ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ФРАНЦИЈА ИМАШЕ ЧЕСТ ДА БИДЕ ИЛЈАДИТА ТРКА ОД СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА, НО НАМЕСТО ЛАЖЕН ГЛАМУР И ПОЗИРАЊЕ, ВОЗАЧИТЕ ПРИРЕДИЈА НАТПРЕВАР ЗА ПАМЕТЕЊЕ
Јубилејното гран при од светските првенства во мотоциклизам беше обележано со жестоки дуели кои ја „зачинија“ трката на патеката Ле Ман, во која на крајот славеше Марко Бецеки.
Италијанецот во првите единаесет круга од вкупно 27 во трката беше зад Џек Милер, но од моментот кога го престигна до крајот успеа да направи разлика од нецели пет секунди.
Претходно, на стартот, Марк Маркез успеа да биде побрз од Џек Милер за второто место, па тие двајца ги направија првите неколку круга интересни со менување на позициите, пред Милер да се етаблира како втор, а Пеко Бањаја дојде веднаш зад нив.
Во петтиот круг се судрија Вињалес и Бањаја, за на стартот од шестиот круг Лука Марини да ја загуби управливоста на својот мотор при излезот од еден свиок, обидувајќи се да му се приближи на Бецеки, со што го изненади Алекс Маркез кој беше веднаш зад него, по што дојде до уште еден судир.
Тоа им остави простор на другите, па додека Милер водеше, Бецеки ја бранеше својата позиција од Марк Маркез, но и во тој дуел имаше контакт на осмиот свиок, кој ја уништи трката на Шпанецот. Бецеки продолжи во својата потера до првото место, додека Хорхе Мартин по сите овие излетувања дојде до третото место, а откако ни Џек Милер не стигна до целта, тој го доби пехарот за второпласиран, пред Јохан Зарко.
Ова беше неверојатен ден за мене. Утрово не очекував да имам ваква трка. Вчера за време на спринт трката се чувствував добро на моторот и знаев дека со добар старт можам да постигнам и подобар пласман. Не очекував победа, но ова беше добра трка. Видов дека сум побрз од дечките пред мене. Ме загрижуваше температурата на предната гума, бидејќи со мојот возачки стил ја користам до максимум. Успеав да престигнам и откако се најдов во водство да имам добар ритам, да се чувствувам добро, со што успеав да избегам од другите,- откри победникот, кој коментираше дека уште во спринт трката (на која што заврши седми) увидел дека има можност за подобар пласман и дека има подобри перформанси.
На овој начин Бањаја како лидер во првенството остана на првото место, но сега има само еден бод повеќе од сонародникот Бецеки. – Добро е да се биде блиску до Пеко во овој момент. Искрено, сè уште не размислувам за титулата. Имаме и спринт трки во сабота и главна трка во недела, па многу е лесно да изгубиш сè мошне брзо. Сакам да продолжиме вака, да размислуваме од еден викенд за друг викенд, да уживам во возењето и да работам со дечките од тимот кои се фантастични. Одиме во Муџело, тоа ќе биде убав викенд, рече Бецеки.
Дуелот од петтиот круг во трката, кога излетаа Вињалес и Бањаја е она по што ќе се памети трката за Големата награда на Франција. Шпанскиот мотоциклист зад воланот на Априлија се обиде да ја задржи внатрешната линија во свиокот број 11 на прославената патека во Ле Ман, но имаше преширок излез, по што Италијанецот зад воланот на Дукати се позиционираше одвнатре за следниот, дванаесетти свиок. И двајцата завршија надвор од патеката, во заштитната зона. Реакцијата на Вињалес се состоеше во тоа да отиде до својот ривал, кој сè уште лежеше во песокот и со него да започне расправија околу тоа кој е виновен, при што телевизиските камери уловија и неколку моменти во кои тие си разменија и поттурнувања. Сепак, стјуардите на крајот од денот никому не му изрекоа казна за ниту еден дел од овој инцидент.
Не сум му лут на Маверик, но не ми се допадна неговата реакција бидејќи ја сметам за премногу агресивна. Но кога имаш такво високо ниво на адреналин, сè може да се случи. При судир, било кога си удрен од друг возач или кога ти ќе удриш некој друг, најмногу те боли тоа што си ја уништил сопствената трка или трката на другиот. Поради тоа не сум му лут и гледам на ова како на една несреќна околност, тркачки инцидент, изјави Пеко Бањаја по трката.
Вињалес, кој оваа година веќе беше на подиумот на трката во Португалија, има свое гледање на нештата.
За несреќа, се судривме на најлошото можно место. Мислам дека е штета, бидејќи јас мошне чисто го престигнав и од моја гледна точка, тој можеше да остави малку повеќе простор при промената на правецот. Двајцата си одиме со нула во викенд каде што чувствувавме дека имаме многу поголем потенцијал. Јас немав претстава каде е тој и мислам дека тој можеше да ме види мене малку подобро кога го смени правецот. Секогаш е комплицирано во вакви ситуации бидејќи имаме различни гледишта и сметам дека стјуардите треба да донесат одлука. На крајот, ова е еден тркачки инцидент и ништо повеќе од тоа. Дебатата тука заврши, а одлуката на стјуардите да не изречат никому казна „го аминуваше“ целиот настан. Фокусирањето кон трката во Муџело како нешто што е следно во календарот си дојде природно, но една недела подоцна информацијата дека Бањаја сепак имал повреда од овој дуел, повторно потсети на случката.
Тимот на актуелниот шампион пријави дека една недела по падот, Франческо Бањаја сè уште чувствувал болки иако бил прегледан во Франција. Дополнителните испитувања покажале дека станува збор за „мала делумна скршеница“ на една коска од десното стапало. По ова откритие, Дукати издаде соопштение за медиумите.
Оваа повреда нема да го спречи настапот на Бањаја вo италијанското гран при. Пеко ќе работи напорно за да закрепне и да биде во перфектна кондиција за домашната трка.
Дополнително, се очекува во Муџело да се врати и вториот возач на Дукати, Ениа Бастијанини, кој го повреди рамото на првата трка во Португалија. Неговиот камбек првично се случи на трката во Шпанија, но тогаш се повлече од настапот и појасни дека е повреден.
Ситуацијата на табелата не е неизвесна само по прашање на првото место. Бањаја има 94 бода, следи Бецеки со 93, но уште двајца возачи се во непосредна близина Бред Биндер со 81 и Хорхе Мартин со 80. Доказ за тоа дека овие двајца возачи не треба да се исклучат од пресметките за шампионската титула е и тоа дека обајцата ги имаа првите две места во спринт трката на Ле Ман.
Со три трки во јуни (Италија, Германија и Холандија), ќе биде „расчистена“ првата половина од сезоната, бидејќи претходно беше откажана трката во Казахстан. Јули е „празен“ месец за Мото ГП, по што трките продолжуваат во август со настаните предвидени во Британија и Австрија.