СО ЗАМИНУВАЊЕТО НА ВАЛЕНТИЕ НОВАТА ИКОНА НА ЈАМАХА НО РОСИ ОД ФАБРИЧКИОТ ТИМ, ЈАМАХА ПОД СВОЈА ЗАКРИЛА ГО СТАВИ ФАБИО КУАРТАРАРО, КОЈ СЕ ПОКАЖУВА КАКО ОДЛИЧЕН ВОЗАЧ ВО ОФИЦИЈАЛНИОТ ТИМ, ИАКО МАВЕРИК ВИЊАЛЕС ИМА НЕКОЛКУ ПАТИ ПОДОЛГ СТАЖ ОД НЕГОВИОТ.
Французинот кој го има стартниот број 20 на својот мотоцикл е единствен кој во континуитет ги спречува возачите на Дукати да доминираат во првенството. Куартараро беше главна ѕвезда на домашната трка, но тоа што беше недопирлив на италијанското гран при во Муџело, не му ја возврати радоста. Имено, тој таа победа со голема жал и со солзи во очите му ја посвети на младиот Џејсон Дупаскје. Младиот Швајцарец кој се натпреваруваше во најниската класа Мото 3 им подлегна на повредите откако ден претходно судбината му изрежира ужасен пад на квалификациите, па поради трагичната вест, резултатот од трката за Големата награда во Италија остана во втор план. Фабио Куартараро беше навистина емотивен и пред и по крајот на трката, а додека даваше изјава како победник на трката, откри дека во секој круг кога го минувал свиокот 9, во мислите му бил Џејсон кој животот го загуби токму на тој дел од патеката.
Возачот на Јамаха извозе беспрекорно спектакуларно и стигна до својата трета победа од стартот на сезоната, па сега дополнително ја зголеми предноста во генералниот пласман, каде полека се издвојува како прв фаворит за титулата во „кралската класа“. Втор заврши Португалецот Оливеира кој фантастично напредуваше во текот на трката, додека на подиумот уште се најде Жоан Мир, бранител на титулата од 2020 година.
Жоан Зарко беше четврти откако во финишот беше престигнат од Оливеира, Мир и Ринс, но притоа овој последниот падна и не ја заврши трката. Биндер, Милер, Еспаргаро и Вињалес беа распоредени од петтото до осмото место, а Петручи и Валентино Роси ги комплетираа првите десет места. Трката не ја заврши Марк Маркез кој и дефинитивно има големи проблеми по враќањето на патеката, а овој пат падна во вториот круг.
На следната трка возена за Големата награда на Каталонија, Куартараро беше во позиција да се бори за место на пиедесталот, но се случи мошне редок и бизарен момент, поради кој тој беше казнет. Имено, лидерот во генералниот пласман на три круга пред крајот го откопча комбинезонот и го исфрли штитникот за гради, возејќи полуразголен во тие три круга, иако редовно постигнуваше и брзини од 300 километри на час. Французинот беше минат од сонародникот Жоан Зарко кој финишираше втор, а пласманот на Куартараро остана мистерија. Првично, поради казната од три секунди која ја доби, тој го загуби третото место и беше класифициран како четврти – зад ривалот Џек Милер од Дукати. Подоцна беше појаснето дека таа казна е поради излегување од патеката, а му беа доделени уште три секунди за исфрлањето на штитникот среде трка, па беше класифициран како шести, пропуштајќи ги пред себе Мир и Вињалес.
Победник на трката во Каталонија беше фантастичниот Мигел Оливеира кој претходно веќе имаше еден триумф на трката во Португалија. Нов разочарувачки викенд имаа Марк Маркез и Валентино Роси, бидејќи и двајцата не ја завршија трката и со пад на асфалтот останаа без пласман и без бодови.
– Пробав да победам, но не се оптоварував со тоа. Свесен сум за потенцијалот на Дукати, но како нешто да ни недостигаше. Мислам дека ако трката траеше еден круг повеќе ќе го престигнев Оливеира, но предвидени беа 24 рунди,- изјави Зарко, кој вози за сателитскиот тим „Прамак Дукати“.
Со ваквиот епилог, Квартараро сега има предност како лидер во генералниот пласман, со 14 поени преднос во однос на Зарко.
На 20 и 27 јуни се возат трките во Германија и Холандија, по што следи цел месец пауза. Шампионатот се рестартира во август со две трки едно по друго во Австрија, на 8 август и 15 август.