот возач на Јамаха што освои подиум во 2022 година, а воедно освои 248 бода додека четворицата останати мотоциклисти со истиот мотор (Морбидели, Довициозо, Крачлоу и Биндер) заедно освоија само 79 поени. Не сакам да го кажам ова затоа што возам заедно со него или поради нешто слично. Но, знам со што располага и тој е најдобриот возач во моментот, бидејќи никој од останатите не може да го направи тоа што тој го прави со овој мотор. Тоа е едноставен факт. Не сакам да му одземам ништо на Пеко, бидејќи тој извози фантастично првенство, заврши одлична работа, а подеднакво добар беше и Дукати. И Бањаја е одличен возач. Не сакам да кажам дека Фабио е подобар од него, туку го изразувам моето мислење дека Фабио направи нешто многу, многу добро, а тоа што го направи е навистина тешко. Искрено, самата помисла да освојам поени со тој мотор е тешка. Затоа она што тој го направи е неверојатно и треба да се потрудиме да го средиме моторот за следната година, изјави искусниот Крачлоу. |
Крајот на сезоната беше мошне разочарувачки за мене. Дадов сè од себе, за мене беше сон да се натпреварувам дури и за третото место во првенството. Ноќта пред трката не можев да спијам од возбуда, знаев дека имам добри шанси бидејќи бев побрз од Енеа, па ги ценев моите шанси како солидни и покрај лошите резултати од последните трки. Но, моторот откажа и јас морав да се повлечам. Не знам што точно се случи, но го чувствувам сето ова како најлош ден во мојата спортска кариера, без сомнение! За мене, гледајќи го постигнатото ниво во првенството, гледајќи колку е тешко да се оствари пласман меѓу првите десет, финишот меѓу првите тројца беше како сон. Не ја знам причината зошто откажа моторот, но тоа ќе смени многу малку во моите чувства овој момент. Горд сум на она што го постигнавме оваа година и колку се подобривме. Лани никој не веруваше дека би можел да бидам на подиумот, а јас го направив тоа. Не верувам дека кој било очекуваше дека можам да победам, или да освојам пол позиција, па дури и да се борам за титулата во одреден момент. Горд сум и на себе за она што го прикажав во текот на сезоната, го дадов максимумот и не направив грешки, што е тешко во сезона која има дваесет и една трка. Никогаш не излетав, никогаш не се судрив. Понекогаш едноставно нема што повеќе да се направи!
Првите тестирања за 2023 година се случија еден ден по трката во Валенсија, а до почетокот на сезоната ќе има уште неколку. Првата трка е закажана на 26 март во Португалија.