ФРАНЧЕСКО „ПЕКО“ БАЊАЈА ДВЕ ГОДИНИ ОСВОЈУВАШЕ ТИТУЛИ БЛАГОДАРЕНИЕ НА ЅВЕЗДЕНИ ПЕРФОРМАНСИ ВО ВТОРИОТ ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА, ПРИ ШТО ЕДНАШ ГО ПОБЕДИ ФАБИО КУАРТАРАРО СО ЈАМАХА, А ПОТОА И ХОРХЕ МАРТИН НА „САТЕЛИТСКОТО“ ДУКАТИ. ОВАА ГОДИНА, МАРТИН ВЛЕГУВА ВО ПОСЛЕДНАТА ТРКА КАКО ВОДЕЧКИ ВО ГЕНЕРАЛНИОТ ПЛАСМАН
Прекуокеанската „турнеја“ на светското мотоциклистичко првенство беше составена од пет трки на Далечниот исток (Индонезија, Јапонија, Австралија, Тајланд, Малезија), но речиси на сите се покажа дека Бањаја и Мартин се неприкосновени и најчесто за нив се резервирани две места на пиедесталот. Повремените вклучувања на другите возачи како Марк Маркез, Енија Бастијанини и Педро Акоста беа без континуитет, а најголемата разлика во корист на Мартин е фактот што Бањаја не финишираше во сите. Така, на последното гран при во Малезија, тој падна во спринт трката, а Хорхе Мартин успеа да победи и да стигне до нови 12 бода, а во главната трка Бањаја победи пред Мартин и со тоа неутрализираше пет поени (25 за прво место, 20 за второ). – Мора да најдам начин да ги подобрам моите перформанси во саботните спринт трки. Потребно е да разберам зошто потфрлам толку во нив и да поработам на тоа. Во неделните трки имам високо ниво, но спринтот е тој кој што ја прави разликата, гласи анализата на „Пеко.
Парадоксално, за Бањаја ова ќе биде веројатно најуспешна сезона во кариерата, гледајќи низ призмата на освоените победи и бодови, но сепак може да значи и губење на шампионскиот статус поради конзистентноста на неговиот ривал. Франческо има 10 победи и вкупно 15 пласмани на подиумот во 19 главни трки возени досега. Во нив италијанскиот мотоциклист освоил 345 од своето салдо кое брои вкупно 461 поен. Тоа укажува дека Хорхе Мартин во саботните трки го надминал актуелниот шампион, освојувајќи 164 бода наспроти неговите 116, односно направил разлика од 48 поени. Последната трка ќе го даде конечниот одговор за шампионот во 2024 година, при што Хорхе Мартин води на табелата пред Франческо Бањаја со 24 бода предност.
Математички, борбата за титулата е сè уште отворена. Знаеме дека ќе биде многу тешко, но на патеката во Барселона може сешто да се случи. Вообичаено, тоа е патека каде што јас имам добри настапи, но мора да се биде многу внимателен бидејќи таму непрецизностите лесно стануваат грешки. Во спринт трката оваа година паднав во петтиот круг иако бев во водство со предност од цела секунда и се обидував да избегнам проблеми. Временските услови ќе бидат потешки отколку што беа во средината на сезоната, а особено зафркнати ќе бидат вториот и петтиот свиок. Суштествено ќе биде да се биде во добра натпреварувачка форма, но да се зачува присебноста. Исто така, потребно е и другите возачи да го дадат својот максимум, бидејќи ако јас победам а Хорхе е втор, тоа нема да биде доволно. Потребно е да има уште некој меѓу мене и Хорхе. Очекувам Алеш Еспаргаро да му биде поддршка на Хорхе во текот на викендот, изјави Бањаја.
Околу организацијата на последната трка постоеја различни опции: финалето на сезоната по правило беше планирано да се одржи на патеката „Рикардо Тормо“ во Валенсија, како што е традиција веќе многу години. Опустошувањето предизвикано од големите поплави ги принуди властите да го откажат настанот на само две недели пред датумот на одржување. Додека едни повикуваа карванот да го прогласи Мартин за нов шампион и да ја заборави планираната трка во Валенсија, други предложија да се остане во Малезија и да се организира таму уште една трка.
Откако ги евалуираа сите можни сценарија, промотерите на првенството заклучија дека најдобра опција е да го преселат настанот во Барселона, а таквата одлука била донесена во соработка со властите од Валенсија и Каталонија. Наводно, предност и е дадена на оваа опција со тоа што ќе биде насловена како Гран при на солидарноста, а дел од приходите ќе бидат наменети за настраданите во Валенсија. Оние кои што претходно купиле билети за трката во Валенсија нема да можат по автоматизам да присуствуваат на трката во Барселона, туку мораат да побараат рефундирање на средствата доколку не сакаат нивниот билет да биде пренаменет за 2025 година, но повторно за трката во Валенсија.
Теоријата вели дека на последниот гран при викенд возможно е да се освојат максимум 37 бода, односно 12 за победа во спринт трката и 25 за победа во главната трка. Хорхе Мартин може да стане шампион уште на саботната спринт трка доколку е подобро пласиран од Бањаја, односно ако освои два бода повеќе. Сепак, поранешниот двократен шампион, кој во 2008 година беше и светски првак со Дукати, Кејси Стонер, предупреди на можни малверзации.
Сметам дека Хорхе ја заслужува титулата и тој е во добра позиција за на крајот да ја освои. Од друга страна, Пеко ќе направи сè што може за да го задржи бројот 1 во Дукати. Се надевам дека сè ќе помине беспрекорно затоа што потенцијално може да има голем хаос. Ја познавам компанијата и знам што се подготвени да направат за победа. Изненаден сум што не го видов тоа порано, можеби се случило, но Хорхе добро се снашол. Но сите ги набљудуваат внимателно, ако направат грешка, тоа ќе биде пронајдено. Ако создадат проблем, ќе се соочат со последиците. Хорхе покажа за што е способен и дека постојано се подобрува. Навистина заслужи да ја освои титулата. Тоа што ќе го загубат следната година е тежок удар за Дукати, но уште потежок за Хорхе кој толку години беше лојален и вложи натчовечки напори за да се бори против фабричкиот тим и да освојува победи, а тие не го зедоа кај себе. Мислам дека не е фер, но така работи Дукати и затоа загубија многу возачи. Мораш да го оставиш најдобриот мотор, но не се тркаш само за пари, се тркаш и за страст и за забава. А кога луѓето ќе ти го свртат грбот толку лесно, ќе ја побараш својата мотивација одејќи во друг тим, гласи мислењето на Стонер.
Иако во финалето ќе влезе како фаворит, Хорхе Мартин во својата изјава уште еднаш потенцираше дека сателитскиот тим Прамак Дукати е мала екипа со лимитирани можности.
Франческо е во поинаква ситуација, вози во Мото ГП веќе 6 години и сега е во фабрички тим, едноставно има сè на располагање и е подготвен за победи. Јас имам тим од дванаесет луѓе кој што се бори против целиот свет и навистина не можам да барам повеќе од нив кога знам дека годинава сме победиле на три главни трки, седум спринт трки и имаме вкупно триесет пласмани на подиумот. Овој успех не е поради мене, туку поради моите луѓе, мојата околина, сите оние што ми помагаат. Сакам да постигнам нешто за нив и тоа е она што ме исполнува и ме возбудува, порача претендентот за светскиот трон, Хорхе Мартин.
На табелата, Мартин води со 485 бода, пред Бањаја со 461, по што следуваат изедначените Маркез и Бастијанини со 369:368 бода, а зад нив има уште еден дуел Акоста и Биндер со 209:206 бодови.