ПРОДОЛЖУВАЊЕТО НА МОТОЦИКЛИСТИЧКАТА СЕЗОНА ВО ТЕКСАС ДОНЕСЕ ТЕЖОК ВИКЕНД ЗА АКТУЕЛНИТЕ ШАМПИОНИ, НО ВРАЌАЊЕТО ВО ЕВРОПА ПОКАЖА ДЕКА НЕ ТРЕБА ДА СЕ ОТПИШАТ
Откако е изградена патеката крај Остин во Тексас, таа е домаќин на американското гран при по претходните искуства со Лагуна Сека и Индијанаполис. Речиси истовремено со нејзината појава, дојде и подемот на Марк Маркез, кој оттогаш нанижа многу победи и шампионски титули. Тој е неприкосновен „владетел“ од 2013 година, со исклучок во 2019 година кога славеше Алекс Ринс (а во 2020 година трката беше откажана поради неможноста да се патува среде пандемијата од Ковид-19).
Затоа, веста дека Маркез ќе се појави во Тексас ги освои медиумските наслови, поради неговиот оправдан изостанок на трката во Аргентина, што се должеше на страотниот пад во Индонезија. Тој не криеше дека одлуката да настапи на американското гран при ја донел самиот.
Им кажав на луѓето во тимот дека сум дојден тука да се натпреварувам, а не само да свртам неколку круга. Се разбира, ако мојот вид не е добар, нема да можам да возам брзо. Затоа им реков „не ме прашувајте за видот, ако имам проблеми ќе ви кажам самиот“. За да бидеш конкурентен треба да си концентриран на нештата поврзани со составување на мотоциклот, рече Маркез.
Шпанецот се квалификуваше деветти, што е негов најслаб пласман во стартниот поредок на патеката во Тексас. Според неговите зборови, самиот не си верувал во текот на квалификациската сесија иако смета дека подготовките ги одработил навистина добро. За да бидат неговите тешкотии уште поголеми, тој пријави дека имал технички проблем на стартот од трката, кога „подивела“ електроника та на неговиот мотор. Проблемот со кој се соочил бил присутен во текот на целата трка, но тој успеал да го контролира и да си ја врати самодовербата со освојување на шестото место.
Таквата ситуација им „отвори врата“ на останатите да покажат што умеат, но повеќемина од фаворитите, исто така, имаа проблематичен викенд во Тексас. Шампионот Фабио Квартараро имаше пад во квалификациите и мораше да стартува од шесто место. Во петорката пред него сите беа на Дукати, а тој факт повеќе од доволно кажува дека нивниот мотор бил најсоодветен за оваа патека. Пол позицијата беше кај Хорхе Мартин, со Бањаја и Милер од фабричкиот тим веднаш пред Зарко и Бастијанини. Сепак, во трката капацитет за победа покажаа само двајца: Милер и Бастијанини. Возачот на фабричкиот Дукати иако долго време беше во водство, на крајот потклекна под нападите на Енеа Бастијанини, кој е дел од сателитскиот тим Гресини Дукати. Со ова, Бастијанини во четвртата трка сезонава стигна до втората победа и се врати на врвот од табелата.
Возачкиот стил на Енеа е мошне сличен со оној на Андреа Довициозо. Обајцата во својот возачки пристап се потпираат на сопирачките и ја користат предната гума до максимум. Поради таквото претходно искуство за мене е полесно да разберам што се бара да направам на мотоциклот. Нивна најголема разлика е тоа како излегуваат од свиоците: Енеа се задржува на лимитот, додека Довициозо беше понекогаш премногу агресивен. Резултатите од почетокот на сезоната му помогнаа на Енеа да се подобри и да почне да работи на себе. Тој навистина направи голем чекор и е многу поприсебен и поаналитичен. Порано Енеа повеќе се потпираше на чувствата и знаеше тоа добро да го објасни, додека Довициозо отсекогаш бил многу поаналитички настроен и се измачуваше со премногу размислувања за сите аспекти, раскажал инженерот Џирибуола во интервју за британскиот „Аутоспорт“.
Со враќањето во Европа се смени и среќата на главните протагонисти, па така Бастијанини, кој славеше на трките во Катар и САД имаше незгоден пад во квалификациите за португалското гран при. Откако во Тексас актуелниот светски шампион Фабио Куартараро рече дека Јамаха не е подготвена да се бори за подиумот, на патеката Агарве во Портимао мораше самиот да се демантира, откако претходно рече дека во Тексас морал да се вложи 100 проценти иако бил во дуел за шесто или седмо место.
Оваа патека е „фифти-фифти“, но следните две во Шпанија и Франција се навистина значајни за нас. Не ни е дозволено да направиме грешка. Ако сакаме да се бориме за титулата, нема простор за грешки. Мора да се биде на подиум бидејќи без тоа ќе биде невозможно да се има добра позиција во финишот на сезоната, рече Куартараро, кој ургираше преку медиумите Јамаха да направи сериозни надградби на конструкцијата.
Во квалификациите Куартараро беше на петтото место, додека Јохан Зарко со сателитското Дукати ја освои пол позицијата пред Жоан Мир со Сузуки и Алеш Еспаргаро со Априлија. Малерозниот Франческо Бањаја имаше лош пад во кој го повреди рамото, па се мачеше да го заврши гран при викендот. Веднаш по стартот Жоан Мир го презема водството, а Куартараро успеа да го достигне и престигне веќе во четвртиот круг, по што непопречен од другите славеше изненадувачки доминантна победа. Веднаш по трката тој потсети дека неговата последна победа била минатата сезона, па затоа повторно го почувствувал задоволството дека има специјална мисија.
Во основа, никогаш не сум рекол дека моторот не работи. Моторот работи на начин така што кога не работи тогаш не сме во позиција да се бориме за победи. Точно е дека ни недостига висока крајна брзина, но на оваа патека не се чувствував лошо бидејќи имав супер брз излез од последниот свиок. Клучен за мене беше токму последниот сектор, но во суштина ништо не е сменето со моторот, рече Куартараро.
Овој резултат воедно беше и поттик Јамаха да признае преку медиумите дека му нуди нов договор на Куартараро и дека очекува тој да остане во тимот, но конечната верзија на нивниот договор за иднината ќе биде позната дури во јуни. Истовремено, Андреа Довициозо објави дека тешката ситуација со моторот на Јамаха во неговиот случај резултирала со извинување од страна на тимот.
Овој мотор не е лош, ги има истите позитивни нешта како пред десет години кога првпат го возев, но лошите страни сега му се уште полоши. Тоа е затоа што конкурентите работеле на своите конструкции и станале многу поконкурентни. Токму затоа го имаме овој микс, па дури и Фaбио којшто лани стана шампион, оваа година се мачи, објасни Довициозо. На крилјата на успехот, Јамаха се соочи со трката во Шпанија што беше најавена како една од оние што се многу важни за нивната кампања и повторно констатираше дека конкуренцподобар мотор во Херез. Овој пат, Франческо Бањаја блесна во квалификациите и речиси за половина секунда го остави зад себе Фабио Куартараро, изјавувајќи потоа дека извозел еден од најдобрите кругови во кариерата. Дека резултатот не бил случаен потврди и ривалот од Јамаха, откако Бањаја доминираше во трката од почеток до крај и покажа дека бил недостижен.
Бев загрижен утринава бидејќи настапив на утринското загревање без да користам средство за ублажување на болката во повреденото рамо. Докторите од мобилната клиника ми помогнаа, но сепак на крајот ми беше тешко. Освен во последниот свиок, сите точки за сопирање се од десна страна. Особено шестиот свиок ми беше тежок бидејќи се чувствував како некој да ми става товар на рамото, а тоа ми предизвикуваше болка. Би сакал да продолжам на овој начин, а не да губам поени, изјави Бањаја.
Италијанецот кој веќе има договор со Дукати и за следните две години рече дека во меѓувреме го паузирале развојот на моторот и оставиле простор тој да биде адаптиран според него. Медиумите тоа го толкуваа како сигурен знак дека неговиот тимски колега Џек Милер ќе замине од тимот, но најверојатно ќе го замени седиштето со друг возач на Дукати, па се шпекулира дека тоа би можеле да бидат младите надежи, Енеа Бастијанини или Хорхе Мартин.
Куартараро во меѓувреме со второто место се одржа на врвот на табелата и со 89 бода има мала предност во однос на Еспаргаро, кој со пласманот на третото место се надоврза на претходниот подиум во Португалија и победата во Аргентина. Разликата е само 7 бода, по што следуваат Бастијанини и Ринс со 69, а Бањаја и Зарко имаат по 56.
Профилирањето на шампионските кандидати ќе биде процес што најдобро ќе се оценува пред летната пауза, а до неа има уште шест трки – или точно толку колку што се извозени досега. Затоа и треба да се сочека, бидејќи претстојат трки на најдобро познатите патеки за сите: Ле Ман, Муџело, Барселона.
СУЗУКИ СЕ ПОВЛЕКУВА НА КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА?
Откако во 2020 година Сузуки повторно стана светски шампион со Жоан Мир, се очекуваше јапонската фабрика да направи многу поголем исчекор и се обврзе на подолг рок во светското мотоциклистичко првенство. Наспроти тоа, медиумите шпекулираат дека Сузуки на крајот од сезоната ќе го повлече својот фабрички тим, но во опција им е да задржат барем еден од сегашните двајца возачи и да му понудат седиште во извесен „сателитски“ тим за следната сезона. Ваквиот расплет зачудува бидејќи најверојатно Жоан Мир ќе се збогува со тимот и ќе прејде во Хонда, а поради некоја причина одлуката за продолжување на соработката ќе значи уште една сезона за Алекс Ринс. Реагираше и промотерот на светското првенство во мотоциклизам, кој во своето соопштение за ваквата шпекулација отсечно укажа дека Сузуки има валиден договор за настап во Мото ГП до крајот на 2026 година.
Ние го контактиравме Сузуки за да го потсетиме на неговиот договор и на тоа дека тие не можат да донесат таква одлука еднострано. Доколку фабриката одлучи сепак да дојде до раскин на договорот, ние ќе одлучиме кој е идеалниот број на возачи и тимови за следните сезони, се вели во соопштението.
|