Светско првенство во МОТО ГП-ДВЕ ПОБЕДИ НА ЈАМАХА, НО ДУКАТИ Е ЛИДЕР

05/05/2021

МАВЕРИК ВИЊАЛЕС И ФАБИО КУАРТАРАРО ОД ФАБРИЧКИОТ ТИМ НА ЈАМАХА ОСВОИЈА ПО ЕДНА ПОБЕДА НА ОТВОРАЊЕТО НА СЕЗОНАТА ОД МОТОЦИКЛИСТИЧКИОТ МОНДИЈАЛ.

Трката за Големата награда на Катар од 2004 година се вози како дел од календарот на Мото ГП, а од 2008 година стана првиот брзински спектакл што се одржа под рефлектори. Оваа година поради откажувањето на трките во Аргентина и Тексас, за првпат се возеа две трки, едната како ГН Катар, а другата како ГН Доха.

Претсезонските тестирања укажаа дека Јамаха и Дукати имаат добри шанси за успех на оваа патека, а тоа се потврди и во двата случаи. Двете победи завршија во таборот на фабричката екипа на Јамаха, но во двата случаи возачи на Дукати беа на пол позицијата и беа рамноправни противници. Имајќи предвид дека во првата трка разликата меѓу победничката тројка (која речиси во иста секунда мина низ целта) и 12-пласираниот Валентино Роси беше нешто над 10 секунди, јасно укажува дека не може да се говори за доминација, па така нијанси одлучуваа за конечниот пласман.

Франческо Бањаја и Џек Милер ги заменија Довициозо и Петручи фабричкиот тим на Дукати, а беа тимски колеги и лани, возејќи за сателитскиот тим Прамак Дукати. Бањаја дебитираше со пол позиција во првиот старт, со време од 1:52.772, но одговорот на Јамаха следеше во трка кога Вињалес имаше најбрз круг од 1:54.624.

На крајот, Вињалес ја мина целната линија со една секунда предност во однос на тројцата возачи зад него: Зарко, Бањаја и актуелниот шампион Жоан Мир, додека тимскиот колега од Јамаха беше четврти со 3 секунди задоцнување, а за две десетинки пред Алекс Ринс со Сузуки.

Стартот на втората трка донесе сензација, исфрлувајќи го Хорхе Мартин во водство,додека победникот од првата трка Вињалес падна на деветтото место, заедно со тимскиот колега Фабио Квартараро. Французинот успеа да се рехабилитира од случката на стартот и по седумнаесет круга го презеде водството од Мартин, иако претходно имаше повеќе тешки дуели, вклучувајќи го и оној со Жоан Мир, кога беше престигнат од светскиот првак во борба за шестото место. Специјален печат на целиот настан му даде фактот дека тоа беше прва „еден-два“ победа за француски мотоциклисти по пауза од шеесет и седум години. Последен пат вакво нешто се случило во далечната 1954 година, на трката за големата награда на Франција, кога Пјер Монере победил возејќи Џилера, додека неговиот сонародник Жак Којо бил трет возејќи Нортон.

– Ова беше добро искуство. За среќа имав неколку метри предност во однос на Јохан, но беше навистина одлично што двајцата бевме на подиумот. Кога започнав да ја пеам француската химна ме преплавија емоциите и речиси почнав да плачам, но тој ме насмеа и тоа беше одличен момент за двајцата. Мислам дека можеби е еден од најдобрите моменти во мојата кариера, – рече Фабио Куартараро.

И овој пат првите шестмина мотоциклисти беа во интервал од три секунди, односно: Куартараро, Зарко, Мартин (+1,5), Ринс, Вињалес, Бањаја (+2,6). Со осум секунди задоцнување Морбидели од сателитскиот тим на Јамаха беше на 12 место, а Валентино Роси од истиот тим со 14 секунди зад победникот се најде на 16 место.

– Секоја година има многу нови работи, па не сум сигурен дали мојата форма ќе се подобри на трките во Европа, каде што има неколку добри патеки за мене. На втората трка во Катар успеавме да пронајдеме некои различни штелувања за електрониката што ми овозможија да останам подолго со константен ритам, но тоа беше на утрото пред трката и мојата стартна позиција веќе беше многу лоша. Во овој период сите возачи и мотори се мошне силни, па така ако си десет секунди далеку од победата, тогаш си на петнаесетто место. Мора да сочекаме да дојдат другите трки, почнувајќи од Португалија, за да разбереме дали сме поконкурентни, – изјави деветкратниот светски шампион Валентино Роси.

Од таборот на Дукати имаа филозофски пристап по извозените две трки, затоа што иако имаа две пол позиции, не успеаја да прокнижат победа. Сепак, коментирајќи ја вечната дилема „дали чашата е половина полна или половина празна“, спортскиот директор на тимот од Борго Панигале одбра да биде оптимист.

– Некој ќе рече дека Дукати не освои победа на патека што му одговараше. Но ние заминуваме од Катар со две пол позиции, нов рекорд на патеката, како и четири од шест трофеи на подиумот, а исто така водиме во шампионатот со Јохан Зарко. Секако дека би сакале да победевме барем на една трка, но ако ние не сме среќни, дали другите можат да бидат среќни? Оние што се потпираат на фактот дека Дукати победи во Катар во 2018 и 2019 година со возач како Андреа Довициозо, всушност го игнорираат фактот дека гумите што се користеа тогаш и денес немаат ништо заедничко. Уште во 2020 година на предсезонските тестирања (возени тука), ние видовме дека Довициозо не беше толку конкурентен како порано. Затоа ние сме мошне задоволни со напредокот кој сега го постигнуваме, – изјави Паоло Чиабати.

Франческо Бањаја се најде експониран бидејќи во двете трки покажа поголем капацитет од Џек Милер, кој рака на срце, лани имаше поблескави резултати од него.

– Моите проблеми беа поврзани со шестото стартно место, а дополнително уредот за перфектен старт не работеше како што треба на мојот мотор. Едноставно не бев во можност да го искористам, па мојот старт беше уште полош и се најдов на дванаесетто место по првиот круг. Потоа почнав да ги враќам позициите и мојот ритам беше навистина силен, покажав одлична брзина и успеав да стигнам блиску до водечките. Но, проблемот со самодовербата при возењето на овој мотор испровоцира да направам грешка во првиот свиок, поради што едноставно морам да учам и да се подобрам со гумите затоа што ваква грешка во фабричка екипа едноставно не е прифатлива. Без таа грешка сигурен сум дека ќе бев во борба за една од водечките позиции. Во трката би рекол дека немавме повеќе проблеми отколку што имаа возачите на сателитскиот тим Прамак Дукати, така што овој резултат не е во иста линија со мојот возачки стил, – рече Бањаја.

Актуелниот светски првак Жоан Мир, го критикуваше Милер за нивниот дуел кој се случи во средината од трката, по што тој не беше во состојба да продолжи да ја следи водечката група. Контактот меѓу Мир и Милер се случи во тринаесеттиот круг на свиокот број десет, при борба за петтото место. Стјуардите потврдија дека го разгледале истиот, но дека немало доволно елементи за некој од возачите да биде посочен како предизвикувач на инцидентот, или дека возел опасно, односно прекршил некакво правило. Од друга страна, светскиот првак Жоан Мир има поинакво мислење.

– Тоа што се случи со Џек е дека свиокот број десет беше единственото место каде што можев да го престигнам и бев добро позициониран, но тој продолжи да се брани однадвор и ја задржа надворешната линија. Обајцата се допревме, но јас успеав да го задржам моторот. Тоа беше маневар за кој знам дека е ризичен, но не беше над лимитот, беше океј. Тогаш ја тргнав мојата нога за да се извинам бидејќи не можев да го избегнам судирот. Подоцна во истиот круг, на последниот свиок, јас бев однадвор и видов дека Џек ја помрднува главата како да ме виде. Едноставно отидов до тротоарот, а тој дојде до мене и повторно се удривме. Мислам дека беше многу ризично, мошне опасен маневар и според мене намерен. Ако можете да ги споредите двата моменти каде што во првиот случај возев покрај Алеш Еспаргаро и во вториот случај со Џек Милер, ќе видите дека останав од надворешна страна на патеката и не го удрив. Јас ги почитувам ривалите, но мислам дека Џек не покажа респект во овој случај. Едноставно ова беше истата работа со различни возачи и затоа можете да процените, – протестираше Мир.

Џек Милер не најде за потребно да даде своја верзија на овој настан, па се задржа на фактот дека во финишот на втората трка страдаше од грчеви во подлактиците, поради што едвај ја заврши трката.

– Едноставно веќе не бев способен да маневрирам, да додадам гас, така што делуваше како само да седам качен на моторот, што не е идеално. Најверојатно ќе се обидеме да го решиме ова некако, па ако треба и со операција. Тоа треба да се направи што поскоро, за да имаме брза промена на ситуацијата. Не би сакал да имам уште една ваква трка, иако се беше фантастично до четири круга пред крајот кога престанав да ја чувствувам рачката на предната сопирачка. Ова е нешто што нормално ми се случува на почетокот од сезоната, а потоа само се средува после зимските тестирања, но сега како што одат работите, немаме време да чекаме на тоа, – рече Милер, кој се надева дека ќе остане во игра за титулата и покрај двата пласмани на деветто место.

Веќе во вторникот, односно два дена по оваа изјава дадена на крајот од трката во Катар, Дукати потврди дека Милер е опериран во Барселона, на универзитетската болница „Дексеус“, од страна на официјалниот хирург на светското првенство д-р Хавиер Мир.

 

Пол позиција Најбрз круг во трка
28.03.2021 ГН Катар -Лосаил 1:52.772 (Бањаја,Дукати) 1:54.624 (Вињалес,Јамаха)
04.04.2021 ГН Доха -Лосаил 1:53.106 (Мартин,Прамак) 1:54.491 (Бањаја,Дукати)

 

ЗА ДА СЕ БОРИШ СО ДУКАТИ МОРА ДА СИ ЛУД!

По заминувањето на Роси во сателитскиот тим на Јамаха, Маверик Вињалес ја презема улогата на лидер во фабричкиот тим и ја отвори сезоната со победа, додека на втората трка беше четврти.

– Направивме навистина два одлични резултати и си одиме дома мошне среќни поради нив. На крајот од втората трка, во последните три круга мислам дека возев премногу лудо. Едноставно барав премногу од моторот и следниот пат ќе се обидам да бидам понежен и да го извлечам максимумот во случај ако е потребна борба. За да се бориш со Дукати мора да бидеш агресивен, мора да бидеш луд. Тоа е тоа што јас пробав да го направам, но немав референтна точка за сопирањето, па едноставно сопирав премногу доцна и речиси морав да се борам да избегнам удар со Хорхе Мартин и поради тоа го изгубив местото на подиумот. Но генерално среќен сум бидејќи потенцијалот е тука, се чувствувам одлично, гледам дека тимот работи на коректен начин и недостига уште јас да бидам подобар, – рече победникот на првата трка, Маверик Вињалес.

НОВ ЗРАК НА СВЕТЛИНА

Со трансферот во најсилната категорија од светското првенство Хорхе Мартин се искачи едно скалило повисоко откако се прослави во пониската категорија Мото 3, каде што беше светски првак со Гресини Хонда. Дека е дојден за да продолжи со успесите покажа освојувајќи ја пол позицијата во втората трка, а повеќе од половина кругови беше во водство, но за жал загуби два клучни дуели со поискусните конкуренти.

– Сакам да му го посветам овој подиум на Фаусто Гресини затоа што ова е мој прв подиум во Мото ГП, а тој беше важна личност за мене и ми даде шанса да возам со Хонда во Мото 3 категоријата. Тоа го направи кога јас имав лоши моменти со лош мотор и немав добри резултати, но тој ме повика во неговиот тим и веруваше дека можеме да ја освоиме титулата. Го направивме тоа заедно и навистина ми недостига бидејќи за мене тој беше навистина близок пријател. Го чувствував како дел од семејството и денеска застанав во нивната гаража за да се поздравам со момците од неговиот тим. Што се однесува до трката, мислам дека ни недостигаше малку брзина затоа што кога Фабио ме престигна, јас бев на лимитот за да го следам. На крајот ја загубивме и втората позиција, но сепак сум среќен знаејќи дека ако се обидев да направам нешто во тој момент можевме да се судриме и да предизвикам катастрофа, – изјави Хорхе Мартин, кој заврши на третата позиција.

НАЈАВЕН Е КАМ-БЕК НА МАРК МАРКЕЗ

Репсол Хонда ја потврди долго очекуваната информација од љубителите на мотоциклизмот, обелоденувајќи дека Марк Маркез добил зелено светло за настап на следното гран-при во Мото ГП шампионатот. По ваквата објава на Хонда, со потврда на информацијата излезе и самиот Маркез, кој потенцираше дека ќе биде дел од трката за Големата награда на Португалија која се вози на 18-ти април.

Осумкратниот светски шампион претрпе три операции на раката во изминатите девет месеци и ја пропушти речиси целата ланска сезона, која и онака беше нарушена со промените во календарот поради откажаните трки низ светот поради пандемијата.
– Навистина сум многу среќен. Вчера бев на преглед кај докторите и ми дадоа зелено светло за да се вратам во натпреварувачки ритам. Ова беа тешки девет месеци, со многу подеми и падови, а сега конечно ќе можам да уживам во мојата најголема страст. Се гледаме следната седмица во Портимао, – порача Маркез, кој еден месец претходно направи тест токму на оваа патека, подгревајќи ги шпекулациите за брзо враќање на трките.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.